Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по одржаната јавна расправа, на седницата одржана на 3 јуни 1992 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВА Законот за мерките што можат да се преземат заради спречување и отстранување на нарушувањата на тековите на општествената репродукција на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/91).
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.222/91 од 15 јануари 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 61, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 од Уставот на Република Македонија.
4. На седницата и на јавната расправа Судот утврди дека со член 1 став 1 од оспорениот закон се овластува Владата на Република Македонија да презема привремени мерки заради спречување и отстранување на нарушувањата на тековите на општествената репродукција во областа на финансиите и финансиските односи, девизното работење и девизната политика, монетарно-кредитната политика, економско-финансиските односи со другите републики и со странство, наплатата на определени надоместоци и критериумите за нивното распоредување, односите со Федерацијата и други економско-финансиски прашања. Со ставот 2 на овој член е определено дека овие мерки Владата ќе ги презема до донесувањето на системските закони. Според член 2 од Законот за преземените мерки Владата поднесува месечен извештај до Собранието на Република Македонија.
5. На јавната расправа претставниците на Собранието на Република Македонија и на Владата на Република Македонија истакнаа дека Законот има привремен карактер и дека со него не се пренесуваат изречно законодавни овластувања, туку Владата се овластува да презема мерки за извршување на постојните сојузни закони од соодветните области, што се преземени како републички, заради прилагодување на нивното извршување на условите на Републиката.
На јавната расправа беше изнесено и мислење дека Уставот не содржи забрана за Собранието, со закон во зависност од својата оценка за потребата од поголема ефикасност во остварувањето на соодветните односи, на Владата да и довери вршење на работите од неговата надлежност. Исто така, беше изнесено и мислење дека член 4 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија може да биде основ за отстапување од редовниот начин на постапување на органите на Републиката, па во тие рамки и на Владата, која, иако со оваа одредба не е изречно овластена, може со свои привремени мерки да уредува односи од законодавната надлежност односно со кои времено може да се супендираат одделни законски решенија.
6. Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок во Републиката е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Според член 61 од Уставот, Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и е носител на законодавната власт во Републиката, а според член 68 став 1 алинеја 2, тоа донесува закони и дава автентично толкување на законите. Владата на Република Македонија, согласно член 88 од Уставот, е носител на извршната власт и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите. Според член 91 од Уставот, Владата ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони, републички буџет и донесува прописи за извршување на законите.
Според член 126 став 1 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба, Владата, во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила. Според став 2 на овој член, ова овластување на Владата трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.
Според член 4 став 2 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија доколку не се склучи договор со другите републики за правното наследство на СФРЈ и за меѓусебните односи, правното наследство и меѓусебните односи на Република Македонија со другите суверени држави од СФРЈ се утврдуваат согласно со општите правила на меѓународното право. Според член 5 став 1 постојните сојузни прописи се преземаат како републички со надлежностите на органите утврдени со Уставот на Република Македонија.
Од наведените уставни одредби произлегува дека основен принцип во организацијата и вршењето на власта е поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, со што се исклучува можноста со акти на носителите на одделните функции на власта да се менуваат со Устав утврдените односи во рамките на општото постулирање на принципот на поделба на власта и на посебните облици на неговото остварување. Во тие рамки, вршењето на законодавната функција не е само право, туку и обврска за Собранието, која не може, надвор од случаите утврдени во Уставот, со закон да се пренесува ниту на еден друг орган во уставниот систем, па во таа смисла, ниту на Владата. Регулативната функција на Владата на Република Македонија, како носител на извршната власт, е ограничена само на донесување уреди и други прописи и општи акти за извршување на законите и другите прописи на Собранието, а изворно може да уредува општествени односи само при постоење на воена или вонредна состојба, за чие прогласување и престанување одлуки донесува Собранието односно Претседателот на Републиката.
Тргнувајќи од тоа дека односите во областите во кои со оспорениот закон Владата се овластува да презема привремени мерки (финансиите, девизното работење и девизната политика, монетарно-кредитната политика и економско-финансиските односи со странство) во најголем дел се уредени со сојузни закони, кои, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се преземаат како републички, како и со оглед на тоа што овластувањето на Владата да ги презема тие мерки важи до донесувањето на републичките системски закони во тие области, Судот смета дека мерките на Владата за чие преземање се овластува со оспорениот закон можат да преставуваат начин на привремено изворно уредување на соодветните односи како материја на идните републички системски закони во тие области. Оттука, според мислењето на Судот, содржината на наведеното овластување на Владата не е ограничена само на извршување на законите и на утврдување на политиката на нивното извршување, туку може да значи и овластување, до донесувањето на соодветните републички системски закониј, за поинакво уредување на односите во тие области. Ова дотолку повеќе што за извршување на сојузните закони што се преземени како републички не е потребно посебно овластување за Владата на Република Македонија што би се утврдувало со закон, затоа што таквото овластување произлегува од член 5 став 1 од Уставниот закон за спроведување на Уставот.
Судот, понатаму, смета дека единствена уставна основа за привремените законодавни овластувања на Владата во услови на вонредни околности се одредбите на член 126 од Уставот, за чие активирање неопходен услов е одлука на Собранието односно на Претседателот на Републиката. Во таа смисла, наведениот член 4 став 2 од Уставниот закон има преоден карактер и ги утврдува правните извори за решавање на меѓусебните односи на републиките во врска со правното наследство на СФРЈ. Според мислењето на Судот, оваа одредба од Уставниот закон не може да се толкува надвор од наведените односи и да и се дава карактер на основа за востановување на посебен вид вонредни околности, па, според тоа, ни како основа за овластување на Владата да донесува уредби со законска сила.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека со оспорениот закон, преку давањето овластување на Владата да презема привремени мерки, што не го исклучува и овластувањето за уредување на односите во наведените области, всушност врз Владата се пренесува дел од законодавната функција на Собранието надвор од уставно утврдените случаи и услови, поради што тој не е во согласност со наведените уставни одредби.
Поради тоа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.