Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, по спроведената јавна расправа, на седницата одржана на 27 мај 1992 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ точката 1, освен во делот што се однесува на овластувањето за вршење ознака за сеча, точката 3, точката 5, освен во делот што се однесува на тгрошоците за извршената ознака и точките 7 и 8 од Овластувањето бр.09-2765/1 на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје, донесено на 12 септември, со измените и дополнувањата од 15 октомври 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.188/91 од 25 март 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на одредбите од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Законот за шумите.
4. На јавната расправа и на седницата Судот утврди дека со оспорениот акт се овластува претпријатието за стопанисување со шуми да врши определени работи во шумите на кои постои право на сопственост, меѓу кои да врши премер и жигосување на исеченото дрво, издавање испратница за превезување и пренесување на дрво и заштита на шумите на територијата на Општината (точка 1); да води евиденција за состојбата на шумата, видот и об емот на извршените сечи и извршените одгледувачки работи (точка 3). Според точка 5 од Овластувањето трошоците за извршената ознака, премер, жигосување, пропратна документација и заштита на шумите ги сносат сопствениците на шумите, а според точка 7 одредбите на точките 4, 5 и 6 на ова овластување се донесуваат и за дрво исечено вон шума, на меѓни стебла, дрвореди и изолирани групи на шумски дрвја на површини од 2 ари. Согласно точка 8 од Овластувањето висината на надоместокот за проста репродукција на шуми на кои постои право на сопственост за 1991 година изнесува 40,00 динари по метар квадратен за огревно дрво и 80,00 динари по метар квадратен за техничко дрво.
5. Според член 3 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/74, 15/86, 51/88, 20/90 и 37/91) шумите и шумското земјиште се добро од општ интерес и уживаат посебна заштита определена со овој закон.
Според член 7 став 3 од Законот со шумите на кои постои право на сопственост стопанисуваат нивните сопственици. Согласно член 35 од Законот сопствениците на шуми што стопанисуваат со шумите се должни да го прилагодуваат начинот на стопанисување на условите на средината, биолошките особености на видовите на дрвја и на состојбата на тие шуми; да вршат редовно обновување на сечиштата; да го потпомагаат природното обновување на шумите со шумско-одгледувачки и други мерки; да применуваат мерки за нега (чистење и прореди) и за заштита на шумите; да внесуваат четирани волисјарските шуми; да ги преведуваат ниските шуми во високи шуми; да пошумуваат стари сечишта, пожаришта, површини оголеми и загрозени од природните фактори, растителните болести и други причинители; да преземаат и други работи и мерки во согласност со шумскостопанските основи, програмите за унапредување на шумите и актите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за стопанисување со шумите на кои постои право на сопственост.
Според изменетиот став 1 на член 32 од Законот со шумите, на кои постои право на сопственост се стопанисува врз основа на критериумите за извршување на сечите и работите на одржувањето и унапредувањето на шумите утврдени со одлука на Министерството. Согласно член 32 став 2 од Законот сечата на шуми на кои постои право на сопственост се врши врз основа на одобрение, со кое сопственикот на шумта се обврзува да изврши и определени работи на одржување и унапредување на шумата, сразмерно на обемот и видот на одобрената сеча. Според член 32 став 3 од Законот решение за одобрение на обемот на сеча и на видот и обемот на работите за одржување и унапредување на шумите, согласно утврдените критериуми од став 1 на овој член, донесува Министерството. Согласно член 32 став 4 од Законот со решението од претходниот став се одредува и местото, видот, обемот, рокот и начинот на извршување на работите.
Во изменетиот став 1 на член 38 од Законот е пропишано дека озн ака за сеча во шума, на која постои право на сопственост, врши Министерството односно организацијата што стопанисува со шуми што тоа ќе ја овласти. Под ознака за сеча, според член 37 став 1 од Законот, се подразбира вршење претходно одбирање и одбележување на стеблата за сеча. Според член 38 став 2 од Законот со актот за овластување од став 1 на овој член се утврдува подрачјето на кое организацијата ќе врши ознака за сеча, видот на работите и висината на надоместокот на трошоците за извршените работи. Согласно член 38 став 3 од Законот трошоците за ознака за сеча од став 2 на овој член ги сноси сопственикот на шумата.
Во изменетиот член 34 од Законот е пропишано дека Министерството е должно извршените сечи и извршените работи на одржување и унапредување на шумите со кои стопанисуваат сопствениците да ги евидентира по вид, обем и место најдоцна до 31 март наредната година од нивното извршување. Согласно членовите 13 и 90 од Законот со цел за евиденција на состојбата и промените во шумите, Министерството востановувас и води катастар на шумите.
Според изменетиот став 1 на член 52 од Законот за одржување и унапредување на шумите на кои постои право на сопственост се грижи Министерството односно организацијата што стопанисува со шуми што тоа ќе ја овласти. Согласно член 52 став 2 од Законот под одржување и унапредување на шуми се подразбира пошумување на сечиштата; нега на шумите и културите; подобрување состојбата на дрвниот фонд (конверзија и интродукција); како и заштита од пошар, штетни инсекти и растителни болести.
Во изменетите ставови 1 и 2 на член 73 од Законот е пропишано дека дрвото исечено во или вон шумата мора да биде жигосано и обезбедено со испратница пред да се превезува или пренесува, а во став 3 на овој член е пропишано жигосувањето и издавањето на испратницата на дрво произведено во и нов шума, на кои постои право на сопственост, да го врши Министерството.
Во изменетиот став 3 на член 74 од Законот е предвидено сопствениците на шума да можат да продаваат дрво, дрвни сортименти и производи од дрво врз основа на одобрение на Министерството, во кое се утврдува количеството на дрвната маса (по вид и сортименти) која може да се продаде.
Според изменетиот став 4 на член 84 од Законот сопствениците на шуми плаќаат надоместок во висина од 15% од вредноста на исечената нето дрвна маса пресметана по пазарни цени на дрвото во тековната година според статистички податоци. Согласно член 84 став 5 од Законот средствата од став 4 на овој член се користат за проста репродукција на постојните шуми.
Од изнесените законски одредби произлегува дека за шумите, како добро од општ интерес, се обезбедува посебна заштита и се утврдува начинот на нивното користење. Понатаму, дека за одржувањето и унапредувањето на шумите на кои постои право на сопственост, се грижи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство односно организацијата што стопанисува со шуми што Министерството ќе ја овласти, за што сопствениците на шумите плаќаат надоместок во висина од 15% од вредноста на исечената нето дрвна маса, а сопствениците на шумите можат да ја користат шумата под услови, на начин и во постапка уредени со Законот за шумите. Исто така, заради одржување и унапредување на шумите, на кои постои право на сопственост, Законот пропишал дека определени овластувања се во надлежност на Министерството, за кои тоа нема законски овластувања да ги пренесе (да ги определува критериумите за користење на шумите, на кои постои право на сопственост, да одобрува сеча, да издава решение за извршување на сеча-член 32; да ја евидентира извршената сеча и извршените работи на одржување и унапредување на шумите-член 34; да врши жигосување и издавање на испратницата за дрво произведено во и вон шума-член 73; да одобрува продажба на дрво, дрвни сортименти и производи од дрво од страна на сопствбениците на шумите – член 74) и дека определени работи Министерството е овластено да ги пренесе на организација што стопанисува со шуми (да се грижи за одржувањето и унапредувањето на шумите-член 52; да врши ознака за сеча на шумите-член 38 став 1).
Со оглед на тоа што во точките 1, 3 и 7 од Овластувањето се предвидува организацијата што стопанисува со шуми да врши и работи кои според Законот Министерството не може да ги пренесува на организацијата што стопанисува со шумите, Судот оцени дека тие одредби не се во согласност со членовите 34 и 73 од од означениот закон. Исто така, со оглед на тоа што во точките 5 и 8 од Овластувањето на поинаков начин се уредуваат определени прашања уредени со Законот, Судот утврди дека тие одредби не се во согласност со член 38 став 3 и член 84 став 4 од Законот за шумите.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.