У.бр.56/1991-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 112 од Уставот на Република Македонија и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 13 мај 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 18 од Правилникот за правата на инвалидите на трудот со преостаната работна способност на работниците во Дрвно-индустрискиот комбинат “Црн Бор” во Прилеп, донесен од Работничкиот совет на 28 септември 1985 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Коминатот на начин предвиден за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.56/91 од 29 јануари 1992 година, поведе постапка за оценување законитоста на член 18 од правилникот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека во оспорениот член 18 став 1 од Правилникот е предвидено надоместокот поради помал личен доход да се определува во висина на разликата помеѓу просечниот личен доход остварен по час во годината која и претходи на годината во која настанала инвалидноста за работа со полно работно време, зголемен со процентот на порастот на личните доходи на сите работници во наредните години за годината за која се определува разликата и просечниот личен доход по час што го остварил работникот на новите работи и работни задачи, на кои е распореден по станувањето на инвалидноста. Разликата на личниот доход според став 2 на овој член се утврдува во почетокот на годината за минатата година според личниот доход утврден со завршната сметка, а потоа разликата во висината на личниот доход по час утврден во став 1 и 2 на овој член се моножи со вкупниот број часови што работникот ги поминал на работа во годината.

5. Според член 37-б точка 5 од Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување (“Службен лист на СФРЈ” бр.23/82, 77/82,75/85, 8/87, 89/89 и 44/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички, осигуреникот кај кого постои преостаната способност има право на надоместок поради помал личен доход од другата соодветна работа. Согласно член 37-ѓ паричниот надоместок од член 37-б точка 5 се определува во висина на разликата помеѓу валоризираниот просечен месечен личен одоход што осигуреникот го остварил во годината на осигурувањето, која и претходи на годината во која настанала инвалидноста и просечниот месечен личен доход што тој го остварува на друга работа, на која потоа е распореден односно вработен.

Согласно член 34 став 1 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на СРМ” бр.18/83 и 4/89) осигуреникот со преостаната работна способност кај кого е утврдено дека не е способен да ја врши својата работа со полно, ниту со помалику од полно работно време, а е способен да врши друга соодветна работа со полно работно време, има право на распоредување на други соодветни работи и работни задачи. Согласно член 37 став 3 од овој закон, пак, осигуреникот кој е распореден на други соодветни работи и работни задачи има право на паричен надоместок во висина на разликата меѓу чистиот личен доход што би го остварил на поранешните работи и работни задачи и чистиот личен доход што го остварил на работите на работните задачи на кои е распореден.

Од изнесените законски одредби произлегува дека работникот со намалена работна способност, користејќи го правото на распоредување на други работи и работни задачи, има право и на паричен надоместок кој треба да обезбеди работникот да не трпи материјални последици од настанувањето на инвалидноста односно од распоредувањето на друго работно место по тој основ, на кое со преостанатата работна способност не може да ги постигне оние резултати во работата што ги постигнувал на работното место пред настанувањето на инвалидноста.

Со оглед на тоа што со оспорениот член од Правилникот разликата на личниот доход се пресметува според просекот на личните доходи на сите работници, а не се определени елементите кои овозможуваат утврдување на личниот доход на работникот со преостаната работна способност што би го остварил на поранешната работа, Судот утврди дека со тоа не се обезбедува работникот да не трпи материјални последици од настанување на инвалидноста, поради што оцени дека оспорената одредба не е во согласност со означените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.