Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 6 мај 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување законитоста на Спогодбата за преземање на вработени и опрема помеѓу Централното основно училиште “Братство-Единство” во Охрид и Работната организација за згрижување и воспитание “Јасна Ристеска” во Охрид, склучена на 11 ноември 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива со барање Судот да поведе постапка за оценување законитоста на спогодбата означена во точката 1 од ова решение, затоа што со неа бил нарушен статусот на воспитувачите кои работеле со забавишните групи во Основното училиште и нивниот работен однос во Училиштето насилно им бил трансформиран во работен однос во Детска градинка, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената спогодба е определено вработените и опремата од забавишните групи во Централното основно училиште “Братство-Единство” да бидат преземени со сите права, обврски и одговорности од Работната организација за згрижување и воспитание “Јасна Ристеска” во Охрид.
4. Разгледувајќи го барањето, Судот утврди дека не е надлежен да одлучува по него, затоа што оспорената спогодба не претставува општ правен акт во смисла на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, туку договор помеѓу означените организации.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.