Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 6 мај 1992 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ точка 1 подточка 1 и точка 11 од Одлуката за измени и дополнување на Правилникот за распределба на станови на работниците во Претпријатието во општествена сопственост “Дом на културата” во Битола, донесена од Работничкиот совет на 2 ноември 1991 година.
2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во Домот на културата на начин предвиден за објавување на општите акти.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.197/91 од 17 февруари 1992 година, поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од одлуката означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со Уставот и со закон.
4. На седницата Судот утврди дека во точка 1 подточка 1 од Одлуката е определено како членови на семејното домаќинство на работникот да не се сметаат лицата кои формирале посебно семејно домаќинство иако не се во работен однос односно не остваруваат приход. Во точка 11 од Одлуката е предвидено таа да се применува веднаш по донесувањето.
5. Согласно член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.
Според член 9 став 2 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88 и 1/90) како членови на семејното домаќинство на носителот на станарското право се сметаат брачниот другар, децата на носителот на станарското право и на неговиот брачен другар, внуците кои од своето раѓање живееле со носителот на станарското право, како и лицата кои носителот на станарското право според законот е должен да ги издржува односно лицата кои според законот се должни да го издржуваат носителот на станарското право, а кои заедно со него живеат трајно.
Од означената законска одредба произлегува дека кругот на семејното домаќинство е утврден со закон и истиот не може да се менува со општ акт на организациите.
Со оглед на тоа што во точка 1 подточка 1 од Одлуката на поинаков начин е определен кругот на семејното домаќинство од начинот што е пропишан со член 9 од Законот за станбени односи, Судот оцени дека таа не е во согласност со означената одредба од законот.
6. Со оглед на тоа, пак, што со точка 11 од Одлуката е предвидено таа да влезе во сила со денот на донесувањето, а не по објавувањето, Судот оцени дека таа не е во согласност со член 52 од Уставот на Република Македонија.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.