У.бр.27/1992

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 15 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за заштита на правото на одговор во средствата за јавно информирање, поднесено од Партијата на човековите права на Македонија од Струмица.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесено барање за заштита на правото на одговор во средствата за јавно информирање, затоа што во весниците “Нова Македонија” и “Република” не биле објавени одговорите на Партијата на човековите права на Македонија на определени написи печатени во овие весници, со што било повредено уставното право на одговор предвидено во член 16 став 4 од Уставот на Република Македонија.

3. Разгледувајќи го барањето, Судот на седницата утврди дека според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Со оглед на тоа што барањето на подносителот не се однесува на заштита на овие уставни права и слободи, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува по него, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.