177/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 8 април 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 35, 42, 50 и 54 точка 1 алинеја 3 од Правилникот за основите и мерилата за решавање на станбените потреби на работниците во поранешната Основна организација на здружен труд “Електромакедонија”, во состав на Работната организација “Електростопанство на Македонија”, донесен со референдум на 10 мај 1989 година, а согласно член 221 од Статутот на Јавното претпријатие усвоен како акт на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” во Скопје.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што во членовите 35 и 42 двојно се вреднувало времето за чекање за решавање на станбеното прашање, што во член 50 биле предвидени бодови ако брачниот другар бил вработен во организацијата и што во член 54 било предвидено работниците како доказ при конкурирањето да достават заверен договор за закуп, што не било во согласност со Уставот и со закон.
3. На седницата Судот утврди во член 35 од Правилникот е предвиден и вреднуван основот степен на станбена загрозеност во зависност од времето поминато во определен станбен статус и површината на станот, а во членот 42 од Правилникот е утврден и вреднуван основот време на чекање за решавање на станбеното прашање. Во член 50 е предвидено зголемување на бодовите доколку во организацијата е вработен и брачниот другар на работникот за уште 30% од максималниот број бодови што би ги добил. Во член 54 е предвидено, покрај другите докази при конкурирањето, работникот да приложи и заверен договор за закуп.
4. Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните се еднакви пред Уставот и законот, а согласно член 32 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се утврдуваат со закон и колективен договор.
Според член 42 и 43 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.48/88 и 1/90) давателот на станот со општ акт ги утврдува условите, начинот и постапката за доделување станови на користење, како и критериумите за утврдување на редот на првенство за добивање стан на користење.
Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека е право на организацијата со општ акт да утврди кои околности ќе ги предвиди како релевантни за утврдување редот на првенство за доделување стан на користење. Притоа, Судот смета дека со вреднувањето на времето на чекање за решавање на станбеното прашање и времето поминато во определен станбен статус, како и зголемено вреднување на станбените потреби на работниците кои се брачни другари, не се повредува принципот на еднквост, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со означените уставни и законски одредби..
Од изнесените законски одредби, исто така, произлегува дека е право на организацијата да ги утврди основите и мерилата за определување редот на првенството за доделување стан и, во рамките на законот, да утврди на кој начин ќе се докажуваат определени факти, поради што Судот смета дека предвидувањето на заверен договор за закуп како доказ за определен станбен статус не е во несогласност со означените законски одредби.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.