Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 25 март 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 20 точка 1 став 2 од Правилникот за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците од Општественото претпријатие “Треска-Копачка” во Кичево, донесен со референдум на 19 јуни 1987 година.
2. СЕ ОТФРЛА барањето за определување правилна примена на одредбата од правилникот означен во точката 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одредбата од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со неа се предвидувал основ за доделување стан на користење кој не бил во согласност со закон. Исто така, побарано е Судот да ја определи правилната примена на оспорената одредба од Правилникот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 18 од Правилникот како критериуми за определување редот на првенство за доделување стан на користење се предвидени степенот на станбена загрозеност, работниот придонес, пензискиот стаж, материјалната положба, здравствената состојба, бројот на членовите на семејството, вработеноста на двајца брачни другари во Претпријатието и крводарителството. Понатаму, Судот утврди дека во оспорената одредба од Правилникот е предвидено работникот кој живе во населено место оддалечено над 8 км. од седиштето на Претпријатието, а нема организирано превозно средство од страна на Претпријатието, по основот степен на станбената загрозеност да добива определен број бодови.
Во член 52 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90) и член 42 од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73, 14/75, 27/86, 21/89 и 11/91) е предвидено работниците да ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределбата според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт односно со колективниот договор.
Од изнесените законски одредби произлегува дека организацијата има право со општ акт да ги утврди основите и мерилата за распределба на средствата за решавање на станбените потреби на работниците, при што е должна со нив да ги изрази трудот и солидарноста.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот се предвидува основ односно критериум со кој се изразува солидарност, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означената законска одредба, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Што се однесува до барањето за определување правилна примена на оспорената одредба од Правилникот, Судот утврди, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за тоа, поради што одлучи како во точката 2 од ова решение.