210/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 и 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 март 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на
а) Правилникот за работни односи, донесен од Работничкиот совет на Основната организација на здружениот труд за производство на јаболка со поледелство “Производство со ладилник”, во состав на Земјоделско-индустрискиот комбинат “Тетиво” во Тетово, на 5 декември 1987 година;
б) Систематизацијата на работни места (работни задачи), донесена од Работничкиот совет на означената основна организација на 22 јули 1986 година;
в) Одлуката бр.02-1658 на Работничкиот совет на означената основна организација од 31 август 1988 година, и
г) Одлуката РО бр.2-165/90, донесена од Основниот суд на здружен труд Скопје и одлуките РОЖ 247/90 и РОЖ 417/91, донесени од Судот на здружениот труд на Македонија.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, при што не се наведени причините за оспорување на правилникот означен во точката 1 под а) од ова решение. Правилникот означен во точкат 1 под б) се оспорува затоа што бројот на извршители на работните задачи работници на технолошки линии за производство, преработка и пакување бил погрешно утврден, што не било во согласност со законот, додека одлуките означени во точката 1 под в) и г), не биле во согласност со Законот за работните односи.
3. На седницата Судот утврди дека со решение на Окружниот стопански суд во Скопје бр.1906/89 од 22 декември 1989 година, во означениот Земјоделско-индустриски комбинат е извршена реорганизација, со тоа што е избришана од судскиот регистар основната организација на здружениот труд за производство на јаболка и поледелство “Производство со ладилник”, со што престанале да важат актите означени во точката 1 под а) и б) од ова решение.
Со оглед на тоа што оспорените акти престанале да важт во 1989 година, а иницијативата е поднесена на 4 декември 1991 година, Судот утврди дека нема процесни претпоставки да постапува по иницијативата.
4. На седницата Судот, разгледувајќи ја иницијативата за оценување уствноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 под в) и г) од ова решение, утврди дека не е надлежен да одлучува за тоа, што со неа не се бара оценување уставноста и законитоста на пропис или поединечен акт во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.