133/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки на седницата одржана на 4 март 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на членовите 180, 186,189, 193, 243, 244, 245, 246 и247 од Статутот на Акционерското друштво “Енергоинвест-11 Октомври! во Прилеп, донесен од Собранието на друштвото на 19 август 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на членовите означени во точката 1 од ова решение, затоа што покрај органите на акционерското друштво утврдени со закон биле формирани и акционерски одбори и што при нивното избирање биле направени пропусти, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 180 од Статутот, покрај собранието и управнот одбор е предвидено да се формираат и одбори на акционерите, а според член 186, Собранието го сочинуваат и претставници на одборите на акционерите кои се избираат според вкупниот број на акции кои ги застапуваат, а врз основа на полномошната на интерните вложувачи кои се одлучиле за такво застапување.
Во член 189 е предвидено дека одборите на акционерите се формираат од акционерите на друштвото, а според член 193 одборите на акционерите се формираат слободно според желбата на акционерите кои ги формираат. За своите одлуки акционерите го известуваат генералниот директор, претседателот на управниот одбор и претседателот на Собранието на акционерското друштво.
Судот утврди дека според одредбите од членовите 243-247 од Статутот одборите се формираат слободно според желбата на акционерите кои ги застапуваат интересите на акционерите во собранието. Одборот на акционерите се избира со тајно или јавно гласање на собир на акционерите соодветно на акциите. Одборот на акционерите брои 7 члена, кои ги избира собирот на акционери за определен временски период.
Според член 247 од Статутот акционерскиот одбор ги застапува интересите на акционерите во собранието и во акционерското друштво, посредува при продажбата и купувањето на акции меѓу вработените работници во друштвото и надвор од него, го организира денот на берзата односно размена и купопродажба на акции за своите акционери, овозможува купување акции на нововработени работници и врши други работи.
4. Согласно член 120 став 1 од Законот за претпријатијата органи на акционерското друштво се собранието и управниот одбор. Според член 122 став 1 од Законот во собранието на претпријатието од мешовита сопственост право на глас имаат сопствениците сразмерно на височината на вложениот капитал ако со статутот односно со правилата не е определено поинаку, а според член 123 собранието ги донесува статутот односно правилата на претпријатието, програмата за работа и планот за развој на претпријатието, ја утврдува деловната политика, одлучува за распределба и употреба на добивката и за покривање на загубите, донесува годишна пресметка на претпријатието, ги назначува и разрешува членовите на управниот одбор, одлучува за статусни промени на претпријатието и за промената на формата на претпријатието, за зголемувањето и намалувањето на основната главница на претпријатието, за престанок со работа на претпријатието во мешовита сопственост, како и за другите прашања предвидени со статутот односно со правилата на претпријатието. Управниот одбор на претпријатието, пак, согласно член 127 од Законот, го назначува и разрешува директорот, ги донесува плановите и програмите за работа и општите акти на претпријатието, освен тие што ги донесува собранието, односно работничкиот совет, ги подготвува предлозите на собранието и ги извршува неговите налози, им дава упатства и насоки за работа на директорот, на работниците со посебни овластувања и на другите лица во работен однос и се грижи за уредна и навремена изработка на периодичните извештаи и на годишната пресметка.
5. Од изнесените законски одредби произлегува дека со законот се утврдени органите што задолжително се формираат во акционерското друштво, но, според мислењето на Судот, не постојат законски пречки да се формираат и други органи на кои неможе да им се определат надлежности, што со закон се утврдени за собранието на управниот одбор.
Со оглед на тоа што во означените одредби од Статутот е предвидено формирање на акционерски одбори и е утврдена нивната надлежност без да се преземаат надлежности определени со закон за собранието и управниот одбор, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со означените законски одредби.
6. Што се однесува до наводите за пропустите при изборот на акционерските одбори, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за тоа прашање.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.