У.бр.44/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 5 февруари 1992 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) Одлуката за мали измени во Деталниот урбанистички план на град Струга за УЕ-3, УЕ-5 и УЕ-6, донесена од Собранието на Општината Струга на 16 мај 1980 година, во делот што се однесува на УЕ-6 и
б) Заклучокот за исправка на грешка во Одлуката означена под а) од оваа точка на одлуката, донесен од Собранието на Општината Струга на 8 мај 1990 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во “Службен гласник на Општина Струга.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.44/91 од 11 декември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за нивната согласност со закон.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се менува деталниот урбанистички план во делот за КП.бр.2458 и 2469, со тоа што намето семејна станбена зграда се предвидува изградба на објектот на Одделението за внатрешни работи во Струга, а со оспорениот заклучок се менува бројот на катастарските парцели наведени во оспорената одлука за УЕ-6, при што се додаваат и други катастарски парцели (КП.бр.1140, 1141, 1144 и 1150). Притоа Судот утврди дека за овие измени на урбанистичкиот план одлучило Собранието на Општината Струга без јавен увид односно јавна расправа.

5. Според член 29 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на СРМ” бр.15/73, 20/73 и 45/77), кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, просторните и урбанистичките планови во сите фази на изработувањето задолжително се ставале на јавен увид. Според член 34 од овој закон, по исклучок, измени и дополнувања на плановите за реализација од помал обем (измена на габаритот, доградба и надградба, измена на намена на објектот и нивелациона и регулациона линија) можеше да се вршат врз основа на пропис на општината, што се донесуваше едновремено со планот за реализација.

Законот, врз основа на кој е донесена оспорената одлука, престанал да важи, а во член 31 став 2 од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/85, 18/89 и 38/90), е пропишано нацртот на урбанистичкиот план задолжително да се става на јавна расправа, која според ставот 4 на овој член се спроведува со излагање на плановите најмалку 15 дена во соодветна просторија на месната заедница, а забелешките на граѓаните и другите заинтересирани субјекти се доставуваат до органот надлежен за работите на урбанизмот во писмена форма, во рок од 15 дена од денот на завршувањето на расправата.

Од изнесените законски одредби произлегува дека и во време на донесувањето на Одлуката и во време на нејзиното оценување постоела обврска за надлежните органи да ги запознаат граѓаните за измените на урбанистичкиот план и право на граѓаните да ги изнесат своите забелешки по предложените решенија.

Во конкретниов случај, со оспорените акти наместо семејна станбена зграда се предвидува објект не само со различна намена, туку и на поголема локација, поради што Судот смета дека, без оглед на тоа што одлуката е насловена како одлука за мали измени, а со Заклучокот се вршат исправки, всушност се врши измена на урбанистичкиот план, која морала да биде донесена по постапка пропишана со законот за донесување на урбанистичките планови односно измената да се стави на јавен увид.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека оспорените акти не се во согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.