Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 22 јануари 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 250 од Законот за предучилишното воспитание и образование (“Службен весник на СРМ” бр.19/83 и 29/83 и “Службен весник на Република Македонија” бр.40/91).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 250 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се повредувало начелото за достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, што не било во согласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 250 од Законот индивидуалниот работоводен орган, односно претседателот на колегијалниот работоводен орган во организацијата за згрижување и воспитание, односно во основното училиште, доколку работите дозволуваат, покрај работите од неговиот делокруг, може да ги врши и работите на наставник во обем и на начин како што е утврдено во статутот на училиштето.
4. Согласно член 32 став 2 од Уставот на Република Македонија секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Имајќи ги предвид изнесените одредби, Судот смета дека законодавецот, во случајов, му дава слобода односно можност на секое училиште стамостојно да цени кога работите дозволуваат директорот да може да врши и работи на наставник односно препушта обемот и начинот на тие работи да се утврдат со општ акт на училиштето, што, според мислењето на Судот, не значи ограничување на можноста на кандидатите да конкурираат за директор на училиштето.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.