Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 22 јануари 1992 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 6 став 1 алинеја 6 од Законот за привремени мерки за данокот на промет на производи и услуги(“Службен лист на СФРЈ” бр.4/91).
2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на поединечните акти на Службата за општествено книговодство-Филијала Скопје, за наплата на данок на промет на градежен материјал во смисла на член 6 став 1 точка 6 од Законот означен во точкат 1 од ова решение.
3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што ги доведувал станбените задруги и нивните членови во нееднаква пложба при набавка на градежен материјал во зависност од тоа дали е наменет за изградба на објекти на територијата на општината односно градот на која е основана задругата или во друго место, со што се повредувал уставниот принцип на еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законот, како и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот и слободата на настанувањето.
Во иницијативата, исто така, се бара Судот да нареди запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на оспорената законска одредба, до донесување конечна одлука.
4. На седницата Судот утврди дека според оспорениот член 6 став 1 алинеја 1 од Законот, кој, според член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, како промет на производи што служи за крајна потрошувачка не се смета, а со тоа и не претставува основ за плаќање данок, продажбата на градежен материјал на станбената задруга за изградба на станови, односно на станбени згради за потребите на нејзините членови-задругари, што се изградуваат според одобрениот проект на подрачјето на општината односно на градот на која е основана задругата. Под станбена задруга, во смисла на оваа законска одредба, се подразбира станбената задруга која е регистрирана во согласност со законот, со кој се уредува основањето на задруги и која не остварува и не распределува добивка, а која во својот состав има непосредно организирана градежна оператива или стручна служба за следење на изградбата и надзор над изградбата на објектот, за водење на даночната евиденција, за набавката, движењето и потрошувачката на градежниот репродукционен материјал за изградба на градежни објекти.
Согласно член 33 од Уставот на Република Македонија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон. Согласно челн 55 став 2 од Уставот Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, а согласно член 9 став 2 од Уставот граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека е право на законодавецот да ги уреди начинот, условите и другите субјекти, како и нивната висина, даночните ослободувања и олеснувања, на што може да влијаат и определени цели на фискалната и економската политика, која се остварува и преку даночниот систем и неговото стимулативно или дестимулативно дејство на определени категории обврзници според нивната правна, економска или друга положба.
Оттука, Уставниот суд на Република Македонија смета дека е право на законодавецот да определи дали продажбата на градежни матеијали на задругата за потребите на задругарите ќе се смета како промет што служи за крајна потропшувачка, за да ги ослободи субјектите на тој промет од било какви даночни обврски или не. Според мислењето на Судот, не се создава нееднаквост помеѓу задругарите, ни помеѓу задругите, ако законодавецот преку оспорената одредба го стимулира основањето и зачленувањето во станбени задруги заради задоволување на потребите за станбена изградба на едно подрачје, при што граѓанинот секогаш има можност да основа или да се зачлени во задруга на подрачјето на кое сака да гради и на тој начин да ја користи погодноста од оспорениот член од законот. Ова поради тоа што според членовите 1 и 4 и член 13 став 2 од Законот за станбените задруги (“Службен весник на СРМ” бр.46/92) и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.277/86 (“Службен весник на СРМ2 бр.50/87) станбените задруги се основаат заради задоволување на личните и семејните потреби на членовите на задругата, која во своето работење не остварува доход, а граѓаните можат да бидат членови, односно основачи на станбена задруга во секое место, независно од местото на нивното живеалиште.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Законот само се стимулира станбената изградба преку станбени задруги на определено подрачје и се однесува на сите субјекти кои што вршат станбена изградба под условите утврдени со законот, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со означените уставни одредби.
5. За законитоста на поединечните акти на Службата за општествено книговодство-Филијала Скопје, за наплата на данок на промет во смисла на оспорениот член 6 став 1 точка 6 од Законот, Судот, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува.
6. Во однос на барањето Судот да нареди запирање на извршувањето на поединечните акти донесени врз основа на основи на оспорениот член од Законот, Судот смета дека нема основи за преземање такви мерки.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.