154/1991-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 26 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 5 став 3 од Правилникот за условите, начинот и постапката за продажба на станови во сопственост на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија”, донесен од Работничкиот совет на 27 мај 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 5 став 2 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било предвидено при купувањето на општествените станови на рати, да се очаа и сопствено учество, што не било во согласност со закон.
3. На седницата Судот утврди дека во член 5 став 1 од Правилникот е предвидено плаќањето на цената на станот да се врши во целост или во рати. Според став 3 на член 5 од Правилникот кога плаќањето на цената на станот се врши во рати купувачот е должен да плати сопствено учество во висина од 10% од утврдената продажна цена на станот. Сопственото учество купувачот може да го плати во целост или во 6 месечни рати сметано од денот на потпишувањето на договорот за продажба.
4. Во член 1 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на СРМ” бр.36/90) е предвидено дека со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за продажба на становите во општествена сопственост.
Согласно член 7 став 1 од Законот плаќањето на цената на станот се врши во целост или во рати, а според став 2 кога плаќањето на цената на станот се врши во целост цената на станот може да се намали 10%. Во став 3 на истиот член е предвидено кога плаќањето на станот се врши во рати годишната рата да не може да биде подолг од 40 години. Според став 4 на член 7 од Законот долгот се пресметува во годишни работи кои се отплаќаат месечно, а остатокот на долгот на почетокот на секоја каландарска година се валоризира според коефициентот на порастот на цените на мало дефиниран во Законот за општествениот капитал. На крајот, во ставот 5 на овој член од Законот е предвидено купувачот да може во покус рок да го отплати станот со плаќање на повеќе рати. Според член 8 од Законот сопственикот со општиот акт поблиску ги уредува условите, начинот и постапката за продажба на станот, во согласност со овој закон.
Од изнесените законски одредби произлегува дека Законот ги утврдил општите услови, начинот и постапката за продажба на становите во општествена сопственост, при што остварил можност со општиот акт на продавачот поблиску да се уредат условите, начинот и постапката за продажбата на становите. Според мислењето на Судот, Законот не забранува со општиот акт да се предвиди и сопствено учество на купувачот при купувањето на станот, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 5 став 3 од Правилникот со означените одредби од Законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.