Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 26 декември 1991 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
а) Правилникот за формирање и користење средства за заедничка потрошувачка-пречистен текст, донесен од работниците на Стручната служба на Самоуправната интересна заедница за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија на 5 јули 1978 и 12 мај 1980 година; и
б) Член 16-б став 3 од Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот означен под а) на оваа точка од решението, донесен на 1 октомври 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точка 1 под а) од ова решение, затоа што не бил усогласен со Законот за изменување и дополнување на Законот за станбените односи во роковите што се предвидени со Законот, а член 16-б став 3 од правилникот означен во точката 1 под б) од ова решение, затоа што предвидувал услови за продажба на становите во општествена сопственост, што не било во согласност со Законот за продажба на становите во општествена сопственост.
3. Разгледувајќи го барањето за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 под а) од ова решение, Судот оцени дека пропуштањето на организацијата да изврши усогласување на општиот акт со измените и дополнувањата на Законот во определен рок само по себе не е релевантно, односно не влијае нужно на несогласноста на целината или одделни негови одредби со Законот. При разгледувањето на оспорениот правилник, Судот не најде одредби за кои би можело да се постави прашањето за нивната согласност со Законот.
4. На седницата Судот утврди дека во член 16-б став 3 од Правилникот означен во точката 1 под б) од ова решение е предвидено дека во случаите кога носителот на станарското право кој го купува станот е сопственик на станбена зграда или стан што претходно и го отстапил на Стручната служба на Заедницата на користење, ќе му се дозволи купување на општествениот стан доколку на Стручната служба на Заедницата и понуди да го купи неговиот стан под исти услови под кои тој го купува општествениот стан.
Во членовите 3-7 од Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на СРМ” бр.36/90) се утврдени општите услови, начинот и постапката за продажба на становите во општествена сопственост, а според член 8 од Законот сопственикот на општествениот стан со општиот акт поблиску ги уредува условите, начинот и постапката за продажба на станот, во согласност со овој закон.
Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Правилникот, врз основа на Законот, поблиску се уредуваат условите за продажба на станот во општествена сопственост, во зависност од специфичните околности под кои е стекнато станарското право, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.