Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 12 став 1 алинеја 1 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 25 декември 1991 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за издавање интерни акции, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост Рудници за олово и цинк и преработка “Злетово” во Пробиштип, на 3 јули 1991 година.
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувала предмет на продажба, во вид на интерни акции, да биде и рудното богатство и затоа што била донесена од работничкиот совет на кој му бил истечен мандатот, што не било во согласност со Уставот и со законот.
3. На седницата Судот утврди дека со оспорената одлука се утврдува претпријатието да издава интерни акции, се утврдува висината на вкупниот капитал на претпријатието, вкупниот износ за кој се издаваат акциите, номиналната вредност на една акција, бројот на акциите, процентот на попуст на цената на акциите за работниците во претпријатието, начинот на управување со работењето на претпријатието по основ на поседување акции, начинот и постапката на пуштање во промет на акциите, начинот на отплата на вредноста на акциите, начинот на остварување на правото на дивиденда на имателот на акции. начинот на евиденција на работењето со акции, опис на содржината на акцијата и други прашања поврзани со односите помеѓу имателите на акциите и претпријатието.
4.Според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонја сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита. Според став 3 на оваа уставна одредба со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Според член 1 став 1 од Законот за општествениот капитал (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89 и 46/90), кој важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, претпријатието во општествена сопственост може по основ на општествениот капитал да прибавува додатен капитал со издавање на акции, односно со продажба на учество во претпријатието. Според став 4 на овој член, под општествен капитал, во смисла на Законот, се подразбираат: деловниот фонд на претпријатието намален за сразмерниот дел на непокриените загуби, како и сразмерниот дел на резервите и вонделовните фондови. Според член 1-а од Законот, заради прибавување на додатен капитал, претпријатието може да издава акции со попуст, што не можат да бидат во промет на пазарот на хартии од вредност (интерни акции). Одлуката за издавање на интерните акции ја донесува органот на управување со претпријатието, истовремено со донесувањето одлука за организирање на претпријатието како акционерско друштво или друштво со ограничена одговорност во мешовита сопственост.
Според член 20 од Законот за хартиите од вредност (“Службен лист на СФРЈ” бр.64/89 и 29/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како републички закон, одлука за издавање акции во претпријатието донесува работничкиот совет односно соодветниот орган на управување.
Од наведените уставни одредби произлегува дека природните богатства, врз основа на Уставот, претставуваат добра од општ интерес за Републиката, кои можат да бидат само предмет на користење во согласност со условите утврдени со закон, доколку Републиката ги отстапи, а не и предмет на приватна сопственост.
Судот смета дека природните богатства, според својата економска природа, не можат да се изразат како вредност, па според тоа ни да се водат во книговодствената евиденција на претпријатијата како дел на нивниот вкупен капитал, односно дека во согласност со таквата природа на природните богатства, искажаниот износ на вкупниот капитал во оспорената одлука во себе не ја опфаќа и вредноста на рудното богатство во рудникот.
Според мислењето на Судот, со наведените закони не се уредува статусот на претпријатијата што ќе настанат како резултат на трансформацијата на општествената сопственост, туку само се создава општа правна основа за можна трансофмрација на општествената сопственост во приватна сопственост-преку издавање и откуп на интерни акции како начин на прибирање дополнителен капитал, поради што одлуките за издавање на интерни акции не претставуваат општи акти со кои непосредно се вршат промени во статусот на претпријатијата.
Со оглед на тоа што оспорената одлука не претставува општ акт односно пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува за нејзината согласност со Уставот и со законите.
Понатаму, Судот смета дека прашањето дали на работничкиот совет му било истечено времето за кое бил избран во моментот на донесувањето на оспорената одлука има карактер на фактичко прашање, за кое Уставниот суд на Република Македонија, исто така, не е надлежен да одлучува.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.