У.бр.219/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 1 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 23 став 2 точка 3 од Правилникот за станбените односи на Општественото претпријатие “Фустеларко-Борец” во Битола, донесен на 23 јуни 1987 година.

2. СЕ ОТФРЛА барањето за оценување уставноста и законитоста на:
а) меѓусебната согласност на ставот 1 на член 23 со ставовите 2 и 3 на истиот член од Правилникот и
б) согласноста на став 2 и став 3 на член 23 од Правилникот со член 35 од Општествениот договор за заедничките критериуми и мерила за решавање на станбените потреби на работниците во организациите на здружениот труд и работните заедници во Општината Битола (“Службен гласник на Општина Битола” бр.29/86).

3. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на член 23 од правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувал на работникот кој го отуѓил сопствениот стан, пред распишување на конкурсот за распределба на станови, да му се вреднува станбената состојба пред отуѓувањето на станот, што не било во согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член од Правилникот како работник со нерешено станбено прашање нема да се смета оној работник кој претходно го отуѓил станот или семејната станбена зграда која не одговарала на стандардот на становањето предвиден во овој правилник и ќе му се вреднува станбената состојба според тој стан односно станбена зграда што ја отуѓил, со примена на критериумите од овој правилник.

Согласно член 42-а од Законот за станбените односи и член 52 од Законот за основните права од работниот однос со општ акт на организацијата се утврдуваат условите и начинот односно основите и мерилата за давање стан на користење односно за користење на средства за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста.

Имајќи ги предвид наведените законски одредби, Судот смета дека организацијата е овластена со општ акт да ги утврди условите и начинот односно основите и мерилата за учество на работниците во распределбата на средствата за заедничка потрошувачка односноможела да го предвиди начинот на вреднувањето на станбената состојба и на работникот што го отуѓил сопствениот стан, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за несогласноста на оспорената одлука од правилнкот со означените законски одредби.

5. Што се однесува до наводите во иницијативата за оценување меѓусебната согласност на ставовите 2 и 3 на член 23 со став 1 на истиот член од Правилникот, како и за оценување согласноста на ставовите 2 и 3 на член 23 со член 35 од означениот општествен договор, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, овој Суд не е надлежен да одлучува за тоа.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.