У.бр.42/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 декември 1991 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ:

а) став 3 од Одлуката бр.01-179/1, донесена од Работничкиот совет на Стоматолошки клиники во Скопје на 2 февруари 1991 година и
б) став 1 на точка 3 од Одлуката бр.01-571/1, донесена од Работничкиот совет на Клиниките на 22 април 1991 година.

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија” и во означените клиники на начин определен за објавување на општите акти.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.42/91 од 18 септември 1991 година, поведе постапка за оценување законитоста на одлуките означени во точка 1 од оваа одлука, затоа што со нив се менуваат цените утврдени од Републичката самоуправна интересна заедница за здравствена заштита, така што за ист вид на здравствени услуги се утврдуваат повисоки цени, без определување на посебни погодности и без утврдување на услови за пружање на стоматолошки услуги над утврдените стандарди.

4. Судот на седницата и на јавната расправа утврди дека во одлуката означена во точка 1 под а) од оваа одлука е предвидено Стоматолошките клиники во Скопје од 4 февруари 1991 година да започнат да пружаат стоматолошки услуги и на граѓани кои по нивно лично барање сакаат да им се извршат услугите приватно со плаќање на сопствени средства, по цени, кои според став 3 од Одлуката, се повисоки зд 15% до 30%, од цените на другите корисници на стоматолошки услуги.

Претставниците на Стоматолошките клиники на јавната расправа истакнаа дека донесувањето на оспорените одлуки било со цел да се покријат материјалните трошоци што се неопходни при давањето на стоматолошки услуги, а кои не можеле да се покријат од средствата што се добивале од Фондот за здравствено осигурување.

5. Во член 39 став 1 алинеја 3 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на СРМ” бр.10/83, 43/85, 50/87, 27/88, 36/89, 38/90), кој беше во сила во времето на донесувањето на оспорените одлуки, беше пропишана обврска работниците, другите работни луѓе и граѓаните, врз начелата на заемност и солидарност, во заедниците за здравствена заштита да обезбедуваат средства за задолжителни и други видови на здравствена заштита.

Според член 103 од овој закон средствата за здравствена заштита работниците и другите работни луѓе ги обезбедува од личниот доход и од доходот на самоуправните организации и заедници, а според член 116 од Законот средства за здравствена заштита можеа да се оибезбедуваат и со учество на корисниците при користењето на здравствена заштита во цената на одделни видови здравствени услуги, како и при набавка на ортопедски помагала, протетички средства и лекови, кое учество го утврдуваше Републичката самоуправна интересна заедница за здравствена заштита.

Со Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91) е пропишано средства за здравствена заштита да се обезбедуваат со придонес од доходот односно добивката, од бруто личниот доход, од Буџетот на Републиката, од средствата на организациите, од личните средства на граѓаните и од други извори, а остварувањето на определени права на здравствена заштита да се врши9 во фондот за здравствено осигурување, кој е во состав на Министерството за здравство. Понатаму, во овој закон покрај задолжителното осигурување, во член 30 е предвидена можност и за доброволно осигурување на граѓаните и на работниците во организациите за одредени видови здравствени услуги, а во член 31 се точно утврдени случаите кога граѓаните користат здравствена заштита со плаќање на услугите со лични средства во здравствената организација.

Притоа, во законот е утврдено дека Министерството за здравство, врз основа на стандарди и номративи во соработка со здравствените организации, утврдува цени на здравствените услуги кои паѓаат на товар на средствата за здравствено осигурување (член 49 точка 5). Висината на средствата за доброволното осигурување се определува со општ акт на Министерството за здравство или на друга осигурителна организација (член 69), а висината на придонесите за здравствено осигурување ги утврдува Собранието на Република Македонија, по предлог на Владата.

Во член 130 од Законот е утврдено дека цените на здравствените услуги, врз основа на утврдените критериуми, нормативи и стандарди, ги утврдуваат здравствените организации и Министерството за здравство, а за здравствените услуги кои по барање на корисникот се пружаат под посебни услови и над утврдените стандарди задолжително се доплатува, според ценовникот што самостојно го утврдува здравствената организација.

Од изнесените законски одредби произлегува дека според одредбите на поранешниот закон учеството на корисниците при користењето на здравствената заштита во цената на одделни видови здравствени услуги го утврдуваше Републичката заедница, а според одредбите на новиот закон здравствената организација самостојно ја утврдува висината на доплатата за здравствените услуги и над утврдените стандарди.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од означените одлуки се утврдуваат високи цени за услугите што ги користат лица што услугата ја плаќаат со лични средства, без притоа тие цени да зависат од видот на услугите кои се пружаат над одредени стандарди и нормативи односно без определување на посебни погодности и утврдување на посебен начин и услови на пружање на стоматолошките услуги над утврдени стандарди и нормативи, Судот утврди дека тие не се во согласност со означените законски одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.