У.бр.190/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 12 став 1 алинеја 2 и член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 11 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за поведување постапка за оценување уставноста на член 4 став 1 точка 1 и тарифниот број 1 на член 16-а од Законот за комуналните такси (“Службен весник на СРМ” бр.45/72, 39/77, 42/80, 51/88 и 11/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот означени во точка 1 од ова решение, затоа што со нив се превидувало плаќање такса за истакнување фирма и назив на деловна просторија, што било во противречност со член 1 од овој закон, според кој такса се плаќа за користење определени права, а истакнувањето фирма и назив не е право, туку обврска утврдена со законите со кои се уредува вршењето на дејностите и положбата на правните субјекти, со што се повредувал принципот на уставноста во уставно-правниот поредок и се повредувал интегритетот на човековата личност гарантиран со Уставот на Република Македонија.

3. На седницата Судот утврди дека со Решение У.бр.74/91 од 26 јуни 1991 година не повел постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од Законот, а со решение У.бр.158/91 го отфрлил барањето на подносителот на иницијативата да одлучува за истата работа.

4. Разгледувајќи ја иницијативата, Уставниот суд на Република Македонија утврди дека во неа не се изнесуваат нови факти и околности кои Судот не ги имал предвид при донесувањето на означените решенија и оцени дека нема причини за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.