У.бр.134/1991

Уставниот суд на Република Макдонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 11 декември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на
а) Одлуката за прогласување на работниците за привремено неангажирање, донесена од Работничкиот совет на Претпријатието во општествена сопственост “Енергоинвест – 11 Октомври” во Прилеп, на 7 февруари 1991 година, и
б) Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за стекнување и распределба на доходот, донесен од Работничкиот совет на Претпријатието на 29 април 1991 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што без да бидат утврдени критериуми и без да биде определено времето се предвидувало работниците привремено да бидат неангажирани, со определување на личен доход од 80% односно 60% од договорениот личен доход во пресметковниот период, што не било во согласност со закон.

3. На седницата Судот утврди дека во член 96 од Правилникот за стекнување и распоредување на доходот и чистиот доход и средствата за лични доходи е предвидено дека во случај на застој на работата распределбата на средствата за лични доходи се утврдува во износ од 80% од договорениот личен доход во пресметковниот период, за што одлучува работничкиот совет.

Понатаму, Судот утврди дека врз основа на оваа одредба, Работничкиот совет на Претпријатието на 7 февруари 1991 година, донел одлука според која со оглед на состојбите во претпријатието, поради кои што не постојат договорени деловни работни задачи, на работниците во понатамошниот период пропорционално на процесот од работата на привремено неангажираните работници ќе им се исплатат 80% од договорениот личен доход и се овластува директорот со раководителот на сектор да ги определи работниците за кои нема работа.

Исто така, Судот утврди дека Работничкиот совет со Правилникот означен во точка 1 под б) од ова решение на 29 април 1991 година извршил измена на член 96 став 1 и 2 од Правилникот за лични доходи, со тоа што го намалил надоместокот на личниот доход на привремено неангажираните работници од 80% на 60%.

4. Според членовите 1, 2 и 23 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички закон, под работен однос се подразбира доброволен однос меѓу работникот и организацијата, заради вршење на определени работи и економски целесообразно и одговорно користење на средствата и остварување на правата и обврските што се стекнуваат од работата и по основ на работата, а правата, обврските и одговорностите на работниците од работниот однос се уредуваат со закон, со колективен договор и со општ акт на организацијата.

Согласно член 34 од Законот за работните односи (“Службен весник на СРМ” бр.20/90) на работникот му е загарантиран личен доход во износ од 50% од просечн иот месечен личен доход во стопанството на Републиката.

Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на претпријатието, во рамките на својата самостојност и одговорност за успешно работење, да ги уреди правата и обврските од работниот однос во случаи на производствено-економски тешкотии, почитувајќи ги притоа основните уставни и законски права наработниците.

Со оглед на тоа што со оспорените акти претпријатието во извршување на деловната политика, а поради рационално користење на средствата, одлучило определени работници привремено да бидат неангажирани во процесот на работа со определен надоместок на личен доход, во рамките на загарантираниот личен доход, Судот смета дека не може да се постави прашањето на нивната согласност со означените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.