У.бр.60/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија, на седницата одржана на 11 декември 1991 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 9, член 23-а, член 34 ставовите 1, 2 и 3, член 40 и член 41 од Законот за игрите на среќа и за забавните игри на автомати (“Службен весник на СРМ” бр.17/87, 51/88, 36/89 и 38/91).

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Трговско-угостителско-туристичкото претпријатие “Атлантик” од Умаг и Друштвото за хотелиерство “Вегас” од Палиќ, со предлози поднесени до Уставниот суд на Република Македонија, поведоа постапка за оценување уставноста на законските одредби наведени во точката 1 од оваа одлука.

Според наводите од предлозите со оспорените одредби се ставале во нееднаква положба Лотарија на Македонија, која може да поставува автомати за игри на среќа во било кои објекти и простории што ги исполнуваат условите за тоа, организациите од областа на угостителството и туризмот, кои можат да поставуваат такви автомати само во просториите во кои ја вршат својата дејност, како и другите организации кои не се од областа на угостителството и туризмот, кои воопшто не можат да поставуваат автомати за игри на среќа. Со тоа, според наводите во предлозите, не се обезбедуваат рамноправни услови за вршење на дејноста на стопанските субјекти, се оневозможува слободното истапување на пазарот и се овозможува стекнување предности на основа на монопол и економски неоправдани предности, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот утврди дека со член 9 од Законот се утврдени субјектите што можат да приредуваат игри на среќа и видовите игри на среќа за секој од нив посебно. Притоа, Лотарија на Македонија може да ги приредува сите игри на среќа што се предвидени со Законот, општествените организации од областа на физичка култура-томбола и обложување на спортски натпревари, општествените организации од областа на техничката култура-томбола, организациите на здружениот труд-наградни конкурси и организациите на здружениот труд од областа на угостителството и туризмот-посебни игри на среќа.

Според член 23-а, играчница од отворен тим може да организира само Лотарија на Македонија во посебно уредени простории за таа намена. Според член 34 став 1 од Законот автомати за игри на среќа надвор од играчница можат да поставуваат Лотарија на Македонија и организациите на здружениот труд од областа на угостителството и туризмот, врз основа на одобрение од надлежниот орган.

Според ставот 2 на овој член Лотарија на Македонија може да ги поставува автоматите во просториите во кои ја врши својата дејност, во угостителски објекти од А и Б категирија и во други објекти и простории за јавна употреба во согласност со корисниците односно сопствениците на тие објекти и простории, додека според ставот 3 организациите на здружениот труд од областа на угостителството и туризмот автомати можат да поставуваат само во угостителските објекти од А и Б категорија во кој ја вршат својата дејност.

Според член 40 забавни игри на автомати можат да приредуваат Лотарија на Македонија, организациите на здружениот труд од областа на угостителството и туризмот и општествените организации.

Според член 41 овие игри Лотарија на Македонија може да ги приредува во своите простории и во други угостителски објекти и простории во согласност со нивните корисници односно сопственици, додека организациите на здружениот труд од областа на угостителството и туризмот и општествените организации-само во просториите во кои ја вршат својата дејност.

5. Според член 55 став 1 од Уставот на Република Македонија се гарантира слободата на пазарот и претпримаштвото, а според став 2 Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Според ставот 3 слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природната и животната средина или на здравјето на луѓето.

И според член 91 од Уставот на СР Македонија од 1974 година, кој престана да важи на 17 ноември 1991 година, Републиката обезбедуваше рамноправни услови за вршење на дејноста на организациите на здружен труд, на нивните здруженија и на работните луѓе и за стекнување на доходот и спречуваше да се стекнуваат предности врз основа на монопол на пазарот и други општествено и економски неоправдани предности.

Судот смета дека уставниот принцип според кој претпријатијата и другите субјекти на пазарот се рамноправни во вршењето на својата дејност и во стекнувањето на доходот и според кој нивната различна положба може да произлегува единствено од законитостите на пазарот, создава уставна обврска за Републиката, при законското уредување на условите за вршење определени дејности, да обезбеди еднаква положба на сите субјекти што ја вршат соодветната дејност. Судот, понатаму, смета дека во рамките на уредувањето на условите за вршење на определени дејности, во зависност од нивните специфичности, со закон можат да се утврдуваат и специфични услови, но притоа мора да се обезбеди тие еднакво да се однесуваат на сите субјекти кои ја вршат соодветната дејност.

Со оглед на тоа што со оспорените законски одредби се пропишуваат различни услови за приредување игри на среќа за Лотарија на Македонија и за другите организации, Судот смета дека овие субјекти се доведуваат во нееднаква положба, поради што оцени дека тие не се во согласност со наведените уставни одредби.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точкат 1 од оваа одлука.