У.бр.174/1991

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 20 ноември 1991 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилникот за организација и систематизација на работните места во Основната организација на здружениот труд Медицински служби во Битола, во состав на Работната организација “Д-р Трифун Пановски” во Битола, донесен од Работничкиот совет на Основната организација на 20 септември 1991 година.

2. На Уставниот суд на Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што бил донесен од Работничкиот совет иако на јавната расправа организирана по предлог-правилникот не бил прифатен од вработените и што предвидувал завршен медицински факултет како посебен услов за работното место-началник на Службата за лабораториски испитувања, а не и други видови висока стручна подготовка, што било во спротивност со закон.

Истовремено е побарано Судот да го запре спроведувањето на Правилникот.

3. На седницата Судот утврди дека во предлог-Правилникот е организирана јавна расправа во сите служби на Основната организација, при што одделни мислења и забелешки се вградени во Правилникот, а потоа е донесен од Работничкиот совет.

Со оглед на тоа што Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91), освен за статутот на здравствените организации, не предвидува постапка за донесување општи акти, Судот смета дека не може да се постави прашањето за несогласноста на оспорениот правилник со означениот закон.

4. Понатаму, Судот утврди дека за работното место-началник на Службата за лабораториски испитувања Правилникот ги определил посебните услови: висока стручна подготовка-медицински факултет и специјалист по медицинска биохемија.

Согласно член 7 од Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој според член 5 од Уставниот закон се применув акако републички закон, работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со закон и со општ акт, а според член 8 став 3 од овој закон со општиот акт се утврдуваат видот и степенот на стручната подготовка за определен вид занимања, знаењата и способностите и другите посебни услови потребни за вршење на работите на работното место.

Со оглед на тоа што со Правилникот се определува видот на потребната стручна подготовка за работното место началник на Службата за лабораториско испитување, за што организацијата е овластена со закон, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата несогласност со означените законски одредби.

5. Во врска со барањето да се запре спроведувањето на Правилникот, Судот утврди дека нема основ за изрекување на таква мерка.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.