
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.63/2025
Скопје, 10.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Aктот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ „Г“, УБ „Г1“ и дел од УБ „Г5“ од (измена и дополна на ДУП за населба Ложионица блок 11,12,12,17 и 18 со плански период 2014-2017) (8.43ха) – Општина Кичево со бр.08-833/3 од 06.04.2017 година.
Образложение
I
Коле Крстески од Кичево, преку полномошникот Јовица Наумоски, адвокат од Кичево, до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Кичево донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за УЕ „Г“, УБ „Г1“ и дел од УБ „Г5“ од (измена и дополна на ДУП за населба Ложионица блок 11,12,12,17 и 18 со плански период 2014-2017) (8.43ха) – Општина Кичево со бр.08-833/3 од 06.04.2017 година, со која се извршени измени на штета на подносителот на иницијативата Коле Крстески од Кичево.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука од градежната парцела на подносителот била избришана можноста за градба на дел од КП бр.3092/1, заведена во Имотен лист бр.20388 за КО Кичево 4, при што била формирана нова градежна парцела КП бр.3091/1 за КО Кичево 4.
Со ваквата измена на урбанистичкиот план се овозможува на инвеститор да гради објект непосредно до постојниот објект на подносителот, со што, според наводите, се оневозможува пристап до неговиот објект, се узурпира просторот околу него и се ограничува пристапот на природна светлина до шест прозорци од станбените простории.
Понатаму, се наведува дека со новоформираната градежна парцела и предвидениот објект, кој би бил изграден непосредно до објектот на подносителот, се намалува вредноста на неговиот објект и на земјиштето, додека истовремено се зголемува вредноста на новоформираната градежна парцела и на предвидениот објект, со што, според подносителот, се привилегира новиот инвеститор на негова штета.
Со Решението за приватизација на градежно земјиште бр.19-249/1 од 18.01.2007 година, коешто станало правосилно на 23.03.2017 година, донесено од Министерството за финансии – Управа за имотно-правни работи, подносителот стекнал право на сопственост на предметното земјиште. Во документацијата која ја доставил во таа постапка, бил приложен и извод од Деталниот урбанистички план за населба Ложионица, од кој произлегува дека постои градежна парцела на име на подносителот со утврдена градежна маркица, по што, со донесувањето на оспорената одлука, таа состојба била изменета на негова штета со делумно бришење на можноста за градба и формирање нова градежна парцела.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека со планското решение била предвидено и експропријација на дел од недвижноста на подносителот, од која претходно била избришана можноста за градба, а сето тоа, според наводите, во функција на новоформираната градежна парцела, со што се привилегирал нов сопственик односно инвеститор, што, според подносителот, е спротивно на член 30 став 3 од Уставот.
Со донесувањето на оспорената одлука се повредени повеќе уставно загарантирани права, и тоа темелните вредности на уставниот поредок утврдени во член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 7, член 9 и член 30 став 1 од Уставот.
Во иницијативата се истакнува дека со оспорената одлука се повредуваат веќе стекнати права на подносителот, со што се создава правна несигурност и се нарушува принципот на владеење на правото. На овој начин се ограничува правото на сопственост, бидејќи со измената на урбанистичкиот план се одзема дел од правата кои претходно произлегувале од важечкиот Детален урбанистички план и се дерогира постоечко планско решение на штета на подносителот, иако сопственоста на предметната градежна парцела е стекната во законита постапка.
Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката и истата да ја укине.
II
На седницата Судот утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 и член 36 став 1 точка 15 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 5/2002) согласно со член 23 став 1 точка 7 од Статутот на Општина Кичево („Службен гласник на Општина Кичево“ бр. 9/2013), а во врска со член 26 став 5 алинеја 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ – Пречистен текст бр.70/2013), од Советот на Општина Кичево, на седницата одржана на ден 06.04.2017 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЕ “Г“, УБ “Г1“ и дел од УБ “Г5“ од (измена и дополна на ДУП за нас. ЛОЖИОНИЦА блок 11, 12, 13, 17 и 18) со плански период 2014-2017 (8.43ха) – Општина Кичево.
Во член 1 од Одлуката се предвидува дека со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за УЕ “Г“, УБ “Г1“ и дел од УБ “Г5“ од (измена и дополна на ДУП за нас. ЛОЖИОНИЦА блок 11,12,13,17 и 18) во Општина Кичево со Предлог-планот, изготвен од ДООЕЛ „ПЕРКАН ПРОЕКТ“ Прилеп, со техн.бр. 62/14 од февруари 2017 година.
Според член 2, планот од член 1 на оваа одлука содржи документациона основа, планска документација, текстуален дел, нумерички дел, графички дел, Извештај од извршена стручна ревизија на Нацрт-планот изготвена од „Изофас’’доо – Прилеп со техн.бр.У-48/2014 од јуни 2014 година, Стручно мислење по Нацрт-планот од стручна комисија по урбанистички планови од Општина Кичево бр.09-515/6 од 31.07.2014 година, Извештај по Јавна анкета за Нацрт-планот бр.10-1675/2 од 30.06.2016 година и Согласност на Предлог-планот, издадена од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот во Скопје, бр.24-2087/2 од 22.03.2017 година.
Согласно со член 3, Планот се заверува во рок од 8 дена од денот на донесувањето, во седум (7) примероци со потпис и печат од доносителот на Планот и се доставува до надлежните служби согласно со член 27 став 4 од ЗПУП („Службен весник на Република Македонија“- Пречистен текст- бр.70/13), еден се чува во архивот на донесувачот на Планот, еден кај органот што го спроведува, еден во надлежниот државен архив, еден примерок се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работи за уредување на просторот, еден примерок се доставува до државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за катастар на недвижности и седмиот примерок се изложува во седиштето на Општина Кичево заради достапност во јавноста.
Во член 4 е предвидено дека Планот ќе го спроведува Одделението за урбанизам и сообраќај на Општина Кичево.
Со член 5 е уредено дека Одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Кичево“.
III
Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Имајќи ги предвид наводите во иницијативата, оспорената одлука, како и доставената документација, Судот оцени дека подносителот на иницијативата укажува дека со оспорената одлука, на негова штета биле извршени измени во однос на неговата градежна парцела, со што, според неговите наводи, се намалила можноста за градба, се формирала нова градежна парцела во непосредна близина и се нарушиле условите за користење на неговиот објект, пристапот до него, како и изложеноста на дневна светлина. Подносителот смета дека со тоа се повредува неговото право на сопственост и стекнати права.
Меѓутоа, од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот ги оспорува последиците коишто, според неговото гледиште, произлегуваат од примената на планското решение во однос на неговата конкретна недвижност.
Во иницијативата не се изнесени конкретни наводи со кои се доведува во прашање уставноста или законитоста на самата одлука како пропис, ниту се наведени причини од кои би произлегувало дека при донесувањето на Деталниот урбанистички план не била почитувана постапката утврдена со закон, или дека планот како општ акт е во несогласност со конкретни законски или уставни одредби.
Повикувањето на одредбите од членовите 8, 9 и 30 од Уставот е дадено на општ начин, без образложение во што се состои нивната повреда од аспект на нормативната содржина на оспорениот акт.
Од друга страна, од доставената документација произлегува дека постапката за донесување на измените и дополнувањата на Деталниот урбанистички план е водена во рамки на законски пропишаната процедура, при што биле изработени соодветни плански документи, била спроведена стручна ревизија, организирана јавна презентација и јавна анкета, обезбедена согласност од надлежното министерство и одлуката била објавена во службеното гласило на Општината.
Тргнувајќи од уставната надлежност на Уставниот суд, утврдена во член 110 алинеја 2 од Уставот, Судот оцени дека за да може да се впушти во испитување на наводите од иницијативата потребно е истата да содржи наводи коишто се однесуваат на уставноста или законитоста на оспорениот пропис.
Во конкретниот случај, наводите во иницијативата се насочени кон индивидуалната положба на подносителот и последиците коишто, според него, произлегуваат од примената на планот во однос на неговата недвижност, а не кон нормативната содржина на оспорената одлука како пропис.
Имајќи предвид дека иницијативата не содржи релевантни правни аргументи врз основа на кои би можело да се одлучува по истата, Судот оцени дека поради постоење процесни пречки за одлучување, исполнети се условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски