
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.138/2021
Скопје, 17.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 39 алинеја 3 и член 73 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 17 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на:
– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021);
– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, блок 06, Општина Карпош – Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);
– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за блок 9 од градска четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир бр.09-6334/5 од 16.09.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021);
– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, блок 3 06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09-5967/7 од 30.08.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.13/2021);
– Одлуката за донесување на измена и дополна на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол блок 1, Општина Карпош – Скопје бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021);
– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03 блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021) и
– Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, блок 04.02 Општина Карпош – Скопје бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.20/2020).
О б р а з л о ж е н и е
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Невена Георгиевска и Татјана Чакулев, двете од Скопје, на седницата одржана на 22 октомври 2025 година, го донесе Решението У.бр.138/2021 со кое се одлучи да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во диспозитивот на ова решение.
Ова од причина што пред Судот се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 9, член 51 и член 52 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и точка 1 на Амандманот XVII на Уставот и член 42 ставови 1 и 4 од Законот за локалната самоуправа.
II
На седницата Судот утврди дека од страна на Советот на Општина Карпош, на седницата одржана на:
– 12.10.2021 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03, блок ССИ 03.07, Општина Бутел и Општина Карпош, Скопје, бр.09-6947/3 од 12.10.2021 година, којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2021 од 13 октомври 2021 година. Одлуката содржи шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“;
– 16.09.2021 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССЗ 02, блок 06, Општина Карпош – Скопје, бр.09-6334/4 од 16.09.2021 година, којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021 од 17 септември 2021 година. Одлуката содржи шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“;
– 16.09.2021 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за блок 9 од градска четврт ССИ 03, Општина Карпош и Општина Чаир бр.09-6334/5 од 16.09.2021 година, којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.15/2021 од 17 септември 2021 година. Одлуката содржи шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“;
– 30 август 2021 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 3 06, блок 3 06.09 Општина Карпош, Скопје, бр.09-5967/7 од 30.08.2021 година којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.13/2021 од 31 август 2021 година. Одлуката има шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“;
– 15 јули 2021 година, е донесена Одлуката за донесување на измена и дополна на Детален урбанистички план за градска четврт ЦС 15-Криви Дол блок 1, Општина Карпош – Скопје бр.09-5017/6 од 15.07.2021 година којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.10/2021 од 16 јули 2021 година; Одлуката има шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“;
– 9 април 2021 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт ССИ 03 блок 02, Општина Карпош и Општина Бутел, Скопје бр.09-2334/7 од 09.04.2021 година, којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.7/2021 од 12 април 2021 година. Одлуката содржи шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“;
– 12 ноември 2020 година, е донесена Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт 304, Блок 04.02 Општина Карпош – Скопје бр.09-6997/8 од 12.11.2020 година, којашто е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.20/2020 од 13 ноември 2020 година. Одлуката има шест члена и согласно член 6 од истата, влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“.
Судот, исто така, утврди дека во воведот на сите одлуки, стои дека истите се донесени врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа, член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), а во врска со член 93 од Законот за урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.21/2020), при што во секоја од нив е наведена и соодветната согласност издадена од Министерството за транспорт и врски.
Покрај ова, во член 4 од секоја од одлуките е уредено дека нивни составни делови се: текстуален дел (алинеја 1); графички прилози (алинеја 2); основни параметри за уредување на просторот (алинеја 3) и табеларен приказ на урбанистичките параметри (алинеја 4).
III
Согласно со член 2 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија, суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните, додека според став 2 на овој член, граѓаните на Република Северна Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.
Потоа, според член 8 став 1 алинеи 3 и 9 од Уставот, владеењето на правото и локалната самоуправа се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно со член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа.
Во точка 1 на Амандманот XVII на Уставот е предвидено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Според член 39 став 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), денот, часот и местото на одржувањето на седниците на советот, како и предлогот на дневниот ред по кој ќе се работи, задолжително се објавуваат најдоцна седум дена пред денот на одржувањето на седницата, на начин утврден со статутот.
Согласно со член 41 став 1 од овој закон, советот може да работи ако на седницата присуствуваат мнозинство од вкупниот број членови на советот.
Советот работи на седници, според член 42 став 1 од Законот за локалната самоуправа, додека став 2 на истиот член, уредува дека седниците на советот се јавни.
Согласно со став 3 на овој член, за исклучување на присуството на јавноста на седницата се одлучува ако за тоа постојат оправдани причини утврдени со статутот, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на советот.
Став 4 на истиот член, уредува дека на расправата за буџетот на општината, годишната сметка на буџетот и за урбанистичките планови, присуството на јавноста не може да се исклучи.
Член 43 став 1 од Законот за локалната самоуправа, нормира дека членовите на советот имаат право и должност да присуствуваат и да учествуваат во работата на советот и на неговите постојани или повремени комисии.
IV
Причината поради која се постави прашањето за уставноста и законитоста на предметните одлуки е таа што, според Судот, при нивното донесување не е почитувано начелото на јавност во работата на Советот, утврдено со член 42 од Законот за локалната самоуправа, на начин што седниците биле пренесувани преку платформата ЗУМ, без да има доказ дека било обезбедено учество на јавноста.
По поведувањето постапка, до доносителот на актите беше доставено решението и беше побарано изјаснување. Од страна на градоначалникот на Општината беше доставен одговор.
Потоа, со допис У.бр.138/2021 од 21 мај 2026 година, заведен во архивата на Општина Карпош под бр.11-724/3 од 21.05.2026 година, Уставниот суд повторно побара од Општината доставување дополнителни податоци и релевантна документација.
На ова барање Општина Карпош одговори со допис бр.11-724/4 од 22.05.2026 година, со кој ги достави бараните информации и документација. Дописот од Општина Карпош во Судот беше примен на 03.06.2026 година.
Со барањето од Општината беше побарано да достави податоци и докази врз основа на кои Судот ќе може да утврди дали при донесувањето на оспорените детални урбанистички планови била обезбедена јавност во постапката, односно дали јавноста била навремено и соодветно известена за одржувањето на седниците на Советот на Општина Карпош на кои биле донесени плановите.
За таа цел беше побарана документација што се однесува на начинот на информирање на јавноста, како што се одлуки, соопштенија, јавни известувања, објави на веб-страницата на Општината, записници и друга документација од која може да се утврди дека јавноста била известена за времето, местото и начинот на одржување на седниците.
Дополнително, од Општината беше побарано да достави податоци и документација од кои Судот ќе може да утврди дали, согласно со Законот за урбанистичко планирање, биле спроведени јавна презентација и јавна анкета и дали на заинтересираната јавност ѝ била овозможена соодветна партиципација во постапката на донесување на оспорените детални урбанистички планови.
Во таа насока беа побарани особено објави во дневниот печат и други средства за јавно информирање, анкетни листови, записници од јавни презентации, извештаи за спроведени јавни анкети, забелешки и предлози од заинтересирани физички и правни лица, како и друга документација поврзана со обезбедувањето на јавноста и учеството на граѓаните во постапката на урбанистичко планирање.
Во одговорот, од страна на Општина Карпош е наведено дека при донесувањето на деталните урбанистички планови, несомнено била обезбедена партиципативност на јавноста, преку користење медиуми за јавно информирање, вклучувајќи ја и официјалната веб-страница на Општината и социјалните мрежи.
Понатаму, од Општината е истакнато дека поканите со дневен ред за седниците редовно се објавувале на нејзината веб-страница, со што, според неа, навремено се обезбедувало информирање на јавноста за прашањата што биле предмет на разгледување.
Дополнително, по одржувањето на секоја седница, редовно се објавувале известувања со информации за донесените одлуки и усвоените точки од дневниот ред.
Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови, од страна на Општината е наведено дека биле спроведени јавни анкети и јавни презентации, со објави на веб-страницата и во два печатени медиуми.
Исто така, е наведено дека биле доставени анкетни листови од заинтересирани физички и правни лица, а биле изготвени и записници и извештаи од спроведените постапки.
Како доказ за наведеното, во прилог на дописот се доставени документација за спроведените јавни анкети и јавни презентации (вклучувајќи соопштенија и одлуки за нивно организирање), како и извештаи и анкетни листови за секој плански опфат одделно, систематизирани во посебни папки.
Врз основа на прибраните податоци и доставената документација од Општина Карпош, Судот пристапи кон уставно-судска анализа на наводите, фактите и приложените докази во предметот.
По нивното сеопфатно и целосно испитување, се утврдени релевантни фактички и правни околности од значење за уставно-судската оцена, врз основа на кои беа изведени соодветни заклучоци и предлог за донесување конечна одлука во предметот, како што следува во понатамошниот дел на образложението на ова решение.
По поведувањето постапка, се утврди дека прашањето за јавноста не може да се оценува изолирано само преку начинот на одржување на седницата на Советот, туку во контекст на целокупната постапка за донесување на урбанистичките планови.
Имено, оцената за почитувањето на начелото на јавност не може да се сведе единствено на последната фаза од постапката – донесувањето на планот на седница на Советот, туку мора да ги опфати сите законски механизми преку кои на јавноста ѝ е овозможено информирање, учество и влијание во текот на постапката за изработка и донесување на урбанистичкиот план.
Во таа смисла, спорното уставноправно прашање во овој предмет не е дали седницата на Советот била одржана преку електронска комуникациска платформа, ниту дали јавноста непосредно ја следела конкретната седница, туку дали поради таквиот начин на работа јавноста како целина била исклучена од постапката за донесување на деталните урбанистички планови.
Токму ова прашање е од суштинско значење за уставно-судската оцена на оспорените акти, бидејќи евентуалната повреда на начелото на јавност не може да се утврдува изолирано врз основа на еден поединечен сегмент од постапката, туку врз основа на оценка дали заинтересираните лица реално биле лишени од можноста да бидат информирани, да учествуваат и да влијаат врз постапката за донесување на плановите.
Оттука, за донесување конечна одлука од значење не е само прашањето на кој начин била одржана седницата на Советот, туку дали таквата околност довела до исклучување на јавноста од законски утврдените механизми на учество во постапката за донесување на урбанистичките планови.
Во таа насока, треба да се има предвид дека донесувањето детален урбанистички план претставува сложена постапка составена од повеќе последователни фази во кои законодавецот предвидел различни облици на учество на јавноста, вклучувајќи и јавни презентации, јавни анкети, поднесување забелешки и предлози, како и нивно разгледување од страна на надлежните стручни тела.
Од прибраната документација произлегува дека во постапката за донесување на оспорените планови биле спроведени законски пропишаните форми на учество на јавноста, дека заинтересираните лица имале можност да поднесуваат анкетни листови и забелешки и дека по истите било постапувано во рамки на постапката за донесување на плановите.
Покрај тоа, од документацијата произлегува дека пред одржувањето на седницата јавноста била информирана преку официјалната веб-страница на Општина Карпош, на која биле објавени поканите и дневниот ред за работа на Советот, додека по одржувањето на седницата биле објавени информации за донесените одлуки и усвоените акти.
Особено значење е фактот дека јавноста, односно жителите на Општина Карпош, биле навремено и соодветно информирани за одржувањето на седницата на Советот на која биле разгледувани и усвојувани оспорените детални урбанистички планови.
Исто така, од доставената документација произлегува дека пред одржувањето на седницата биле јавно објавени времето на нејзиното одржување, начинот на нејзино одржување преку електронска комуникациска платформа и прашањата што ќе бидат предмет на разгледување, односно дневниот ред на седницата.
Во такви околности, заинтересираните граѓани не биле ставени во состојба на неинформираност и не може да се прифати дека одлучувањето по оспорените детални урбанистички планови се одвивало надвор од сознанијата на јавноста или без претходно јавно информирање за времето, начинот и предметот на одлучување.
Напротив, тие располагале со навремени информации дека ќе се одржи седница на Советот на која ќе се одлучува по конкретните урбанистички планови и на кој начин истата ќе се одржи.
Од документацијата не произлегува дека кој било жител на Општина Карпош, правно лице или друга заинтересирана страна побарала да ѝ биде овозможено следење или присуство на седницата, ниту дека такво барање било одбиено од страна на општинските органи. Отсуството на такви околности претставува релевантен елемент при оцената дали навистина дошло до исклучување на јавноста од постапката.
Притоа, Судот ја имаше предвид и околноста дека седницата се одржала во услови на пандемија предизвикана од вирусот COVID-19, кога органите на локалната самоуправа биле соочени со потребата истовремено да обезбедат континуитет во вршењето на своите законски надлежности и заштита на јавното здравје. Во такви околности, користењето електронски средства за работа претставува разумна мерка за обезбедување непречено функционирање на органите на локалната самоуправа.
Иако седницата била одржана преку електронска комуникациска платформа, Став на Судот е дека во конкретниот случај не станува збор за исклучување на јавноста од постапката за донесување на деталните урбанистички планови.
Напротив, од целокупната документација произлегува дека јавноста била вклучена во претходните фази од постапката преку законски пропишаните механизми на учество, дека била информирана за текот на постапката, дека имала можност да поднесува забелешки и предлози и дека била запознаена со исходот од постапката.
Оттука, околноста што јавноста не ја следела непосредно конкретната седница преку електронската платформа не може сама по себе да се поистовети со исклучување на јавноста од постапката за донесување на оспорените детални урбанистички планови, ниту да претставува доволен основ за заклучок дека е повредена суштината на начелото на јавност.
Исто така, во конкретната постапка, од особено правно значење е утврдената околност дека јавната презентација и јавната анкета се спроведени согласно со императивните одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, како задолжителни процесни инструменти за обезбедување учество на јавноста.
Со нивното спроведување е реализиран законскиот механизам на учество на јавноста, при што на заинтересираните субјекти им е овозможено информирање, поднесување анкетни листови со забелешки и предлози, како и нивно процесно разгледување од надлежната стручна комисија.
Фактот дека анкетните листови биле примени, обработени и проследени со образложени одговори во извештајот од јавната анкета, претставува релевантен доказ за ефективна, а не само формална примена на законските гаранции за учество на јавноста.
Оттука, спроведената јавна презентација и јавна анкета претставуваат клучен показател дека начелото на јавност е реално операционализирано во рамки на законски уредената постапка за донесување на урбанистичките планови.
Имајќи ја предвид целокупноста на спроведената постапка, оцена на Судот е дека јавноста имала реална можност да биде информирана и да учествува во постапката преку законски предвидените механизми, поради што не постојат доволни основи за да се утврди дека оспорените детални урбанистички планови се донесени спротивно на Уставот и законот.
Имајќи ја предвид вака утврдената фактичка состојба, според Судот, исполнети се условите за донесување решение согласно со член 39 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски