
Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.45/2025
Скопје, 03.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 3 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 86 став 1 реченица прва од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023).
О б р а з л о ж е н и е
I
Манчо Манчев од Кавадарци, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, со оспорената одредба се повредуваат член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9 став 2, член 50 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија и Амандманот XXI на Уставот.
Имено, тоа е произволна норма која целосно го повредува правото на поднесување правен лек и претставува своевиден облик на дискриминација во остварувањето на ова право против првостепените одлуки на субјектите што вршат јавни овластувања.
Наспроти ова, при доставувањето на првостепените поединечни акти во граѓанските, кривичните и управните постапки јасно e наведена правнa поука со определен рок и орган до кој треба да се поднесе правниот лек, што е уредено во соодветните закони коишто ги уредуваат овие постапки.
Уредувањето од оспорената одредба доведува до правна несигурност што е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок. Покрај ова, нејзината нејасност, двосмисленост и конфузност има за последица нa заинтересираните страни, кои имале намера да поднесат правен лек, да им застари ова право поради што настануваат и злоупотреби во примената. На овој начин, се повредува и темелната вредност на уставниот поредок – основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот.
II
На седницата Судот утврди дека според член 86 став 1 реченица прва од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.14/2020 и 154/2023), странката, учесникот или трето лице кое што смета дека извршителот при извршувањето постапил незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршителот, или пак дел од него, спроведува.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Член 9 став 2 од Уставот, предвидува дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Став 2 на овој член уредува дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во точка 1 став 1 од Амандманот XXI на Уставот е предвидено дека се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 1 став 1 од Законот за извршување, со истиот се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на одлука донесена од надлежен орган, ако обврската содржана во одлуката не е исполнета.
Член 3 став 1 од Законот, предвидува дека извршителот го спроведува извршувањето.
Во член 11 точки 1-12 од Законот се содржани дефиниции на одделни изрази употребени во овој закон: „Доверител“ е лице чие побарување се остварува согласно точка 2 на овој член, додека според точка 3 на истиот член, „должник“ е лице спрема кое се остварува побарување; „Странка“ е доверител и должник (точка 4); „Учесник“ е лице кое во извршувањето остварува некое свое право или правен интерес, а не е странка во извршувањето (точка 5); „Трето лице“ е лице кое тврди дека во поглед на предметот на извршувањето има некое право (точка 6); „Извршител“, „заменик на извршител“ и „помошник на извршител“ се лица чии работи и овластувања се законски утврдени и соодветно се применуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, а со цел спроведување на извршувањето и ги преземаат извршните дејствија (точка 7).
Согласно со член 40 став 1 алинеи 1-19 од Законот, извршителот ги презема следните дејствија: прима барања за извршување; врши достава на судски писмена врз основа на решение на суд согласно одредбите на Законот за парнична постапка; врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа; врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето; прибира податоци за имотната состојба и други податоци за должникот во функција на извршувањето; донесува налози и заклучоци, составува записници, барања, потврди и службени белешки, согласно со одредбите на овој закон; врши попис, процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение; распределува средства од извршување; врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат; врши пломбирање (запечатување) на подвижни предмети и недвижности заради оневозможување на нивната употреба или трошење со ставање жиг на извршителот; врши испразнување од луѓе и од ствари и предавање на недвижности и презема други дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон; врши објавување во средствата за јавно информирање; поднесува барање за поставување на старател за посебни случаи до Центарот за социјални работи кога адресата на должникот е непозната или нема застапник; поднесува барање за добивање на податоци за поседување на трансакциска сметка до правното лице кое го води Единствениот регистар на трансакциски сметки во врска со предметот на извршување; дава известување за состојба на предмет по барање на странките; презема други дејствија во врска со доверени работи од судот; презема дејствија за обезбедување на материјални докази како доверена работа од судот; издава потврда за намиреност на побарувањето и презема и други дејствија предвидени со закон.
При преземањето на дејствијата, извршителот ги изготвува налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти со форма пропишана од министерот. Актите кои не се во пропишаната форма се сметаат за неважечки (став 5 на член 40).
Според член 54 став 1 алинеи 1-16 од Законот за извршување, Министерството за правда врши надзор над работата на извршителите, при што следи: водење на евиденцијата на извршителот согласно законот и подзаконските акти; чување на службените списи и податоци; редослед на заведување на предметите во Уписникот на примени барања за извршување; следење на постапувањето на извршителот според редоследот на примените барања за извршување; уредно и навремено скенирање на предметните списи кои не произлегуваат од постапувањето на извршителот; уредно осигурување од штета на извршителот; уредно и навремено водење на евиденција за надоместоците за обработка на предмет, трошоците, спроведени дејствија и наградата на извршителот, како и за наплатата на главниот долг, каматата на главниот долг и трошоците на постапката со камата; реализација на законската обврска за именување на заменик извршител; реализација на обврската за издавање на овластување на заменикот да располага со неговата редовна и посебна сметка; постапувањето на извршителот по барање на странка за изготвување на пресметка за наплата на побарувањето, каматата, цената за администрирање, цена за извршни дејствија, наградата на извршителот како и реалните трошоци и такси кои се настанати при спроведување на извршувањето; постапување на извршителот по одлуките на судовите донесени по приговор и барање за одлагање на извршувањето; спроведување на заклучокот за одлагање на извршувањето по барање на доверителот; уредно и навремено постапување по поднесоци од странки, судови и државни органи; пренос на парични средства од реализираното извршување од посебната сметка на извршителот на трансакциската сметка на доверителот, согласно со член 36 став 5 од овој закон; враќање на паричните средства прибавени од спроведено извршување од посебната сметка на извршител на трансакциска сметка на должникот во случај на укинување, преиначување, поништување, ставање вон сила на извршната исправа или ставање вон сила на извршното дејствие по кое се наплатени паричните средства; и подготвување на извештаите за неговата работа согласно одредбите на овој закон.
Извршителот одговара дисциплински за своето нестручно и несовесно работење предвидено со закон, подзаконски акти и актите на Комората со кои се уредува работењето на извршителот (член 57 став 1 од Законот).
Во ставот 1 на член 86 од Законот (насловен „Приговор за незаконитости при извршувањето“) е предвидено дека странката, учесникот или третото лице кое смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршителот или дел од него спроведува. Понатаму, оспорениот став 2 на истиот член предвидува образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази во доволен број примероци, соодветен рок од три дена по денот на сознанието за незаконитост односно непреземено дејствие, но не подоцна од три месеци по преземеното, односно непреземеното дејствие. Приговор во никој случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување. Приговорот веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по приемот на приговорот до судот се доставува на одговор до извршителот, кој е должен во рок од 24 часа да се произнесе по приговорот. По потреба приговорот во истиот рок се доставува и до странките и учесниците. Доколку судот смета дека е потребно да ги сослуша странките, учесниците и извршителот пред судот, поканата до нив со утврден датум и време на сослушување ги доставува заедно со приговорот (став 3). Надлежен судија определен со годишниот распоред за работа на судот, одлучува по приговорот во рок од 72 часа од истекот на рокот за одговор на извршителот (став 4). Судот, донесува решение по приговорот во рокот определен во ставот 4 на овој член, без оглед на тоа дали спротивната страна навремено дала одговор на приговорот, односно дали го оспорува или не го оспорува (став 5). Со решението од ставот 5 на овој член приговорот може да се отфрли, одбие или усвои како основан (став 6). Судот со решението со кое го усвојува приговорот, ги утврдува сторените незаконитости и ги става вон сила презмените извршни дејствија или пак го утврдува пропуштањето за преземање на определено законско дејствие (став 7). Судот со решението не може да го запре извршувањето, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија (став 8). Приговорот не го задржува извршувањето, освен ако не е поинаку определено со овој закон (став 9).
Во ставот 1 на член 87 од Законот (насловен „Жалба против решение по приговор“) е предвидено дека против решението од член 86 од овој закон, странката, учесникот или третото лице и извршителот има право да поднесе жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд. Жалбата се поднесува преку основниот суд кој го донел решението во рок од три дена по приемот на решението од членот 86 од овој закон (став 2). Примерок од жалбата се доставува до спротивната странка во постапката по приговорот, кој може во рок од три дена да поднесе одговор на жалба (став 3). По добивањето на одговорот на жалбата или по истекот на рокот за одговор, предметот веднаш, а најдоцна во рок од три дена ќе се достави до апелациониот суд, кој е должен во рок од пет дена да одлучи по жалбата (став 4). Жалбата не го задржува извршувањето, освен ако со овој закон поинаку не е определено (став 5). Доставувањето на жалбата, одговорот на жалбата и решенијата на судот, до странките и учесникот, се врши преку извршител чие седиште е на подрачјето на судот на која е преземено оспореното дејствие (став 6). Апелациониот суд од ставот 1 на овој член, одлучувајќи по жалбата, може решението да го потврди или да го преиначи (став 7). Против правосилната одлука на судот, не се дозволени ревизија и повторување на постапката (став 8).
IV
Имајќи ги предвид претходно цитираните одредби, како и наводите во иницијативата од друга страна, својот став Судот во однос на овој предмет го заснова на причините наведени подолу.
Првин, за споредбата со кривичната, парничната и управната постапка и дека оспорената одредба нецелосно го уредува правото на правен лек што претставува своевиден облик на дискриминација во остварувањето на ова право.
Според Судот, станува збор за две различни правни ситуации чие споредување не може да биде основ за постоење сомнеж за несогласност со член 9 став 2 од Уставот.
Кај посочените постапки, станува збор за право на жалба против поединечни акти со кои се одлучува определено право, обврска, должност или правен интерес на правните субјекти кои имаат материјализација во облик на пресуда, решение или друг вид одлука предвидена со закон, при што таквото право може да се оствари во законски определен рок кој започнува да тече по доставувањето на првостепениот акт.
Со оспорената одредба, пак, се предвидува посебен вид правна заштита преку поднесување правно средство – приговор, кој може да го употребат точно определени субјекти. Но тоа, може да биде само против дејствија на извршител како носител на јавни овластувања кои се спротивни на законот или не ги презел, иако согласно закон имал таква должност. Притоа, треба да се има предвид дека со истата само се утврдува видот на правното средство, субјектите кои се носители на правото за поднесување на правното средство, основот за поднесување и месната надлежност на основниот суд до кој се поднесува, додека останатите прашања се уредуваат во другите ставови на член 86 од Законот за извршување.
Така, утврдени се роковите за негово поднесување, постапувањето на судот по поднесен приговор и рокот за одлучување по истиот, формата во која одлучува судот (со решение) и видовите видови на негово одлучување (отфрлање, одбивање или усвојување), потоа има посебно уредување во однос на тоа што треба да содржи решението кога се усвојува приговорот, утврдено е дека со решението не може да го запре извршувањето, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија и на крајот, приговорот е дефиниран како правно средство коешто не го запира извршувањето, освен ако не е поинаку определено со овој закон.
Дополнително, против решението од член 86 од Законот за извршување, во член 87 од истиот закон е предвидено право на жалба на лицата кои имаат право на приговор и извршителот во врска со чии дејствија е донесено тоа решение. Со истиот член исто се уредени и повеќе аспекти коишто се однесуваат на постапката по оваа жалба.
Според тоа, не само што станува збор за друг вид постапка во однос на оние коишто се наведуваат во иницијативата и друг вид правно средство во однос на жалбите коишто можат да се поднесат против првостепените одлуки донесени во овие постапки, туку прашањата во однос на тоа правно средство се уредени целосно со Законот за извршување, при што очигледно подносителот ја немал предвид целосната содржина на член 86 од овој закон и предметот на уредување на останатите ставови на овој член.
Во однос на наводите за тоа како се спроведува Законот за извршување преку наводно недавање правна поука на граѓаните во постапката за извршување, поради што биле третирани нерамноправно, станува збор за прашање за кое Уставниот суд не е надлежен да одлучува.
Од друга страна, со член 54 став 1 алинеи 1-16 од Законот за извршување е утврдена надлежност за Министерството за правда да врши надзор над работата на извршителите, додека со член 57 став 1 од Законот е предвидена дисциплинска одговорност за извршителот за неговото нестручно и несовесно работење согласно со закон, подзаконските акти и актите на Комората, со кои се уредува работењето на извршителот.
Понатаму, од нормативна гледна точка, формата на актите на извршителите е предмет на уредување на Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бp.90/2024).
Истиот е донесен врз основа на овластувањето од член 40 став 4 од Законот за извршување и согласно со член 1 од овој правилник, со истиот се пропишува формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија.
Со оглед на тоа дека во иницијативата се укажува на пример на налог за извршување без правна поука, во овој правилник е утврден Образец бр.20 во кој, меѓу другото, делот со правна поука за правото на приговор е составен дел на овој налог.
Во однос на наводната несогласност на оспорената одредба со Амандманот XXI на Уставот со кој е заменет чле 15 од Уставот, првин е потребно да се укаже дека истиот се однесува на два аспекти.
Првиот, согласно со точка 1 став 1 на овој амандман, е дека се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, што не е случај со уредувањето од оспорената одредба која се однесува на заштита во однос на извршителите, а не во однос на судовите.
Вториот е тој што е предвидено овластување за законодавецот, правото на жалба или друг вид правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања да го уреди со закон (став 2 на оваа точка).
Во однос на последното, потребно е да се посочи дека приговорот којшто е предвиден со член 86 од Законот за извршување, не се однесува на донесени акти од страна на вршители на јавни овластувања во постапка во прв степен како што предвидува уставната норма, туку на дејствија што ги презеле, односно биле должни да ги преземат овие субјекти, со оглед дека според концептот на извршување согласно со Законот, истото се спроведува преку преземање дејствија од страна на извршителите.
Меѓутоа, со ова законодавецот не ја повредува уставната одредба, туку напротив токму во насока на заштита на правата на граѓаните и владеењето на правото, предвидел правна заштита во рамки на постапката за извршување во случаите кога е повреден Законот.
Во прилог на ова, за Уставниот суд прифатливи се правните стојалишта на Судот содржани во Решението У.бр.152/2017 од 11 јуни 2018 година, Решението У.бр.113/2019 од 4 април 2019 година и Решението У.бр.47/2018 од 30 јануари 2019 година.
Имено, приговорот против неправилностите при извршувањето е предвиден како средство за заштита на странките во случај на неправилности и незаконитости сторени од страна на извршителот при спроведувањето на самото извршување, кое уредување води кон брзо, стручно и ефикасно извршување на одлука на суд или орган, односно, функционален и ефикасен систем на извршување.
Во член 86 став 2 од Законот се уредени роковите за поднесување приговор и тоа: рок од три дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето дејствие, односно не подоцна од три месеци по преземеното, односно непреземеното дејствие. Притоа, приговор во никаков случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување.
Доколку не би постоело вакво уредување во Законот, би се создала правна состојба во која странките ќе немаат на располагање правна заштита во случај кога извршителот не ги презел потребните дејствија во примерен рок и не постапувал согласно закон. Последица на тоа е дека ќе постои правна несигурност, на начин што ќе им се оневозможи правото на судска заштита доколку извршителот при извршувањето не ги презел соодветните законски дејствија.
Токму поради ова, според Судот, не може да се постави и прашањето за несогласност и со член 50 став 2 од Уставот бидејќи преку оспорената одредба е обезбедена судска заштита на законитоста во вршењето на јавните овластувања на извршителите.
Што се однесува на наводите за нејасност, двосмисленост и конфузност на оспорената одредба со што се повредува принципот на правна сигурност, а со тоа и на владеењето на правото и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, според Судот, истите се неосновани.
Имено, преку јазично толкување на нормата може јасно и недвосмислено да се утврди на кои субјекти се однесува, односно кој има право на правна заштита (странката, учесникот или трето лице кои како поими се дефинирани со Законот), потоа предвидени се условите кога може да бараат ваква правна заштита (ако сметаат дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие), потоа какво правно средство може да употребат (приговор) и на крајот кој е надлежниот суд до кој се поднесува ова правно средство (основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува.
Според тоа, воопшто не може да се постави прашањето за несогласност на член 86 став 1 реченица прва од Законот за извршување со член 8 став алинеи 1 и 3 од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.
V
Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски