
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.34/2025
Скопје, 10.06.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 10 јуни 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за доделување на еднократна финансиска помош на Здружението Карпино, бр.08-9/171 од 30.04.2025 („Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“ бр.8/2025 од 05.05.2025 година).
Образложение
I
Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на Општина Старо Нагоричане, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, оспорената одлука не е во согласност со член 51 став 1 од Уставот и член 36 став 1 точка 10 и член 64 став 1 од Законот за локалната самоуправа и член 3 од Правилникот за определување критериуми за доделување финансиска помош на здруженија на граѓани и фондации од буџетот на Општина Старо Нагоричане.
Се наведува дека оспорената одлука е донесена без да се почитува постапката за нејзино донесување согласно со Правилникот за определување на критериуми за доделување финансиска помош на здруженија на граѓани и фондации од Буџетот на Општина Старо Нагоричане и Законот за локалната самоуправа.
Врз основа на наведеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт и истиот да го укине.
II
На седницата Судот утврди дека Одлуката за доделување на еднократна финансиска помош на Здружението Карпино, бр.08-9/171 од 30.04.2025 година, е донесена од страна на Советот на Општина Старо Нагоричане, и е објавена во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“ бр.8/2025 од 05.05.2025 година.
Во член 1 став 1 од Одлуката е предвидено дека Советот на Општина Старо Нагоричане доделува еднократна финансиска помош за Здружението Карпино, по барање бр.03-297/1 од 19.03.2025 година. Финансиската помош во висина од 30.000,00 денари ќе биде исплатена од средства на Буџетот на Општина Старо Нагоричане. Според став 2 на истиот член, се задолжува барателот да достави фактура за набавените материјали согласно барањето и истата да ја достави до Советот на Општина Старо Нагоричане – Комисија за финансии во рок од 30 дена од исплатата на паричните средства.
Согласно со член 2 од истата одлука, се задолжува заменик-градоначалникот на Општина Старо Нагоричане да ја спроведе оваа одлука.
Во член 3 од оваа одлука е предвидено дека оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објава во „Службен гласник на Општина Старо Нагоричане“.
III
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
IV
Имајќи ги предвид правните елементи коишто го определуваат прописот како акт подобен за уставно-судска оцена, произлегува дека истиот треба да содржи општи норми, да уредува односи меѓу субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски за неопределен круг лица на субјекти во правото.
Од називот и содржината на оспорената одлука јасно произлегува дека станува збор за поединечен акт со кој се доделува еднократна финансиска помош на конкретно здружение. Оттука, одлуката се однесува на точно определен субјект, што значи дека истата регулира односи inter partes, а не е пропис кој на општ начин уредува определени односи и прашања за неопределен круг на субјекти во правото, односно не претставува пропис со општо дејство erga omnes.
Со оглед на тоа дека оспорената одлука нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот, туку претставува конкретен и поединечен акт, барањето за оценување на нејзината уставност и законитост не спаѓа во надлежностите на Уставниот суд, утврдени со член 110 алинеја 2 од Уставот, така што Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски