Уставниот суд организираше тркалезна маса на генералните секретари на балканските уставни судови

 Во рамките на Форумот на балканските уставни судови, со кој претседава Уставниот суд на Република Северна Македонија, од 24 до 26 јуни 2026 година во Охрид се одржа тркалезна маса на ниво на генералните секретари на уставните судови. Настанот беше организиран од Уставниот суд на Република Северна Македонија, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија, во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста и заштитата на човековите права“. 

Форумот беше посветен на организацијата и функционирањето на уставните судови, систематизацијата на работните места, како и на оценувањето и професионалниот развој на административната служба.

Настанот го отворија претседателот на Уставниот суд д-р Дарко Костадиновски, генералниот секретар м-р Виолета Ѓорѓиевска и тим-лидерот на ЕУ-проектот Карстен Манке.

На Форумот учествуваа генерални секретари и претставници на уставните судови од Албанија, Бугарија, Косово, Турција, Хрватска и Република Северна Македонија, кои ги презентираа искуствата на своите институции и разменија добри практики за организацијата на работата на уставните судови.

Во рамки на презентациите беше претставен новиот Правилник за внатрешна организација на Уставниот суд, донесен во октомври 2025 година, со кој е воспоставена организациска структура од 13 организациски единици што обезбедуваат стручна и административна поддршка на судот. Посебен акцент беше ставен на јасната поделба меѓу судиската и административната функција, улогата на генералниот секретар во координацијата на службата и дигиталното управување со предметите.

Учесниците беа запознаени и со систематизацијата на работните места во Стручната служба на Уставниот суд, која предвидува 71 работно место, од кои 54 се пополнети, како и со моделот за распределба на предметите и организацијата на работата на правните советници. Беше презентирано и дека во текот на 2025 година Уставниот суд работел на 520 предмети, од кои 229 биле завршени, додека останатите продолжиле во работа во текот на следната година.

На Форумот беше претставен и новиот систем за оценување на вработените во Стручната служба, кој се темели на континуирано следење на работата, месечни извештаи и оценување според три критериуми – навремено извршување на работните задачи, стручност и работен ангажман, како и професионално однесување. Во дискусијата беа разгледани и можностите за дополнително унапредување на системот преку воведување мерливи показатели за успешност, поголема транспарентност и развојни планови за вработените.

Во текот на тридневниот Форум се разговараше и за предизвиците со кои се соочуваат уставните судови во регионот, со посебен акцент на зајакнувањето на институционалните капацитети, модернизацијата на административното работење и размената на искуства меѓу уставните судови.

Форумот заврши со заклучок дека ваквите средби придонесуваат за поефикасна организација на работата, унапредување на професионалните стандарди и натамошно зајакнување на регионалната соработка меѓу уставните судови.

На Форумот учествуваа генерални секретари и претставници на уставните судови од регионот. Од Уставниот суд на Република Северна Македонија учествуваа генералниот секретар м-р Виолета Ѓорѓиевска, советникот на Судот и шеф на Кабинетот на претседателот Љубица Гаџовска, советникот на Судот Маjлинда Исмаили и независниот советник Лариса Милевска. 

Од Уставниот суд на Албанија учествуваа генералниот секретар Еуген Папандиле и раководителот на Одделот за економски прашања, човечки ресурси и служби за поддршка Ерион Тафај. Уставниот суд на Бугарија беше претставен од генералниот секретар Надежда Милковска и директорот на Дирекцијата за општа администрација и раководител на човечки ресурси Весела Аргирова. Од Уставниот суд на Косово учествуваа генералниот секретар Ветон Дула и менаџерот за човечки ресурси Ардрита Фејзулаху. Уставниот суд на Турција го претставуваа заменик-генералниот секретар Тугче Такџи, службеникот за врски од Одделот за меѓународни односи Гокчен Сена Кумџу и шефот на Протоколот на претседателот на Уставниот суд Арас Мустафа. Во својство на набљудувач учествуваше и генералниот секретар на Уставниот суд на Хрватска, Сања Трговац. 

Дел од учесниците беа Мартин Сопронов-сениор правен експерт, Огнен Јанески-модератор на настанот и Виктор Гратакос-менаџер на проектот, сите тројца експерти ангажирани на ЕУ проектот.