Од 24 до 26 јуни 2026 година, Уставниот суд на Република Северна Македонија е домаќин на тркалезна маса на генерални секретари во рамки на Балканскиот форум на уставни судови, како дел од претседавањето на Судот со Форумот. Настанот се организира со поддршка на Европската Унија, во рамки на ИПА-проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста, со фокус на заштитата на човековите права“.
Работилницата се одржува на тема „Организација на работата на Уставниот суд согласно правилата за внатрешна организација, систематизацијата на работните места и оценувањето и унапредувањето на вработените – предизвици и решенија“ и претставува продолжение на иницијативата за работни состаноци на генералните секретари на уставните судови, започната на крајот на 2025 година во Приштина, во организација на Уставниот суд на Република Косово.
На Форумот учествуваат генерални секретари и претставници на уставните судови на Република Албанија, Република Бугарија, Република Косово, Република Северна Македонија и Република Турција, како и претставници на Уставниот суд на Република Хрватска, која учествува со статус на земја-набљудувач.
Целта на настанот е размена на искуства и добри практики, разгледување на заедничките предизвици во организацијата и функционирањето на уставните судови, како и дискусија за можни правни и практични решенија, во согласност со меѓународните стандарди, препораките на Советот на Европа и компаративната практика на уставните судови.
Во рамки на работните сесии, делегациите ќе ги презентираат организациската поставеност и институционалната структура на своите судови, систематизацијата на работните места и управувањето со човечките ресурси, системите за оценување и унапредување на вработените, како и институционалните и административните предизвици со кои се соочуваат.