
Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.76/2025
Скопје, 20.05.2026
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапката на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/1994 и 103/2014).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување ја донел оспорената одлука врз основа на член 157 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и истата е спротивна на член 1 став 1 и член 51 на Уставот.
Од член 157 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и од Законот во целина, како и од Статутот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, не произлегува овластување на Управниот одбор да ја пропишува висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапката за остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување.
Согласно со член 1 од Одлуката, комисијата за оцена на работната способност е формирана во рамки на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и со вештиот наод ја утврдува фактичката состојба во управна постапка врз основа на која Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со решение го утврдува процентот на телесно оштетување или степенот на инвалидност или ја утврдува неспособноста за работа.
Вештиот наод кој го дава Управниот одбор, не е наод во смисла на одредбите од Законот за вештачење со кои се пропишува висината на наградата за извршено вештачење и од што се состои истата.
Со оглед на изнесеното се предлага, Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја укине.
II
На седницата, Судот утврди дека Одлуката за висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапката на остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување е донесена од страна на Управниот одбор на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, на седницата одржана на 3 јули 2014 година, врз основа на член 157 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013 и 44/2014) и Статутот на Фондот („Службен весник на Република Македонија“ бр.174/2013). Одлуката содржи 5 члена.
Со член 1 од оспорената одлука, се врши измена во член 2 од Одлуката за висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапката на остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/1994), поточно, зборовите „200 германски марки“ се заменуваат со зборовите „200 ЕВРА“, додека со член 2 од истата одлука, се менува член 3 од цитираната одлука, односно, зборовите „30 германски марки“ се заменуваат со зборовите „30 ЕВРА“.
По измената, член 2 од оспорената одлука, гласи „Во случаите на вештачење на работната способност по меѓународни договори трошоците за вештачење изнесуваат 200 евра кои ги надоместува странскиот носител на осигурувањето.“
По измената, член 3 од оспорената одлука, гласи „Со извршеното вештачење на работната способност во повторна постапка по барање на осигуреникот односно лицето и во која се донесе наод, оценка и мислење дека не постои промена на работната способност висината на трошоците се определува во денарска противвредност на 30 евра“.
Член 3 од оваа одлука уредува дека Фондот на пензиското и инвалидското осигурување ќе применува реципроцитет во наплатата на трошоците за вештачење повисока од 200 евра со државите договорнички со кои Република Северна Македонија има склучено договори за социјално осигурување.
Со член 4 од оспорената одлука се предвидува дека останатите членови од Одлуката остануваат непроменети, додека член 5 определува дека оваа одлука влегува во сила со објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
III
Според член 1 став 1 од Уставот, Република Северна Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.
Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјално осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” 180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023, 193/2024, 75/2025 и 154/2025).
Според одредбите од член 8 од наведениот закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој има својство на правно лице и како такво врши дејност од јавен интерес.
Со членовите 154-163 од Законот, се уредени надлежностите на Фондот, како и на неговите органи: Управниот одбор и директорот.
Според член 157 став 1 точка 1 од Законот, Управниот одбор на Фондот донесува Статут и други општи акти на Фондот согласно со овој закон.
Согласно со член 163 став 1 од Законот, Фондот има Статут, а со став 2 точка 7 од овој член е уредено дека со Статутот на Фондот особено се уредува постапката за донесување општи и поединечни акти.
Член 1 од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фондот), („Службен весник на Република Македонија“ бр.174/2013), пропишува, дека со истиот, помеѓу другото, се уредува постапката за донесување акти на Фондот и други прашања од значење за работењето на Фондот.
Со член 2 од Статутот е уредено дека Фондот ги спроведува правата и обврските од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување и врши други работи согласно со Законот за пензиското и инвалидското осигурување, овој статут и други акти на Фондот.
IV
Од наведените уставни одредби, јасно произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување коешто е препуштено на уредување со закон. Уставот, исто така, ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, којашто се остварува врз основа на начелото на социјалната праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се доверени на законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Пензиското и инвалидското осигурување, како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.
Од воведот на оспорената одлука произлегува дека правен основ за донесување на истата е член 157 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фондот), според кој, Управниот одбор на Фондот донесува Статут и други општи акти на Фондот согласно со овој закон.
Од содржината на член 163 став 2 од истиот закон, произлегува дека со Законот се уредени работите кои Фондот ги врши, при што законодавецот допуштил со Статутот на Фондот да можат да се уредат и други прашања кои се од значење за работењето на Фондот.
Судот смета дека не е уставно проблематично уредувањето со кое е допуштено на Фондот (којшто има својство на правно лице и чија дејност е од јавен интерес), да донесува статут и други општи акти со кои ќе се уредат одредени организациони и други технички прашања за начинот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, а во овој контекст, Управниот одбор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, како орган на Фондот, да ја пропишува висината на трошоците за вештачење на работната способност во постапка за остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување, кои се од значење за начинот на остварување на тие права.
Во конкретниот случај, станува збор за определување висина на трошоци за вештачење во постапка кога таква обврска е предвидена со меѓународни договори, кога вештачењето е извршено според други прописи, а по барање на осигуреникот при повторна оцена на работната способност за остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, односно, станува збор за трошоци кои ќе се надоместат со покренување на меѓудржавна постапка за остварување право на странска инвалидска пензија и истите ги надоместува странскиот носител на осигурувањето.
Оттука, неосновани се наводите во иницијативата дека со оспорената одлука се дава можност на Фондот да формира своја комисија за оценка на работната способност, со свој наод да утврдува фактичка состојба и да донесе решение со кое ќе утврди неспособност за работа или процент на телесно оштетување или степен на инвалидност, а уште повеќе да пропишува висина на наградата за извршеното вештачење што е спротивно на Законот за вештачење. Ова од причина што одредбите содржани во оспорената одлука се во функција на доразработка на одредени прашања кои произлегуваат од делокругот на Фондот утврдени со закон, а овластувањето на Управниот одбор како орган на Фондот да донесува подзаконски акти од областа на оцената на работната спосoбност, произлегува од Статутот на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Mакедонија.
Имено, во член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, помеѓу другото, е наведено дека Фондот ги спроведува прописите и политиките на развој на пензиското и инвалидското осигурување, а и дека со општи акти ги уредува прашањата за кои е овластен со овој закон.
Со оглед на тоа што Фондот има законско овластување одделни технички прашања, во врска со начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, да ги уредува со статут и други општи акти на Фондот (одредби од глава XIII со наслов „Фонд за пензиско и инвалидско осигурување“ од Законот), Судот оцени дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 157 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Статутот на Фондот и истата доуредува прашања уредени со член 18 од Статутот коишто се однесуваат на начинот на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, и има законски основ во член 127 од Законот, и е во функција на нивна операционализација, односно доразработка, што е во согласност со член 51 од Уставот.
Со оглед на тоа дека во наводите од иницијативата недостасуваат конкретни аргументи за несогласноста на оспорената одлука со член 1 став 1 од Уставот, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата во овој дел поради постоење процесни пречки.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски