УЗ.бр.83/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.83/2025
Скопје, 03.06.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 3 јуни 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Деловникот на Советот на Општина Јегуновце, бр.08-127/3 од 30.06.1997 година („Службен гласник на Општина Јегуновце“ бр.5-6 од 05.09.1997 година).

Образложение

I

Матеј Алексовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во диспозитивот на ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорениот деловник не е во согласност со темелната вредност – владеење на правото, утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, како и во член 51 од Уставот.

Имајќи го предвид фактот дека во 2002 година е донесен нов Закон за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), којшто во делот на преодните и завршните одредби со член 91 став 1 уредил рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила за усогласување на постојните статути на општините, актите за организација и работа и актите за систематизација на работните места во општините со одредбите од овој закон, во иницијативата е изнесен заклучок дека Општина Јегуновце делумно постапила согласно со наведената императивна норма за усогласување со Законот за локалната самоуправа од 2002 година на начин што донела нов Статут на Општина Јегуновце од 30.10.2003 година.

За разлика од наведеното, оспорениот деловник е донесен врз основа на член 29 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа од 1995 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1995 и 60/1995), којшто престанал да важи и не се применува, како и Статутот на Општина Јегуновце од 1997 година, којшто, исто така, престанал да важи со донесувањето на новиот Статут од 30.10.2003 година. Оттука, имајќи ја предвид одредбата од член 51 од Уставот согласно која во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, во иницијативата е наведено дека ваквата правна состојба е директно спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи примена на правен акт, донесен врз основа на правен пропис којшто не е на сила може да предизвика долгорочни и тешко отстранливи правни последици коишто ги засегаат правата и интересите на граѓаните на конкретната општина.

Со оглед на наведеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, истиот да го укине, како и да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот акт, согласно со член 37 став 1 од Актот на Судот.

II

На седницата Судот утврди дека Советот на Општина Јегуновце, врз основа на член 29 точка 2 од Законот за локалната самоуправа и член 25 од Статутот на Општина Јегуновце, на седницата одржана на 30.06.1997 година го донел Деловникот на Советот на Општина Јегуновце („Службен гласник на Општина Јегуновце“ бр.5-6 од 05.09.1997 година).

Деловникот содржи 102 члена, систематизирани во дванаесет (XII) глави. Заведен е со бр.08-127/3, а потпишан од претседавачот на Советот на Општина Јегуновце.

Деловникот е донесен врз основа на закон кој престанал да важи. Имено, во правниот основ за неговото донесување се наведува член 29 точка 2 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/1995 и 60/1995), којшто престанал да важи со влегувањето во сила на новиот Закон за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).

Од доставената документација од страна на градоначалникот на Општина Јегуновце (допис бр.09-475/1 од 3 март 2026 година), произлегува дека Советот на Општината донел нов Деловник, заведен со архивски број 08-396/3 од 27 февруари 2026 година, за кој е донесено и Решение за негово прогласување (бр.09-449/1 од 27 февруари 2026 година).

Од содржината на новиот деловник, произлегува дека истиот е донесен врз основа на член 36 став 1 точка 1 од важечкиот Закон за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2024), како и врз основа на член 21 став 1 точка 2 од Статутот на Општина Јегуновце („Службен гласник на Општина Јегуновце“ бр.21/2003, 16/2010, 19/2010, 20/2014, 26/2015, 27/2019 и 36/2024). Притоа, во завршната одредба на Деловникот, нормирана со член 206, е уредено дека со неговото влегување во сила, престанува да важи Деловникот на Советот на Општина Јегуновце, бр.08-127/3 од 30.06.1997 година.

III

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

IV

При ваква фактичка и правна состојба, произлегува дека оспорениот Деловник бр.08-127/3 од 30 јуни 1997 година, престанал да важи со донесувањето на новиот Деловник бр.08-396/3 од 27 февруари 2026 година, којшто ја уредува истата материја. Оттука, актот кој е предмет на оспорување со иницијативата не е повеќе дел од правниот поредок и не произведува правно дејство.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд, поради процесни пречки за мериторно одлучување по истата.

Во однос на предлогот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорениот деловник, а имајќи предвид дека Судот утврди постоење процесни пречки за мериторно одлучување по иницијативата, според Судот, не се исполнети условите за примена на член 37 од Актот на Уставниот суд.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски