
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.93/2025
Скопје, 06.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 38 алинеја 2 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 6 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025).
Образложение
I
Илија Ивановски со живеалиште во Република Србија, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Подносителот во иницијативата наведува дека оспорените одредби го доведуваат во нееднаква и дискриминаторска положба во однос на другите пензионери кои оствариле право на пензија според истиот закон, но живеат и ја примаат пензијата во државата. И покрај тоа што правото на пензија го остварил согласно со важечкиот закон, со оспорените одредби тоа право му се ограничува врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно загарантираните права.
Оспорените одредби се спротивни на одредбите од Уставот, коишто гарантираат заштита на слободите и правата на граѓаните, вклучувајќи ја еднаквоста на сите пред законите.
Врз основа на изнесеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да ги поништи.
II
На седницата Судот утврди дека во член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.75/2025), е предвидено дека во Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016, 132/2016, 27/2018, 35/2018, 220/2018 и 245/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.180/2019, 275/2019, 31/2020, 267/2020, 67/2022, 79/2023 и 193/2024), во член 37 став (1) по зборот „врши“ се додаваат зборовите „на корисници на пензија на кои пензијата им се исплаќа во Република Северна Македонија“.
Со член 3 од истиот закон е предвидено дека во Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.193/2024), во член 18 во ставот (3) по зборовите „28 февруари 2025 година“ се додаваат зборовите „и кои се исплаќаат во Република Северна Македонија“.
III
Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со предметната иницијатива се оспоруваат членовите 1 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, според кои усогласувањето, односно зголемувањето на пензиите е условено со тоа пензијата да се исплаќа во Република Северна Македонија.
Оспорените одредби претходно биле предмет на оцена од страна на Уставниот суд во предметот У.бр.65/2025, У.бр.88/2025, У.бр.95/2025, У.бр.111/2025 и У.бр.151/2025 од 25.02.2026 година, од аспект на согласноста со член 1, член 8 став 1 алинеја 8, член 9 ставови 1 и 2, член 27, член 35 став 1 и Амандманот XXXVI на Уставот, при што, Судот не повел постапка и утврдил дека оспорените законски одредби се во согласност со Уставот.
Во наведеното решение, Уставниот суд утврдил дека со оспорените одредби не е сторена дискриминација во смисла на член 9 став 1 од Уставот, бидејќи не воспоставуваат разлика меѓу граѓаните заснована на уставно наведени лични основи, туку се работи за нормативно решение од доменот на социјалната политика. Исто така, Судот, оценил дека законското решение е оправдано со социјална цел, има ограничено траење (во делот на член 3) и не го доведува во прашање стекнатото право на пензија и основната содржина на правото на пензија.
Понатаму, Судот утврдил дека во конкретниот случај, иако сите корисници на пензија го стекнале правото под исти законски услови, предмет на оспорување не е самото право на пензија, ниту неговата исплата на корисниците кои живеат во странство, туку опфатот на конкретно усогласување/зголемување, при што законодавецот, интервенирал со ограничена мерка во услови на зголемени трошоци на живот, со цел заштита на животниот стандард на пензионерите.
Во тој контекст, разликувањето според критериумот „исплата во Републиката“ може да се согледа како инструмент за таргетирање на мерката кон категорија корисници чиј животен стандард непосредно е изложен на економските услови во државата и чија куповна моќ е директно зависна од домашните трошоци на живот, што претставува легитимна социјална цел во рамки на определбата за социјална држава од член 1 од Уставот и темелните вредности од член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот.
Имајќи предвид дека правната и фактичката состојба е непроменета и дека аспектите на оспорување изнесени во оваа иницијатива не се од влијание за заземање поинаков став од она што Уставниот суд го утврдил во наведеното решение, како и фактот дека не постојат основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеја 2 од Актот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд нa Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски