
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.184/2024
Скопје, 20.05.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 20 мај 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20 став 6 во делот „и висината на надоместокот“ од Законот за управување со отпадот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 216/2021 и 3/2025).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад, бр.11-1526/1 од 14 мај 2024 година, донесено од страна на министерот за животна средина и просторно планирање („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 103/2024).
Образложение
I
Игорчо Точев од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот означен во точка 1, како и за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 2 од диспозитивот на ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот член е недоволно прецизен и поради тоа е спротивен на начелото на владеење на правото. Владеењето на правото предвидува во правниот промет да постојат јасни, прецизни и концизни норми коишто нема да остават простор истите арбитрарно да се применуваат.
Се наведува дека во ниту еден член од Законот за управување со отпадот, не се пропишани параметри врз основа на тоа како ќе се пресметува надоместокот за работа на работното тело и која ќе биде висината на истиот. Во прилог на ваквото тврдење се наведува и Решението на Уставниот суд У.бр.155/2005.
Со иницијативата се бара и поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад, донесено од страна на министерот за животна средина и просторно планирање.
Според наводите, уредувањето во член 20 став 6 од Законот за управување со отпад треба да биде во насока на разработување на Законот со подзаконски акт.
Во член 20 став 6 од Законот за управување со отпад недоволно јасно и прецизно е определено со каков акт донесен од страна на министерот се доразработува наведената одредба, односно дали е тоа решение, правилник или друг акт, што не е во согласност со член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот дел од член 20 став 6 од Законот за управување со отпад и за уставноста и законитоста на оспореното решение. Воедно, се предлага Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на оспореното решение.
II
На седницата Судот утврди дека во член 20 став 6 од Законот за управување со отпад („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 216/2021 и 3/2025), е предвидено дека составот, начинот на работа на работното тело и висината на надоместокот ги утврдува министерот.
Исто така, Судот, утврди дека Решението за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад бр.11-1526/1 од 14 мај 2024 година е донесено врз основа на член 20 став 6 од Законот за управување со отпадoт („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 216/2021), од страна на министерот за животна средина и просторно планирање и објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.103/2024.
Во член 1 од ова решение, е определено дека со истото се утврдува составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад.
Член 2 на истото решение пропишува дека работното тело за отпад го утврдува статусот на секундарна суровина и престанување на статусот на поедини видови отпад, согласно со Законот за управување на отпад. Исто така, утврдени се членовите на работното тело, мандатот на работното тело и мандатот на претседателот на работното тело.
Со член 3 од Решението, се уредува начинот на работа на работното тело, односно дека истото работи и одлучува на седници како и местото на одржување на седниците. Исто така, пропишан е и начинот на носењето на одлуки и мислење на работното тело.
Во член 4 од ова решение е определено лицето кое ги врши административно-техничките работи за потребите на работното тело.
Согласно со член 5, на членовите на работното тело за работата во работното тело им следува надоместок. Определена и висината на надоместокот по член на работното тело за разгледување на секое поднесено барање до работното тело за упис на супстанција, материја или производ во Листата на секундарни суровини или барање за укинување на статусот за отпад.
Овa решение влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”, согласно со член 6 од истото.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот, владеењето на правото е темелнa вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 1 од Законот за управување со отпадот е определено дека со овој закон се уредуваат начелата и целите за управување со отпад, стратегиите, плановите и програмите за управување со отпадот, правата и обврските на правните и физичките лица во врска со управувањето со отпадот, начинот и условите под кои може да се врши собирање, транспортирање, повторна употреба, третман, складирање, преработка и отстранување на отпадот, увозот, извозот и транзитот на отпадот, воспоставување на информативниот систем, како и финансирањето и надзорот над управувањето со отпадот.
Целите на овој закон утврдени во член 3 од истиот, се да се обезбеди избегнување и во најголема можна мера, намалување на количеството на создадениот отпад, искористување на употребливите состојки на отпадот, одржлив развој, преку зачувување и заштеда на природните ресурси, спречување на негативните влијанија на отпадот врз животната средина, животот и здравјето на луѓето во согласност со принципите на циркуларната економија, отстранување на отпадот на начин што е прифатлив за животната средина и висок степен на заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето.
Со член 4 од овој закон е определено дека управувањето со отпадот е дејност од јавен интерес, којшто се врши во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Според член 6 став 1 точка 1 од истиот закон, „Отпад“ е секоја супстанција, материја или предмет од категориите на отпад наведени во Листата на видови на отпад од членот 15 од овој закон, коишто создавачот или поседувачот ги исфрла, има намера да ги исфрли или од него се бара да ги исфрли.
Член 18 од овој закон е насловен „Секундарна суровина“ и во став 1 од истиот член е пропишано дека супстанција, материја или производ кој е резултат од производствен процес, а чија примарна цел не е производство на таа супстанција, материја или производ, нема да се смета како отпад, согласно со член 6 став 1 точка 1 алинеи 1-4 од овој закон, односно истите ќе се сметаат како секундарна суровина доколку ги исполнуваат следните услови: натамошната употреба на супстанцијата, материјата или производот да е безбедна од аспект на животната средина, односно постојат гаранции дека супстанцијата, материјата или производот нема да бидат отстранети како отпад и дека истите нема да се складираат на неопределено време; супстанцијата, материјата или производот може да се користат директно, без дополнителна преработка, во вообичаени индустриски процеси; супстанцијата, материјата или производот е составен дел од производствениот процес; и натамошната употреба на супстанцијата, материјата или производот е дозволена, односно супстанцијата, материјата или производот ги исполнува потребните барања и стандарди пропишани за нивна употреба во однос на квалитет, заштита на животната средина и здравјето на луѓето, како и дека нивната употреба нема да доведе до негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето.
Според став 2 од истиот член, за да може една супстанција, материја или производ да се смета како секундарна суровина, создавачот на отпад е должен до стручниот орган да поднесе барање за упис на супстанцијата, материјата или производот како и производствениот процес во кој се создава секундарната суровина во Регистарот за отпад од член 100 од овој закон (во натамошниот текст: Регистарот), кое ги содржи следниве податоци: назив на секундарната суровина, за начинот на настанување, односно опис на производ- ст¬вениот процес од кој се создава секундарната суровина и за супстанцијата, материјата или производот за кој се бара упис во регистарот дека ги исполнува условите/спецификациите како другите слични по цел производи на пазарот.
Стручниот орган е должен во рок од пет дена од денот на комплетирањето на барањето од став 2 на овој член со потребната документација од став 3 на овој член да го достави до работното тело за отпад од член 20 од овој закон заради добивање на мислење (став 4).
Стручниот орган, врз основа на мислењето од член 20 став 3 од овој закон, е должен во рок од 60 дена од денот на приемот на барањето да донесе решение за секундарна суровина или да го одбие барањето од ставот 2 на овој член (став 5).
Против решението од став 5 на овој член, создавачот на отпад од став 2 на овој член може да поднесе жалба согласно со прописите за општа управна постапка, според став 6 од истиот член.
Според став 13 од овој член, подносителот на барањето од став 2 на овој член, при поднесувањето на барањето е должен да плати надоместок во износ од 15.000,00 денари, на посебна сметка на органот за животната средина.
Член 19 од овој закон е насловен „Укинување на статусот на отпад“ и во став 1 е определено дека поедини видови на отпад (хартија, стакло, гуми, текстил, композитни материјали, метал и други) ќе престанат да бидат отпад согласно со член 6 став 1 точка 1 од овој закон, доколку истите со постапка на преработка, вклучувајќи и рециклирање, ги исполнуваат следниве услови: супстанцијата, материјата или производот се користат за определена намена, за супстанцијата, материјата или производот постои побарувачка на пазарот, супстанцијата, материјата или производот ги исполнуваат техничките барања за намената и ги исполнуваат прописите и стандардите кои се однесуваат на производот и употребата на супстанцијата, материјата или производот нема да доведе до негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето.
Согласно со став 3 од овој член, управувачот со отпад до стручниот орган поднесува барање за укинување на статусот за отпад.
Стручниот орган е должен во рок од пет дена од денот на комплетирањето на барањето од став 3 на овој член да го достави до работното тело за отпад од член 20 од овој закон, заради добивање на мислење од истото, според став 4.
Во став 5 е пропишано дека стручниот орган, врз основа на мислењето од став 4 од овој закон и доколку се исполнети условите за укинување на статусот на отпад согласно со овој член, е должен во рок 60 дена од денот на приемот на барањето да донесе решение за укинување на статусот на отпад за поедини видови на отпад или да го одбие барањето.
Управувачот со отпад против решението од став 5 на овој член, со кое се одбива барањето за укинување на статусот на отпад може да изјави жалба согласно со Законот за општа управна постапка, согласно со став 6 од овој член.
Според став 8 од истиот член, подносителот на барањето од ставот 3 на овој член при поднесување на барањето е должен да плати надоместок во износ од 15.000,00 денари, на посебна сметка на органот за животната средина.
Член 20 од истиот закон во кој е содржана оспорената одредба е насловен „Работно тело за отпад“ и според став 1 од овој член, за утврдување на статусот на секундарна суровина од членот 18 од овој закон и за престанување на статусот на поедини видови отпад од членот 19 од овој закон, министерот формира посебно работно тело за отпад составено од претставници на органите на државната управа, научни и образовни институции и организации, експерти од областа на управување со отпадот и претставници од бизнис секторот. Во став 2 од овој член е уредено дека работното тело за отпад може да има најмалку пет, а најмногу седум членови, со завршено високо образование од областа на природните и/или техничките науки и кои имаат работно искуство од најмалку десет години во областа на управување со отпадот.
Со став 5 од истиот член, се предвидува дека за работата во работното тело, на членовите во работното тело од став 1 на овој член им следува надоместок чија висина се определува во зависност од бројот на поднесените барања, согласно со членовите 18 и 19 од овој закон.
Во став 6 од овој член е определено дека составот, начинот на работа на работното тело и висината на надоместокот ги утврдува министерот, додека во став 7 е утврдено дека работното тело се финансира од надоместокот утврден во член 18 став 13 и член 19 став 8 од овој закон.
Министерот го претставува министерството, организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите, донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон, согласно со член 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010 и 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/2019, 110/2019 и 121/2024).
Согласно со член 55 став 1 од истиот закон, министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Во Законот за Владата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2000, 26/2001, 13/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, 15/2013, 139/2014, 196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/2019), во член 13 е определено дека министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи.
IV
Во конкретниот случај, со иницијативата се бара оценување на уставноста на член 20 став 6 во делот „и висината на надоместокот“ од Законот за управување со отпадот. Со иницијативата се оспорува уставноста на оваа одредба главно со наводи дека во Законот во целина, не се пропишани критериуми и параметри за тоа како ќе се определува висината на надоместокот за работа на работното тело, со што се остава можност на арбитрарен начин да се определи истиот, што е спротивно на темелната вредност – владеење на правото.
Законодавецот има уставно овластување во функција на доуредување и операционализација на одредена законска проблематика, да овласти одредени органи да разработат одредена законска проблематика, особено во случаите кога станува збор за сложена и комплексна тематика, каква што разработува и Законот чија одредба во конкретниот случај е оспорена и е предмет на уставно-судска анализа.
Од законските овластувања на министерот кој раководи со органот за животна средина, произлегува дека неговата улога е значајна од аспект на спроведувањето на Законот. Имено, министерот, според член 15 став 9 од Законот за управување со отпадот, го пропишува начинот на означување на отпадот со шифри и начинот на неговото определување во определена категорија, ги утврдува стандардите за акредитација за вршење на оцена на карактеристиките на отпадот кои треба да ги исполнува акредитираното правно лице (член 17 став 2), ги утврдува составот, начинот на работа на работното тело и висината на надоместокот (член 20 став 6), дава предлог до Владата на Република Северна Македонија за донесување на стратегија за управување со отпадот (член 22 став 1), ја пропишува содржината на регионалниот план (член 24 став 7). Министерот поблиску го пропишува начинот на преработка на отпадот за добивање на енергија (член 40 став 3), го пропишува начинот на складирање на отпадот како и минимално техничките услови што треба да ги исполнуваат местата на коишто се врши складирањето на отпадот (член 41 став 5), донесува програма за полагање на стручен испит за управување со отпад и го пропишува начинот на полагање на стручниот испит (член 47 ставови 13 и 14), ги пропишува својствата на опасниот отпад и поблиските правила за управување со опасниот отпад (член 51 став 3). Исто така, министерот го пропишува начинот на пакување и означување на опасниот отпад (член 54 став 4), ги пропишува начинот на управување со отпад од азбестот и со отпадот од производи кои содржат азбест (член 58 став 3), ги пропишува општите правила за управување со комуналниот и со другите видови неопасен отпад (член 63 став 5), ја пропишува формата и содржината на образецот на барањето за издавање на дозволата за депонија (член 74 став 6), го пропишува количеството биоразградливи состојки во отпадот што смее да се депонира (член 79 став 5). Ваквите овластувања на министерот утврдени со Законот, ја отсликуваат сложеноста и комплексноста на материјата што ја уредува Законот.
Во член 20 од овој закон се уредува целта на формирањето на работното тело за отпад, неговиот состав, стручните квалификации и работното искуство за членовите како и роковите и обврските при работењето. Во став 5 од истиот член е утврдено дека на членовите на работното тело им следува надоместок, чија висина зависи од бројот на поднесени барања, додека во став 7 е прецизирано дека средствата за финансирање на работното тело потекнуваат од точно определени надоместоци коишто ги плаќаат подносителите на барањата од членовите 18 и 19 од истиот закон. Оттука, оспорениот дел „и висината на надоместокот“ од член 20 став 6 од истиот закон, не може да се разгледува изолирано, туку во контекст на целината на законот.
Имајќи ја предвид содржината на наведените одредби од Законот за управување со отпадот, произлегува дека законодавецот ја ограничил висината на надоместокот на членовите на работното тело за отпад со изворот на финансирање и со бројот на поднесените барања и истовремено ја исклучил можноста за неограничено и самоволно утврдување на надоместокот.
Од анализата на наведените одредби од Законот за Владата на Република Северна Македонија и Законот за организација и работа на органите на државната управа, неспорно произлегува дека министерот кој раководи со органот за животна средина може да донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон и е одговорен за спроведувањето на законите, додека од содржината на член 20 став 6 од Законот за управување со отпадот произлегува овластувањето на министерот да го утврди составот, начинот на работа на работното тело и висината на надоместокот на членовите на работното тело. Согласно со член 18 став 13 од истиот закон, секој подносител на барање за прогласување на одредена супстанца, материја или производ да се прогласи за секундарна суровина, како и секој подносител на барање согласно со член 19 став 8 од овој закон, за прогласување на одредена материја, супстанца или производ за укинување на статусот на отпад е должен да плати надоместок во износ од 15.000,00 денари. Надоместокот којшто го плаќаат подносителите на барањата е јасно и прецизно дефиниран во Законот, за да може Министерството за животна средина и просторно планирање да постапи по доставените барања кои се од техничка природа, потребно е да добие стручно мислење од работното тело формирано согласно со член 20 од Законот за управување со отпад, врз основа на кое Министерството за животна средина и просторно планирање ќе издаде решение за упис на секундарната суровина или укинување на статусот на отпад во Регистарот за отпад.
Законодавецот, во конкретниот случај, со член 20 став 6 од истиот закон го овластил министерот кој раководи со органот за животна средина да ја утврди висината на надоместокот на членовите на работното тело за отпад. Како критериум за одредување на висината на надоместокот, според став 5 од истиот член, го определил бројот на поднесените барања согласно со членовите 18 и 19 од овој закон. Во оспореното решение за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад во член 5 е утврден надоместокот за членовите во износ од по 3.000,00 денари, за разгледување на секое поднесено барање до работното тело за упис на супстанција, материја или производ во листата на секундарни суровини или барање за укинување на статусот за отпад.
Законот за управување со отпадот детално ги уредува условите за стекнување статус на секундарна суровина и престанување статус на отпад, предвидува задолжително стручно мислење од специјализирано работно тело и утврдува извор на финансирање за работата на тоа тело преку јасно определени надоместоци. Со ваквата законска уреденост, законодавецот не само што ги утврдува основните параметри за определување на надоместок, туку воспоставува и функционален систем кој не дозволува арбитрарност.
Имајќи го сето ова предвид, произлегува дека надоместокот не се утврдува призволно, туку врз основа на објективни критериуми. Вака пропишаниот надоместок треба да е предвидлив и пропорционален и во конкретниот случај, според Судот, исполнети се овие критериуми, бидејќи надоместокот е предвиден за конкретна услуга – утврдување статус на секундарна суровина и престанување на статусот на поедини видови на отпад и висината на истиот се утврдува врз основа на бројот на поднесени барања.
Врз основа на направената уставно-судска анализа, по однос на наводите за арбитрарност и спротивност на оспорената одредба со владеењето на правото како темелна вредност, Судот оцени дека истите се несновани, од причина што во конкретниот случај постои законски механизам за конкретизирање на износот на надоместокот преку подзаконски акт со обврска истиот да се определува во зависност од бројот на поднесените барања. Оспорената одредба е предвидлива, пропорционална и истата не создава правна несигурност поради што, Судот, оцени дека истата е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Решението за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад, донесено од страна на министерот за животна средина и просторно планирање, со наводи дека во член 20 став 6 од Законот за управување со отпадот, не е доволно јасно и прецизно определено со каков акт донесен од страна на министерот се доразработува наведената одредба. Ваквата законска поставеност не е во согласност со темелната вредност – владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи според член 56 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби од законите и други прописи заради нивно извршување.
Имајќи ги предвид погоре наведените одредби од Законот за Владата на Република Северна Македонија и Законот за организација и работа на органите на државната управа, министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведувањето на законите и другите прописи и истиот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.
Уставот не пропишува обврска законодавецот во секој поединечен случај експлицитно да го определи видот на актот со кој надлежниот орган ќе ја операционализира законската норма. Во оваа смисла Законот за управување со отпадот со повеќе одредби му дава на министерот широки овластувања да пропишува конкретни постапки и услови за спроведување на законот, а без притоа да го прецизира видот на актот со кој тоа се врши.
Оспореното решение е донесено од страна на министерот за животна средина и просторно планирање врз основа на член 20 став 6 од Законот за управување со отпадот, каде е пропишано дека министерот го утврдува составот, начинот на работа на работното тело и висината на надоместокот. Во конкретниот случај, законодавецот ја определил содржината и целта на овластувањето, додека изборот на соодветниот акт врз основа на природата и карактерот на конкретното овластување го препуштил на министерот. Ваквиот пристап не ја нарушува правната сигурност, бидејќи суштинските елементи на овластувањето како и неговата цел и граници се јасно утврдени во Законот.
Од содржината на оспореното решение произлегува дека со истото не се врши нормативно уредување од општ карактер, туку се конкретизира составот на работното тело, се утврдува висината на надоместокот според критериумот определен во Законот и се разработува начинот на работа на работното тело од технички аспект. Поради ова, Судот оцени дека истото претставува поединечен, конкретен акт, со кој се воспоставуваат правни односи inter partes, бидејќи не уредува прашања на општ начин и на неопределен број субјекти во правото.
Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, во надлежност на Уставниот суд, е да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите. Не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, поконкретно актите со кои се воспоставуваат правни односи inter partes, не се предмет на оцена, туку само прописите коишто ги содржат правните елементи што го определуваат прописот подобен за уставно-судска оцена. Тоа се прописите чиешто суштинско обележје е нивната општост изразена преку содржани општи норми на однесување коишто се однесуваат на неопределен број субјекти во правото, односно да уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото.
Поради сето горенаведено, Судот оцени дека барањето во иницијативата за оцена на уставноста и законитоста на Решението за составот, висината на надоместокот и начинот на работа на работното тело за отпад бр.11-1526/1 од 14 мај 2024 година, донесено од страна на министерот за животна средина и просторно планирање, излегува надвор од уставно утврдените надлежности на Уставниот суд, поради што се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во овој дел.
V
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
д-р Дарко Костадиновски