
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ. бр.37/2025
Скопје, 11.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за преиспитување на Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 на Уставниот суд на Република Северна Македонија, донесена на седницата одржана на 25.09.2025 година, објавена во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.209/2024 од 10.10.2024 година.
Образложение
I
Вера Апостоловска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за преиспитување на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека во донесувањето на оспорената одлука учествувал судија кој немал право да учествува во одлучувањето бидејќи бил избран на незаконит начин, што е утврдено со Пресудата бр.У-5-380/25 на Управниот суд на Република Северна Македонија.
Оттука, се предлага Уставниот суд да ја преиспита, односно поништи Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 од 25.09.2025 година со која се укинати член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2023) и се става вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2023).
II
На седницата Судот утврди дека со Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 од 25 септември 2024 година се укинуваат член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 154/2023).
III
Согласно со член 112 став 3 од Уставот на Република Северна Македонија, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Според член 38 алинеја 1 од Актот на Судот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во член 81 од Актот на Судот е уредено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и правно обврзувачки за сите правни субјекти.
IV
Од наводите во барањето произлегува дека се бара преиспитување на Одлуката У.бр.98/2024 и У.бр.139/2024 од 25.09.2025 година со која се укинати член 2 и член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.154/2023) и се става вон сила Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на член 2 и член 4 од овој закон.
Со оглед на тоа дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни и истите не подлежат на преиспитување ниту од Уставниот суд ниту од друг орган, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 1 од Актот на Судот за отфрлање на иницијативата.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски