У.бр.177/2024

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.177/2024
Скопје, 11.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 1 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на делот „привремен” во насловот и во целиот текст на Законот за таксата за привремен престој („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/1996, 26/2002, 51/2003, 88/2008, 17/2011 и 192/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 31/2020 и 16/2025).

Образложение

I

Славко Лазовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот во насловот и во целиот текст на Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Се наведува дека оспорениот дел не е во согласност со член 2 став 1, член 4 став 1, член 8 став 1 алинеја 1 и член 27 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со употребата на овој термин се доведува во прашање уставно загарантираното право на слободно движење и слободен избор на местото на живеење, затоа што граѓанинот, кога користи услуга за ноќевање надвор од местото на живеење, се третира како лице на „привремен престој”.

Според наводите, Законот неосновано ги изедначува домашните и странските државјани во однос на обврската за плаќање на таксата, како и дека употребената терминологија не е усогласена со термините содржани во други закони што уредуваат сродна материја. Во прилог на своите аргументи подносителот ги наведува Законот за угостителска дејност, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и Законот за движење и престој на странците, односно Законот за странци.

Иако оваа јавна давачка во минатото била уредена во Законот за комунални такси, а подоцна и во посебен закон од 1996 година, законодавецот не може на државјани на Република Северна Македонија, додека се наоѓаат на територијата на сопствената држава, да им припише статус својствен за странци. Таквата законска терминологија не е во согласност со уставните начела на владеење на правото, правната сигурност и јасноста на прописите.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да утврди дека делот „привремен” во насловот и во целиот текст на Законот за таксата за привремен престој не е во согласност со Уставот и истиот да го укине.

II

На седницата Судот утврди дека Законот за таксата за привремен престој („Службен весник на Република Македонија” бр. 19/1996, 26/2002, 51/2003, 88/2008, 17/2011 и 192/2015 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 31/2020 и 16/2025), содржи 14 члена.

Со овој закон се уредува правниот режим на таксата за привремен престој како јавна давачка што ја плаќаат домашни и странски државјани кога надвор од местото на своето постојано живеење користат услуги за ноќевање во сместувачки објекти регистрирани за прием на гости, како и во куќи, станови и соби наменети за издавање.

Покрај предметот на таксата, Законот ја уредува и висината на таксата, категориите лица ослободени од плаќање, начинот на наплата и уплата, намената на прибраните средства, надзорот над наплатата, како и прекршочната одговорност и висината на глобите во случај на непочитување на законските обврски.

III

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, темелни вредности на уставниот поредок се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, како и владеењето на правото.

Со член 33 од Уставот е утврдено дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи, на начин утврден со закон.

Согласно со член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со Законот за таксата за привремен престој се уредува таксата за привремен престој како јавна давачка што ја плаќаат државјаните на Република Северна Македонија и странските државјани кои, надвор од местото на своето постојано живеење, користат услуги за ноќевање во сместувачки објекти регистрирани за прием на гости за ноќевање, како и во куќи, станови и соби наменети за издавање. Со истиот закон се уредуваат и висината на таксата, категориите лица ослободени од плаќање, начинот на наплата и уплата, намената на средствата, надзорот над наплатата, како и прекршочните одредби и санкциите во случај на непочитување на законските обврски од страна на физичките и правните лица што даваат услуги за сместување.

IV

Во конкретниот случај, со иницијативата се бара Уставниот суд да ја оцени уставноста на делот „привремен” содржан во насловот и во текстот на Законот за таксата за привремен престој, во целина.

Според наводите овој дел не е во согласност со уставните одредби што се однесуваат на суверенитетот, државјанството и правото на граѓанинот слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира своето место на живеење. Воедно, оспорениот дел не бил усогласен ниту со терминологијата употребена во други закони што уредуваат сродна или блиска материја.

Имајќи ја предвид содржината на член 33 од Уставот, според Судот, утврдувањето на даноците и другите јавни давачки е прашање што спаѓа во уставна надлежност на законодавецот, кој е овластен со закон да ги уреди предметот на јавната давачка, кругот на обврзници, висината, исклучоците, начинот на наплата и распределбата на средствата.

Во таа смисла, законодавецот има уставно овластување да воведе јавна давачка за точно определена фактичка состојба, односно за користење услуги за ноќевање во сместувачки објекти, куќи, станови и соби наменети за издавање, надвор од местото на постојано живеење на корисникот на услугата. Таквото законско уредување, само по себе, не навлегува во уставниот статус на лицето како државјанин, ниту го ограничува неговото право на слободно движење, туку воспоставува обврска за плаќање јавна давачка поврзана со користење конкретна услуга, под услови и на начин утврдени со закон.

Оттука, неосновано е тврдењето дека употребата на оспорениот дел „привремен” во овој закон има значење поврзано со суверенитетот, државјанството и правото на граѓанинот слободно да се движи на територијата на Републиката и слободно да го избира своето место на живеење.

Во контекст на овој закон, оспорениот дел нема функција да дефинира статусно прашање на лицето, туку претставува законодавно-технички израз за фактичката состојба на престојување надвор од местото на постојано живеење, поврзана со користење услуга за ноќевање, како основ за настанување на обврската за плаќање на таксата. Поради тоа, оспорениот дел не може да се толкува изолирано и надвор од предметот, целта и систематизацијата на законот во кој е употребен.

Од наводите во иницијативата произлегува дека се оспорува делот „привремен” така што се издвојува од целината на законскиот текст и неговото значење се цени преку споредба со терминологија употребена во други закони, како што се Законот за угостителска дејност, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и поранешниот Закон за движење и престој на странците, односно важечкиот Закон за странци. Меѓутоа, ваквите наводи, по својата суштина, не отвораат прашање за согласноста на оспорениот закон со Уставот, туку прашање за меѓусебна усогласеност на терминологијата во различни закони.

Согласно со уставната надлежност, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот, но нема надлежност да ја оценува меѓусебната согласност на законите, ниту да цени дали законодавецот во различни прописи употребил идентична или различна правна терминологија, сè додека таквата терминологија не произведува непосредна повреда на конкретна уставна норма. Прашањето на доследноста, конзистентноста и јазично-номотехничкото усогласување на правната терминологија, употребените фрази и законските формулации спаѓаат во доменот на законодавната политика и номотехниката, што е во надлежност на законодавецот.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел „привремен” во насловот и во целиот текст на Законот за таксата за привремен престој е законодавно-технички израз бидејќи во контекст на Законот служи единствено како термин за фактичка состојба поврзана со користење услуга за ноќевање надвор од местото на постојано живеење, а не како определба на уставноправниот статус на граѓанинот.

Бидејќи наводите во иницијативата во суштина се сведуваат на прашање на терминолошка усогласеност меѓу различни закони, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно со член 38 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски