
Уставен суд на
Република Северна Македонија
БЗСП.бр.18/2025
Скопје, 22.04.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеи 1 и 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 22 април 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА барањето на Ордан Крстевски и Светлана Барибина, двајцата од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на забраната на дискриминација во остварување на правото на одбрана пред суд.
Образложение
I
Ордан Крстевски и Светлана Барибина, двајцата од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот коишто се однесуваат на правото на забрана на дискриминација поради ускратување на правото на одбрана пред суд.
Во барањето подносителите наведуваат дека во кривичната постапка К.бр.1017/24, со постапувањето на јавниот обвинител, им е оневозможено правото да се изјаснат и да се бранат во согласност со доказите. Обвинителот не ги зел предвид доставените докази ниту им дозволил да дадат целосен исказ во своја одбрана со што им е повредено правото на правична постапка и правото на одбрана загарантирани со Уставот.
Понатаму, се тврди дека со пристрасно постапување на обвинителот кон оштетените, наводите и фактите во обвинителниот акт се неточно прикажани. Со едностраното собирање на изјави во семејниот дом, којшто е една половина идеална сопственост на подносителите, без нивна согласност и без законска основа, им е повредено уставното право на сопственост, гарантирано со член 30 од Уставот. Се наведува дека со тоа што не им е овозможено рамноправно учество во постапката, им е повредено начелото на еднаквост и забраната на дискриминација, гарантирани со член 9 од Уставот.
Со барањето се предлага Уставниот суд да утврди повреда на уставно загарантираните права, сторена од страна на јавниот обвинител во постапката К.бр.1017/2024, како и да утврди дека е сторена повреда на правото на одбрана, еднаквост пред законот и правото на сопственост. Во прилог на барањето, како докази за сторената повреда се доставени списи од кривичниот предмет К-1017/24, којшто се води пред Основниот кривичен суд Скопје, Обвинителен предлог XVIII КО-1347/24 од 23.04.2024 на Основнoто јавно обвинителство Скопје со листа на докази и известување СОПП бр.140/24 од 20.01.2025 година од Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија по претставка од подносителите на барањето за незаконито и субјективно постапување на јавниот обвинител во водењето на постапката којашто претходела на поднесениот обвинителен предлог.
II
На седницата Судот ја утврди следната фактичка состојба, како што е наведено подолу.
Против подносителите на барањето, врз основа на обвинителен предлог КО-1347/24 од 23.04.2024 на Основнoто јавно обвинителство Скопје се води кривична постапка XXVI K.бр.1017/24 пред Основниот кривичен суд Скопје за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ од Кривичниот законик.
Од доставениот примерок од првостепената пресуда се утврди дека Основниот кривичен суд Скопје на 28.10.2025 година, донел првостепена Пресуда XXVI К.бр. 1017/24, со која ја огласил за виновна обвинетата Светлана Барибина, така што ѝ изрекол алтернативна мерка – условна осуда, додека обвинетиот Ордан Крстевски го ослободил од обвинение, согласно со член 403 точка 1 од Законот за кривичната постапка.
Во доставениот допис – известување од Основниот кривичен суд Скопје се наведува дека против пресудата биле вложени жалби од одбраната на обвинетата Светлана Барибина, преку нејзините бранители, како и од Основното јавно обвинителство Скопје, поради што предметот е испратен во Апелационен суд Скопје на одлучување по вложените жалби. Барањето за заштита на слободи и права до Уставниот суд е поднесено на 21.11.2025 година.
III
Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот, ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Според член 53 став 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секое физичко или правно лице што смета дека со поединечен акт или дејствие на државен орган, орган на единица на локалната самоуправа или друг субјект што врши јавни овластувања му е повредена слобода или право утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, може да поднесе барање до Уставниот суд за нивна заштита. Во ставот 3 на истиот член е наведено дека барањето може да се поднесе откако ќе бидат исцрпени сите редовни или вонредни правни средства за заштита од поединечниот акт во рок од 60 дена од приемот на актот по кој се исцрпени правните средства, односно 60 дена од денот на дознавањето за преземање на дејствието, но не подоцна од една година од денот на преземањето.
Според член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Надлежноста на редовните судови за заштита од дискриминација е утврдена во член 32 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 258/2020). Овој член во став 1 предвидува дека лицето кое смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен граѓански суд. Согласно со ставот 2 на овој член, во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, освен ако со овој закон не е поинаку уредено. Став 3 на истиот член предвидува дека постапката е итна.
IV
Правото на еднаквост, односно забраната за дискриминација претставува едно од правата коешто Уставниот суд на Република Северна Македонија го штити во постапка по поднесено барање за заштита на слободите и правата, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот.
Според одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, дискриминацијата претставува разликување, исклучување или ограничување на слободите и правата на одредено лице односно ставање на тоа лице во понеповолна положба во споредба со друго лице, врз основа на определена лична карактеристика која законот ја означува како основ на дискриминација. Судската заштита од дискриминација првенствено се остварува во итна постапка пред редовните судови врз основа на поднесена тужба за заштита од дискриминација.
Согласно со наведените одредби од Актот на Уставниот суд, непосредната заштита на слободите и правата на граѓаните пред Уставниот суд има супсидијарен карактер, што значи дека граѓаните можат да побараат заштита пред Уставниот суд со поднесување на барање за заштита на слободите и правата, само откако ќе ги исцрпат сите редовни и вонредни правни средства за заштита.
Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за постапување по поднесеното барање на Ордан Крстевски и Светлана Барибина, двајцата од Скопје, поради следните причини. Имено, во барањето подносителите наведуваат дека биле дискриминирани од страна на јавниот обвинител кој постапувал во кривичната постапка поради тоа што им го ускратил правото да се изјаснат и дека поради тоа им е повредено начелото на еднаквост пред законот. Меѓутоа, со барањето не доставени докази од кои може да се заклучи дека се исцрпени сите редовни и вонредни правни средства согласно со условите пропишани во член 53 став 3 од Актот на Уставниот суд, ниту пак, дали подносителите ги истакнале наводите за дискриминација претходно пред редовен суд во постапка врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Притоа, од увидот во доставената документација од Основниот кривичен суд се утврди дека по конкретниот предмет е донесена Пресуда заведена под XXVI К.бр.1017/24 од 28.10.2025 година, којашто се наоѓа во фаза на жалбена постапка пред Апелациониот суд Скопје кој сè уште не се произнел. Оттука, произлегува дека поднесеното барање за заштита на слободите и правата не ги задоволува предвидените критериуми, за да може Уставниот суд мериторно да се впушти во одлучување по истото. Покрај тоа, подносителите во барањето наведуваат дека со дадените изјави во семејниот дом, без нивна согласност и без законска основа, им е повредено уставното право на сопственост, меѓутоа, правото на сопственост не спаѓа во корупусот на права коишто ги штити Уставниот суд во постапка по поднесено индивидуално барање за заштита на слободите и правата, согласно со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.
Врз основа на наведеното, Уставниот суд утврди дека се исполнети условите од член 38 алинеи 1 и 3 од Актот на Уставниот суд за отфрлање на барањето.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски