У.бр.5/2023

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.5/2023
Скопје, 04.03.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на:
– член 6 став (2) во делот „како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот“;
– член 37 став (2) во делот „како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот“;
– член 111 ставови (4) и (5) во делот „како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо“;
– член 123 став (1) во делот „како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо“;
– член 138 став (3) во делот „како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо“ и
– член 139 став (2) во делот „како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо“ од Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 236/2022, 3/2025 и 49/2025).

Образложение

I

Валентин Пепељугоски од Скопје и други, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите oд Законот означен во диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Законот се спротивни на Амандманот V од Уставот, како и на член 55 од Уставот.

Се наведува дека евидентно од Амандманот V на Уставот, службеноста на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните е насочен кон државата, а не кон приватните лица. Имено, со Амандманот V на Уставот се уредува прашањето на службениот јазик на територијата на Република Северна Македонија и со истиот, покрај македонскиот јазик се предвидува уште еден службен јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, како службен јазик во комуникација и општење со државата и државниот апарат. Содржината на наведениот амандман на Уставот директно индицира дека службеноста на јазикот различен од македонскиот, е обврзувачка за државата vis-à-vis граѓанинот кој одлучил да го користи службениот јазик различен од македонскиот. Оттука, државата преку своите органи и институции има обврска да го употребува и користи службениот јазик различен од македонскиот (покрај македонскиот), во општењето со граѓанинот кој се обратил на тој јазик. Но, уставниот поредок на Република Северна Македонија во ниту еден случај не предвидува ниту регулира обврска за приватните лица да го користат службениот јазик различен од македонскиот во своето секојдневно комуницирање, работење или општење со останатите приватни лица. Ова, дотолку повеќе што законодавецот има донесено конкретен Закон за употреба на јазиците, кој, како lex specialis, го доуредува прашањето околу употребата на јазиците. Имено, овој закон дополнително го уредува користењето на службениот јазик различен од македонскиот, но повторно ги прецизира институциите на државниот апарат и постапките пред институциите, не и приватни лица.

Според наводите, Законот за употреба на јазиците, исто како и уставното уредување, единствено е насочен за регулирање на односот и јазикот помеѓу државните единици и правни лица со јавни овластувања со јавен интерес и не опфаќа регулирање на начинот на комуникација помеѓу приватните лица како ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Имено, слободата на пазарот и претприемништвото е основ на економските односи и истата е неприкосновена, доколку не е со Устав ограничена.

Оспорените членови од Законот за заштита на потрошувачите, со кои на трговците, како приватни лица, им се налага одредени обврски да ги исполнат на јазик различен од македонскиот, а кој го говорат најмалку 20% од граѓаните, се спротивни на Уставот и излегуваат надвор од рамките на Амандманот V на Уставот и задираат во слободата на пазарот и претприемништвото.

Понатаму, се наведува дека со оспорените одредби од Законот, на трговецот му се наметнува обврска за јасно и видливо информирање на потрошувачите, при испорака на стока или извршување на услугата да ги предаде на потрошувачот потребните документи што ги изготвил производителот, увозникот или продавачот (како што е декларација, сертификат, гарантен лист итн.) и истите да му ги пренесе напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и
неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици. Со наметнатата обврска на трговците се дерогира нивното дискреционо право како ќе ги пласираат своите производи и услуги на пазарот. Трговците се обврзани да ги исполнат обврските за информирање и доставување на информации и документи до потрошувачите на јасен и читлив начин, но задолжението за јазикот на кој тоа ќе го прават противречи на уставниот поредок.

Службениот јазик различен од македонскиот во Амандманот V на Уставот, опфаќа одредени ограничувања коишто таксативно се наведени во истиот. Се наведува дека граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, може да употребат кој било од службените јазици и неговото писмо во комуникацијата со министерствата, со подрачните единици на министерствата, а во органите на државната власт на Република Северна Македонија, службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Според наводите, во одредбите на Законот за заштита на потрошувачите и обврската на трговците задолжително да ги исполнат своите обврски користејќи го јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, Амандманот V на Уставот на ниту еден начин не наоѓа своја примена. Оттука, и оспореното законско задолжување претставува прекршување на слободата на трговците да дејствуваат на пазарот на начин на кој сами ќе одлучат. Исто така, се укажува и на фактот дека со дадените законски задолженија трговците се подложни на огромен материјален трошок кој произлегува од преводи на текстовите во документите, амбалажите и слично, што претставува ненадоместлива штета за трговците.

Кон иницијативата се доставени и две дополнувања во кои основен аргумент е обезбедувањето на соодветен временски период за граѓаните да се адаптираат на нови измени во нивното секојдневие, преточено преку временскиот период за влегување во сила на донесениот закон, односно почитување на правниот институт vacatio legis. Во период од само 8 дена е логистички неизводливо трговците да можат да ги исполнат своите обврски кои Законот за заштита на потрошувачите ги предвидува. Во продолжението компаративно се посочуваат законските решенија по однос на ова прашање во Република Словенија и Република Хрватска, кои предвидуваат подолг рок за влегување во сила на Законот. Исто така, се укажува дека временскиот рок за одложена примена на Законот не е соодветно усогласен на временските рокови утврдени во директивите на ЕУ на кои се заснова овој закон, а кои таксативно се наведени во дополнението на иницијативата.

Поради наведените аргументи, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истовремено да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија коишто се преземени врз основа на овој закон. Исто така, се предлага Судот да определи подолг временски период за влегувањето во сила на Законот со што истиот би се усогласил со директивите на ЕУ коишто се основ за донесување на Законот.

II

На седницата Судот утврди дека Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 236/2022), донесен на седницата на Собранието на Република Северна Македонија одржана на 3 ноември 2022 година, е објавен на 7 ноември 2022 година, а влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето. Оспорените одредби од Законот се со следната содржина:

„Член 6

(2) Трговецот е должен информациите од ставот (1) на овој член на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

Член 37

(2) Трговецот е должен документите од ставот (1) на овој член да му ги обезбеди на потрошувачот напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот.

Член 111

(4) Гарантниот лист во којшто е содржана трговската гаранција се издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици.

(5) Кога гарантниот лист во којшто е содржана трговската гаранција издадена од страна на трговецот или од страна на производителот е на странски јазик, важат единствено условите и одредбите од трговската гаранција на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, освен доколку со трговската гаранција издадена на странски јазик не се предвидени поголеми права на потрошувачот.

Член 123

(1) Трговецот е должен информациите од членовите 120 и 121 од овој закон што се однесуваат на преддоговорното информирање на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици.

Член 138

(3) Трговецот е должен информациите од ставот (1) на овој член на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици.
Член 139 став 2

(2) Договорите од членот 134 од овој закон мора да бидат составени на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици.”

III

Според Амандманот V на Уставот на Република Северна Македонија:

„1. На целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, исто така, е службен јазик и неговото писмо, како што е определено со овој член.

Личните документи на граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се издаваат на македонски јазик и неговото писмо, како и на тој јазик и неговото писмо во согласност со закон.

Кој било граѓанин кој живее во единиците на локалната самоуправа во која најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, во комуникацијата со подрачните единици на министерствата, може да употреби кој било од службените јазици и неговото писмо. Подрачните единици надлежни за тие единици на локална самоуправа одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го употребува граѓанинот. Секој граѓанин во комуникација со министерствата може да употребува еден од службените јазици и неговото писмо, а министерствата одговараат на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмото што го употребува граѓанинот.

Во органите на државната власт во Република Македонија службен јазик различен од македонскиот јазик, може да се користи во согласност со закон.

Во единиците на локалната самоуправа јазикот и писмото што го користат најмалку 20% од граѓаните е службен јазик, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. За употребата на јазиците и писмата на кои зборуваат помалку од 20% од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на единиците на локалната самоуправа.

2. Со овој амандман се заменува член 7 од Уставот на Република Северна Македонија.“

Со член 16 став 2 од Уставот се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање, а со став 3 на овој член се гарантира слободниот пристап кон информаците, слободата на примање и пренесување на информации.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Согласно со став 2 од овој член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Според ставот 3 од овој член на Уставот, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката, според став 2 на истиот член, обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Во став 3 на истиот член од Уставот се предвидува дека слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

IV

Предмет на уредување на Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 236/2022, 3/2025 и 49/2025), се правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите чија област на дејствување е остварувањето на целите на заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи, тела и други носители на заштитата на правата на потрошувачите, како и други прашања од значење за положбата и заштитата на правата на потрошувачите.

Законот за заштита на потрошувачите претставува клучен системски закон во областа на заштитата на потрошувачите, со кој се врши сеопфатно и детално уредување на правата на потрошувачите, при што доминантен дел од неговите одредби имаат императивен карактер. Ваквиот нормативен пристап е оправдан со оглед на легитимната цел на законодавецот – обезбедување ефективно и високо ниво на заштита на потрошувачите. Притоа, Судот констатира дека законодавецот тргнува од фактичката нерамнотежа помеѓу потрошувачот и трговецот, која произлегува од нивната нееднаква економска моќ и различниот степен на информираност, што резултира со отсуство на формална и материјална еднаквост во нивната правна положба.

Оттука, интервенцијата на државата преку императивни норми се јавува како оправдана и нужна мерка за воспоставување реална рамнотежа во договорните односи. Во таа насока, централно место во законското уредување зазема потрошувачот како послаба страна во правниот однос, при што законските решенија се темелат врз основните потрошувачки права утврдени од Генералното собрание на Обединетите нации во 1985 година. Овие осум фундаментални права претставуваат меѓународно признат стандард и основа за развој на законодавството за заштита на потрошувачите, како во правниот поредок на Европската Унија, така и во националното право на Република Северна Македонија.

Правата на потрошувачот децидно се утврдени во член 2 став 1 од Законот, каде се наведени основните права на потрошувачите, меѓу кои во точката 2) се дефинира право на безбедност, кое претставува заштита од стоките и услугите што се штетни за животот, здравјето, имотот или животната средина, како и од стоките чие поседување или употреба се забранети и во точката 3) се дефинира право на информираност, кое претставува располагање со точни податоци и информации што се неопходни за разумен избор на понудените стоки и услуги, односно за донесување информирана одлука.

Исто така, во член 2 ставови 2 и 3 од Законот се наведува дека потрошувачот не може да се откаже од неговите права утврдени со овој закон, како и дека при примена на одредбите на овој закон мора да се земе предвид положбата на потрошувачот како економски послаба страна, а особено положбата на ранливите потрошувачи.

Со цел остварување на правото на информираност како основно право на потрошувачот, Законот за заштита на потрошувачите пропишува дека одредени информации, документи и договори мора да бидат „напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот“.

Оваа формулација во член 6 став 2, член 37 став 2, член 111 ставови 4 и 5, член 123 став 1, член 138 став 3 и член 139 став 2 од Законот е предмет на оспорување со иницијативата.

Во уставноправната анализа беа извршени проучувања кои имаа за цел пронаоѓање одговори дали воведената обврска за информирање на потрошувачите на два јазици претставува проширување на уставната рамка за службена употреба на јазиците надвор од она што е пропишано во Амандманот V на Уставот; дали формулацијата „што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици“ е доволно јасна и прецизна; дали јавниот интерес – заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите – е доволно оправдување; дали воведената обврска за двојазична употреба претставува несразмерен економски товар врз стопанските субјекти, што може да значи ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото; дали се обезбедува еднаквост на граѓаните во остварувањето на нивните потрошувачки права, во смисла на член 9 од Уставот, или пак се создава нерамноправност меѓу различните јазични заедници и дали пропишаниот рок за vacatio legis од осум дена е разумен и соодветен и дали неговата недоволност претставува повреда на уставната заштита на слободата на пазарот и претприемништвото, како и на принципот на правна сигурност.

При анализата на наводите од иницијативата се наметна правното прашање коешто се однесува на тоа дали законска одредба со која на трговците, им се наложува да обезбедуваат информации, документи или други елементи и на „друг“ јазик, покрај македонскиот е во согласност со Амандманот V и член 55 од Уставот, како и дали уставното овластување за заштита на правата на заедниците може да се прошири и во приватниот сектор, односно дали ваквата законска интервенција е уставно дозволена и во рамки на уставното овластување. Со цел темелно да се оцени уставната усогласеност на оспорените одредби, беше идентификувана уставната вредност која законодавецот настојува да ја заштити. Истовремено, се примени тест на пропорционалност кој опфаќа: утврдување на легитимната цел на мерката, оценка на нејзината соодветност, испитување на неопходноста и проценка на сразмерноста во тесна смисла преку процена на штета и корист. Дополнително, беа земени предвид процедуралните и организациските аспекти, особено времето за адаптација на засегнатите субјекти, со цел да се обезбеди доволно време за подготовка и да не се загрози правната сигурност, владеењето на правото и пристапот до правда. Оваа методологија овозможува балансирана и темелна оцена на оспорените одредби, со јасно утврдување на интересите коишто се заштитуваат и можните ограничувања за економските субјекти и граѓаните.

Судот, исто така, изврши детална анализа на балансот помеѓу јавниот интерес за заштита на правата на потрошувачите и економските права и слободи на трговците. Легитимната цел за заштита на правата на потрошувачите, а во тие рамки и на лицата од јазични малцинства кои се припадници на заедниците, е неспорна уставна вредност. Обврската трговците да обезбедат информации и документи на јазикот на заедниците, покрај македонскиот јазик, може да биде соодветна за остварување на правото на разбирлива информација за потрошувачот. При анализата на оспорената содржина од Законот се поставија прашањата дали генерализираното и апсолутно задолжување на сите трговци, без оглед на природата на производите и услугите, е неопходна и дури ограничувачка мерка; дали оптоварувањето на трговците создава несразмерно ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото и дали јавниот интерес за заштита на потрошувачите може да се оствари со селективна примена на обврската ограничена на одредени територии, трговци или информации, документи и договори.

Во рамки на тестот на пропорционалност, Уставниот суд анализираше и алтернативни решенија коишто би овозможиле помала рестрикција: примена на обврската за информирање на потрошувачите на два јазици исклучиво на териториите каде малцинството сочинува најмалку 20% од населението; превод на основни, безбедносни, гарантни и есенцијални информации; овозможување онлајн или скенирани преводи на барање на потрошувачот; државна помош, стандардни шаблони или финансиска поддршка за мали субјекти. При проценка на сразмерноста во тесна смисла, се спореди користа од заштитата на јазичното право на потрошувачот со негативните ефекти за трговците – економски трошоци, губење на конкуренција, логистички товар и ограничување на владеењето на правото. Оваа анализа овозможи да се утврди дека јавниот интерес и заштитата на правата на потрошувачите се остваруваат, а економските слободи на трговците и владеењето на правото се сочувани, без сомнеж за уставноста на регулираните мерки.

При разгледувањето на првото спорно правно прашање, Судот се соочи со дилемата дали воведената задолжителна обврска за информирање на потрошувачите на два јазици претставува проширување на уставната рамка за службена употреба на јазиците надвор од тоа што е пропишано со Амандманот V на Уставот, со кој се заменува член 7 од Уставот којшто не создава директна уставна обврска за приватните трговски друштва. Неговата примарна намена е регулирање на службената употреба на јазиците во државните институции и органи, како и обезбедување правна рамка за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните само на органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа и нивната комуникација со граѓаните. Одредбата не создава овластување за законодавецот да наметнува обврски врз приватни субјекти само врз основа на статусот на јазиците како службени јазици.

Меѓутоа, пропишаната обврска со Законот за заштита на потрошувачите не произлегува директно од уставната норма, туку од други легитимни правни основи – пред сè од јавниот интерес за заштита на потрошувачите, нивната безбедност и здравје, како и од уставниот принцип на слобода на пазарот и претприемништвото, кој може да биде ограничен со закон поради заштита на поширок јавен интерес. Тоа не претставува проширување на Амандманот V на Уставот, туку уставно дозволена законска мерка во функција на легитимни цели. Обврската за приватните трговци да обезбедат двојазични информации произлегува единствено од законски норми кои ја регулираат заштитата на потрошувачите или конкретната обврска за употреба на јазиците во приватниот сектор.

Имено, Законот за заштита на потрошувачите користи терминологија која е преземена од Амандманот V на Уставот, односно термини поврзани со „службена употреба на јазиците“. Но, самиот закон не претставува негова директна операционализација. Наместо тоа, неговата уставна основа се наоѓа во други принципи – заштита на потрошувачите, јавниот интерес и слободата на пазарот и претприемништвото, а не во службениот статус на јазиците пропишан со Амандманот V на Уставот.

Со други зборови, законодавецот го користи истиот јазичен речник од Амандманот V, во контекст на едно поинакво уставно овластување. Овој Амандман, ја уредува службената употреба на јазиците исклучиво во државните органи, локалната самоуправа и нивната комуникација со граѓаните. Но, доколку се толкува дека обврската за информирање на потрошувачите на два јазици се темели на други уставни и законски основи – заштита на потрошувачите, јавниот интерес и правната сигурност на пазарот – тогаш станува збор за уставно дозволена законска мерка, која не го проширува Амандманот V, туку го реализира во согласност со легитимни цели и претставува легитимна регулаторна мерка донесена врз основа на јавниот интерес.

Оттука, воведувањето на задолжителна обврска во приватниот сектор, како што е предвидено со оспорените одредби од Законот за заштита на потрошувачите, не произлегува директно од Амандманот V на Уставот, туку од други легитимни правни основи – како што се заштитата на потрошувачите, јавниот интерес и уставно гарантираната слобода на пазарот. Тргнувајќи од фактот дека ова законско решение не претставува директна примена на Амандманот V на Уставот, се доаѓа до заклучок дека тоа претставува индиректно „проширување“ на неговата логика кон сфера која Уставот изречно не ја уредува. Иако, во Уставот на Република Северна Македонија не постои експлицитна одредба за заштита на правата на потрошувачите, законодавецот има уставна основа да ја регулира оваа материја преку општите принципи на владеење на правото и заштита на јавниот интерес и преку можноста за ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото заради заштита на здравјето, животот и безбедноста на луѓето, предвидена со член 55 од Уставот.

При анализата на оспорените делови од одредбите на Законот, особено со акцент на делот „лесно разбирливи за потрошувачот“, и врз основа на содржината на образложението на Предлог-законот, произлегува дека законодавецот ја вовел оваа обврска пред сè во насока на обезбедување разбирливо, точно и јасно информирање на потрошувачите во различни фази од договорниот однос.

Така, со член 6 од Законот се уредуваат општите обврски на трговците за информирање на потрошувачите во поглед на основните информации за производите и услугите, нивниот квалитет, безбедносните аспекти и податоците за трговецот; член 37 се однесува на предавањето на пропишаните документи потребни за користење на стоката или услугата; член 111 ја дефинира содржината, формата и јазикот на гарантниот лист; член 123 го уредува јазикот на преддоговорното информирање; член 138 пропишува обврска за јасно и разбирливо преддоговорно информирање; а член 139 предвидува форма и јазик на договорите што се склучуваат меѓу трговците и потрошувачите.

Од содржината на образложенијата на Предлог-законот за наведените членови и законската формулација произлегува дека акцентот е ставен на разбирливоста на информациите за потрошувачите и на нивното обезбедување на конкретен јазик, што претставува мерка за заштита на потрошувачите, а не операционализација на Амандманот V на Уставот.

Затоа, обврската за користење на македонскиот јазик и јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во трговската комуникација треба да се третира како автономна законска мерка насочена кон јавниот интерес и обезбедување разбирливост, транспарентност, поголема заштита на правата на потрошувачите и правна сигурност за потрошувачите, а не како директна уставна обврска што произлегува од Амандманот V.

Исто така, законската формулација дозволува истовремена употреба на други јазици, вклучително и трет, четврт или повеќе јазици, како и знаковен или сликовен јазик, доколку тие се лесно разбирливи за потрошувачот. Ова јасно укажува дека нормата има за цел заштита на правата на потрошувачите, а не операционализација на Амандманот V на Уставот. Во исто време, таа воспоставува задолжителна обврска за информирање на потрошувачите на два јазици – информациите, документите и договорите мора да бидат напишани на македонски јазик и кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните. Со ова се обезбедува разбирливост, точност и достапност на информациите за сите потрошувачи, при што законодавецот го балансира основното право на информирање со различните јазични потреби на граѓаните, со што се реализира и уставната гаранција на јавното информирање, слободниот пристап кон информаците и слободата на примање и пренесување на информации, предвидена во член 16 од Уставот.

Од анализата на наведените законски одредби, произлегува дека правото на информираност на потрошувачите, како едно од основните економски права на потрошувачите утврдено во Законот, подразбира и обврска потрошувачите да се информираат и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, а што кореспондира со Амандманот V на Уставот каде е уреден начинот на употреба на јазиците.

Оттука, се јавува и потребата за употреба на друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните, а со цел да се почитува законски предвиденото право на информираност на потрошувачите, утврдено во Законот за заштита на потрошувачите.

Формулацијата „што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици“ овозможува дополнителна употреба на други јазици, а не обврска. Така, субјектите на правото имаат дискреционо право како да ја применуваат опцијата, без да се ограничува основното право.

Слободата на пазарот не е апсолутна и може да биде ограничена со закон заради оправдан јавен интерес. Доколку обврската за информирање на потрошувачите на два јазици создава дополнителни економски трошоци за приватните субјекти, тие трошоци се законито ограничување само ако се пропорционални и неопходни за остварување на јавен интерес, како што се заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите.

Слободата на пазарот и претприемништвото не може да се разбира како исклучива работа на субјектите на пазарот во која државата не смее да се вклучува, туку и државата учествува во неа како регулатор на еднаквата правна положба меѓу стопанските субјекти и како регулатор којшто ја спречува монополската положба и монополското однесување на определени субјекти, при што под еднаква правна положба се подразбира еднаква положба меѓу еднакви правни субјекти и различна положба меѓу различни правни субјекти, а не и еднаква правна положба меѓу различни правни субјекти. Од наведената уставна одредба произлегува дека принципот на еднаква правна положба се однесува на правни субјекти кои се наоѓаат во суштински споредливи фактички и правни ситуации. Во конкретниот случај, Судот утврди дека потрошувачот и трговецот не се наоѓаат во таква споредлива положба, имајќи предвид постоење на објективна нерамнотежа помеѓу нив, особено во однос на економската моќ и степенот на информираност. Оттука, различниот правен третман воспоставен со Законот за заштита на потрошувачите претставува оправдано нормативно уредување насочено кон заштита на послабата договорна страна и воспоставување реална рамнотежа во облигационите односи, а не повреда на уставниот принцип на еднаквост. Следствено, Судот оцени дека се неосновани наводите во иницијативата дека со оспорените законски одредби се повредува слободата на пазарот и претприемништвото, имајќи предвид дека законското уредување претставува регулатива во функција на заштита на потрошувачите и обезбедување правна сигурност во пазарните односи.

Во однос на економските права и слободи, задолжителната двојазична употреба за сите трговци може да претставува дополнително оптоварување, но ограничувањето на слободата на пазарот е законски оправдано ако е пропорционално и неопходно за остварување на јавниот интерес, особено заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите.
Потрошувачите треба да имаат информации за производи и услуги на јазик што го разбираат, особено кога станува збор за безбедност, здравје или економски ризици. Обврската за разбирливи информации е оправдана, неопходна и пропорционална, бидејќи овозможува секој потрошувач да го реализира своето право на информираност и заштита на сопствените интереси. Оттука, постои доволен јавен интерес – заштита на здравјето и безбедноста на потрошувачите – којшто ја оправдува законската обврска.

Имено, генералната и апсолутна обврска за информирање на потрошувачите на два јазици во областа на заштитата на потрошувачите воведена со Законот се оправдува со јавниот интерес за заштита на потрошувачите којшто е легитимен и уставно прифатлив основ. Прашањето за неговата целисходност и пропорционалност во однос на обемот на обврската што ја наметнува не е прашање за уставно-судска оцена, туку за законодавна политика. Уставниот суд нема надлежност да оценува дали законодавецот „премногу широко“ ја уредил обврската за информирање на потрошувачите на два јазици или дали требало селективна примена само во областа на здравјето, безбедноста и економските права. Надлежноста на Судот е ограничена на проверка на усогласеноста на законот со Уставот, односно дали ваквата обврска доведува до повреда на конкретни уставни права, принципи или забрани. Оттаму, пропорционалноста во смисла на економско оптоварување на приватните субјекти може да биде легитимен аргумент во јавната расправа и при законодавниот процес, но сама по себе не создава сомнеж за неуставност.

Во однос на прашањето дали одредбите обезбедуваат еднаквост на граѓаните гарантирана со член 9 од Уставот или се создава нерамноправност во третманот на различните јазични заедници,истите можат да обезбедат еднаквост доколку се применуваат доследно и обезбедуваат пристап до информации на јазик кој го разбираат сите засегнати граѓани, за да се оствари целта на оваа уставна одредба и да се избегне дискриминација.

Од анализата на член 226 од Законот за заштита на потрошувачи, според кој Законот влегува во сила во рок од осум дена од денот на објавувањето и член 52 од Уставот, јасно произлегува дека се преточува уставното овластување законите да влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето. Објавувањето и влегувањето во сила на законите претставуваат уставна материја. Овие елементи се дел од темелната вредност владеењето на правото и правната сигурност како нејзин составен дел, и законодавецот нема слобода да ги исклучи или измени. Овој период, од денот на објавувањето на законот до неговото влегување во сила (vacatio legis) има за цел правните субјекти да имаат доволно време да се запознаат со содржината на објавениот закон кој ги утврдува нивните права, обврски и одговорности и да го прилагодат своето однесување на начин како што од нив го бара новиот закон, како и од создавање на определени технички услови за практична примена на донесениот закон. Објавувањето и vacatio legis имаат функција граѓанинот навреме да се запознае со содржината и точниот датум на влегување на законот во сила.

Почетокот на примена на законот е прашање што не е уставно уредено, туку е оставено на законодавецот да го утврди со самата законска одредба. Имено, законодавецот може да предвиди дека законот ќе започне да се применува веднаш со неговото влегување во сила или по истек на определен рок, доколку се потребни дополнителни организациски, административни или технички подготовки. Оваа одредба е инструмент на законодавната техника и служи за обезбедување ефективност во примената на новите правни решенија.

Прашањето за должината на рокот меѓу влегувањето во сила и почетокот на примена на законот по својата природа претставува прашање на законодавна политика и проценка, за кое одлучува Собранието при донесувањето на законот. Со други зборови, уставната гаранција се однесува на објавувањето и влегувањето во сила, како услови за правна важност на законот, додека почетокот на примена е во надлежност на законодавецот и претставува прашање на целисходност. Уставниот суд нема надлежност да оценува дали дадениот рок е „доволно долг“ или „премногу краток“, освен во случаи кога рокот е поставен на таков начин што фактички ја оневозможува подготовката на граѓаните и правните субјекти за примена на законот, со што би се довело во прашање начелото на владеење на правото и правната сигурност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Оттука, Судот не ја преиспитува целисходноста на законодавната одлука, туку единствено дали таа е во уставни рамки и дали обезбедува минимална правна предвидливост за субјектите на кои законот се однесува.

Почетокот на примена на Законот претставува практичен момент од кој нормите на законот реално започнуваат да создаваат права и обврски за граѓаните, правните лица и институциите. Меѓутоа, во Законот за заштита на потрошувачите, е предвидено само влегување во сила на Законот по истекот на 8 дена од неговото објавување, без дополнително разграничување на моментот на почеток на примена.

Во поглед на оспорениот рок од осум дена за влегување во сила на Законот за заштита на потрошувачите, треба да се има предвид дека уставната гаранција е исполнета со самото предвидување на период, макар и минимален, меѓу објавувањето на законот и неговото влегување во сила. Дополнително, не постои уставна норма што ја обврзува законодавната власт да пропише одложена примена на законот, ниту пак уставна норма што предвидува обврска за одложен почеток со примена на законот. Оттука, самото предвидување рок од осум дена за влегување во сила на Законот, без дополнителен датум за почеток на примена, не може формално да се квалификува како неуставно, бидејќи тоа е прашање на целисходност и законодавна политика, а не спаѓа во контролна надлежност на Уставниот суд.

Во својата аргументација подносителите се повикуваат и на правото на Европската Унија, укажувајќи дека директивите предвидуваат рокови за усогласување коишто се значително подолги од осум дена. Меѓутоа, овие рокови претставуваат максимални временски периоди што им се даваат на земјите членки за усогласување и нивната должина произлегува од потребата за синхронизација на правните системи на сите држави во Унијата. Навистина, директивите на ЕУ предвидуваат рокови за транспонирање (најчесто 1–3 години), кои се максимални рокови за државите членки да го усогласат националното законодавство. Тие рокови се даваат заради потребата сите земји членки да ја синхронизираат својата регулатива и да се избегне правен вакуум. Држава која не е членка на ЕУ, како што е Република Северна Македонија, не е правно обврзана со тие рокови. Единствено, во рамки на преговорите за пристапување, државата доброволно може да се усогласи со директивите, но тоа не создава автоматска обврска. Оттука, роковите немаат обврзувачко дејство за Република Северна Македонија. Притоа, оспорените одредби воопшто не се предмет на европските директиви, што ја прави оваа аргументација ограничена.

Врз основа на направената уставно-судска анализа, Судот утврди дека оспорените делови на членовите од Законот за заштита на потрошувачите не можат да се доведат под сомнение по однос на членoвите 52 и 55 и Амандманот V од Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски