
Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.55/2025
Скопје, 11.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 38 алинеја 3 и член 73 алинеја 3 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на глава IV точка IV.1, точка IV.14 во делот „а ако е предложен од страна на група на избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапка за кандидирање утврдена со Изборен законик“ и точка IV.17 во делот „а ако е предложен од страна на група на избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапка за кандидирање утврдена со Изборен законик“ од Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје, 2025 година, пречистен текст, број 11-1583/3 од 17 август 2025 година, донесен од Државната изборна комисија.
Образложение
I
Здружението „Светски Македонски Конгрес“ од Скопје, застапувано од Тодор Петров, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката и деловите од точките на актот означен во диспозитивот на ова решение.
Се наведува дека оспорената точка IV.1 и деловите од точките IV.14 и IV.17 од Роковникот не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 5, членовите 22, 23 и 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија.
Се посочува на Одлуката У.бр.186/2024 од 20 мај 2025 година на Уставниот суд, со која Судот ги укинал членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“, бр.58/2024 од 11 март 2024 година) и се наведува дека Државната изборна комисија нема надлежност да ја суспендира горенаведената одлука на Уставниот суд, ниту може да пропише услови за остварување на избирачкото право и правото на граѓаните да учествуваат во вршењето на јавни функции, спротивно на Уставот, Изборниот законик и Одлуката на Уставниот суд.
Исто така, се наведува дека Упатството за поднесување, прием и потврдување на кандидатските листи за локалните избори 2025 (број 08-1701/1 од 17 август 2025 година), врз основа на кое е утврден и Роковникот, е во спротивно на Уставот и Изборниот законик и Одлуката на Уставниот суд У.бр.186/2024 („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 116/2025).
Врз основа на горенаведеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката и деловите од точките на актот означен во диспозитивот на ова решение и до донесувањето конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорените на точката и деловите од точките на актот, согласно со член 37 алинеја 1 од Актот на Судот.
II
На седницата Судот утврди дека Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје, 2025 година, пречистен текст, број 11-1583/3 од 17 август 2025 година, е донесен од страна на Државната изборна комисија.
Во глава IV точка IV.1 од Роковникот е предвидено дека потписите на избирачите во постапката на кандидирање се собираат пред службените лица на ДИК и пред надлежен нотар на образец утврден од ДИК. Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет- страна објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Трошоците за собирање на потписи пред нотар ги сноси подносителот на листата. Собирањето потписи започнува десеттиот ден од денот на распишувањето на изборите и трае 15 дена. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидат за градоначалник. Избирачите кои ја поднесуваат листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште на подрачјето на општината и притоа за поддршка на истата на пропишаниот образец да бидат потпишани најмалку два избирачи.
Според точка IV.14 од овој роковник ако некој од кандидатите кои се предложени на потврдената кандидатска листа за избор на член на совет на општината и Градот Скопје умре во периодот од денот на потврдувањето на кандидатските листи, политичката партија односно коалицијата, кои го предложиле тој кандидат, можат на местото на истиот да предложат друг кандидат, а ако е предложен од страна на група избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапката за кандидирање утврдена со Изборниот законик, најдоцна до 10 дена пред денот на одржувањето на изборите – најдоцна на 8 октомври до 24:00 часот.
Согласно со точка IV.17 од овој роковник ако некој од кандидатите кои се предложени на потврдената кандидатска листа за избор на градоначалник на општината и Градот Скопје умре во периодот од денот на потврдувањето на кандидатските листи, политичката партија односно коалицијата, кои го предложиле тој кандидат, можат на местото на истиот да предложат друг кандидат, а ако е предложен од страна на група избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапката за кандидирање утврдена со Изборниот законик, најдоцна до 10 дена пред денот на одржувањето на изборите – најдоцна на 8 октомври до 24:00 часот.
III
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 5 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.
Со член 51 од Уставот е предвидено дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 110 алинеја 2 од Уставот е предвидено дека Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 38 алинеја 3 од Актот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
IV
Од Државната изборна комисија, согласно со Решението за распишување на Избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје, бр. 09-4408/1 од 09.08.2025 година, објавено во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 167/2025 од 09.08.2025 година (во втората половина на октомври 2025 година) донесено од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, а врз основа на член 12, член 16 став 1 и член 31 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“, бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017,125/2017,35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“, број 98/2019, 42/2020, 74/2021, 215/2021, 58/2024, 76/2024 и 116/2024) и Одлуката за изменување и дополнување на Роковникот за извршување на изборните дејствија за спроведување на избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје, 2025 година, број 11-1583/1 од 09.08.2025 година и бр. 11-1583/2 од 17.08.2025 година, на седница е донесен пречистен текст, број 11-1583/3 од 17 август 2025 година.
Со иницијативата се оспоруваат глава IV точка IV.1, точка IV.14, во делот „а ако е предложен од страна на група на избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапка за кандидирање утврдена со Изборен законик“ и точка IV.17, во делот „а ако е предложен од страна на група на избирачи може наместо него да предложат друг кандидат без собирање на потписи во постапка за кандидирање утврдена со Изборен законик“ од наведениот роковник.
Од содржината на Роковникот, чиишто одредби се оспорени произлегува дека истиот се однесува на изборните дејствија за спроведување избори за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје за 2025 година.
Државната изборна комисија, врз основа на член 31 став 2 точка 22, член 135 став 2 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018 и 27/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019, 42/2020, 74/2021, 215/2021, 58/2024, 76/2024 и 116/2025), Решението за распишување на Избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје, бр. 09-4408/1 од 9 август 2025 година, Заклучокот за конечност на резултати од гласање во прв круг за Локалните избори 2025 година бр.08-3716/1 од 29.10.2025 година, Дополнувањето на Заклучок за известување за конечност на резултати од гласање во втор круг за Локалните избори 2025 година бр.08-3716/3 од 06.11.2025 година, Дополнувањето на Заклучокот за известување на конечност на резултати од гласањето во втор круг за Локалните избори 2025 година бр.08-3716/4 од 12.11.2025 и член 58 од Деловникот на Државната изборна комисија, бр.01-2772/1 од 30.12.2022 година, на седницата одржана на 12.11.2025 година, донела Заклучок за завршување на Локалните избори 2025 година, за избор за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје.
Според точката 1 од овој заклучок, со објавувањето на конечните резултати од гласањето во првиот круг спроведен на 19.10.2025 година и конечните резултати од гласањето во вториот круг спроведено на 02.11.2025 година, за избор за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје, локалните избори за избор за членови на советите на општините и советот на Градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на Градот Скопје, заклучно со 12 ноември 2025 година, се завршени.
Согласно со точката 2 од овој акт, истиот влегува во сила со денот на донесувањето и се објавува на интернет-страницата на државната изборна комисија.
Според Судот, Роковникот чиишто одредби се оспорени, по својата природа претставува акт со темпорален карактер, кој содржи рокови и датуми за спроведување на изборните дејствија за веќе завршени избори за членови на советите на општините и Советот на Град Скопје, како и за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје. Следствено на ова, со завршувањето на изборниот процес, овој акт престанал да важи и не е дел од правниот поредок.
Врз основа на горенаведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 38 алинеја 3 од Актот на Судот, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски