УЗ.бр.78/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.78/2025
Скопје, 06.05.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 6 мај 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 3 од Уредбата за престанување на важење, односно на примена на прописите опфатени со проектот регулаторна гилотина („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2008).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Д-р Ненад Гавриловиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од актот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

Според наводите, со истата се повредуваат член 95 став 5 од Уставот на Република Северна Македонија, член 36 од Законот за Владата на Република Македонија и член 15 став 3 од Законот за облигационите односи.

Имено, повредата е сторена преку уредување на примената на узансите, кои инаку се кодифицирани трговски обичаи, а не подзаконски акти и Владата воопшто не може да утврдува примена на извори на правото што самата не ги донела. Ова може да биде правно издржано единствено кога за вакво нешто Владата би била овластена со закон, при што матичниот закон за материјата на примена на узансите е Законот за облигационите односи. Бидејќи не постои такво овластување, втората повреда е таа што Владата засегнала во материја којашто е резервирана за законодавецот.

II

На седницата Судот утврди дека согласно со член 3 од Уредбата за престанување на важење, односно на примена на прописите опфатени со проектот регулаторна гилотина („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2008), престануваат да се применуваат узанси и други правила на обичајното право: 1) Транспорт и врски – Посебните узанси за градењето – „Службен лист на СФРЈ“ бр.18/1977 и 2) Трговија и занаетчиство – Општи узанси за прометот на стоки „Службен лист на ФНРЈ“ бр.15/1954; Посебни узанси во прометот на стоки на мало – „Службен лист на СФРЈ“ бр.12/1978; Посебни узанси за одделни видови и класи на тутун „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 38/1956 и 19/1957; Посебни узанси за трговија со компири „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 25/1960; Посебни узанси за трговија со грав „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 25/1960; Посебни узанси за трговија со ориз „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 25/1960; Посебни узанси за трговија со оризова арпа „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 25/1960; Посебни узанси за трговија со зеленчук „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 25/1960; Посебни узанси за трговија со жито „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 29/1960; Посебни узанси за промет со книги „Службен лист на СФРЈ” бр.19/1984; Посебни узанси за промет на блокови и плочи од камен, мермер и гранит „Службен лист на СФРЈ“ бр. 9/1967; Посебни узанси во угостителството „Службен лист на СФРЈ” бр. 69/1983 и 18/1984 и Пристанишни узанси „Службен лист на ФНРЈ“ бр. 2/1951.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеja 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, додека став 2 на овој член уредува дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 88 став 2 од Уставот предвидува дека Владата ги врши своите права и должности врз основа и во рамки на Уставот и законите.

Во член 91 алинеја 1 од Уставот е утврдено дека Владата на Република Северна Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, додека според алинеја 5 на истиот член, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 35 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008, 82/2008, 10/2010, 51/2011, бр.15/2013, 139/2014, бр.196/2015, 142/2016 и 140/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.98/2019 и 96/2026), за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Co уредба Владата го уредува извршувањето на законите; утврдува начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и уредува други односи во согласност со Уставот и со законите, согласно со став 2 на член 36 од овој закон.

Согласно со член 15 став 3 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009, 161/2009 и 123/2013-исправка и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.215/2021 и 154/2023), во облигационите односи се применуваат и узансите (општи и посебни), кога нивната примена е договорена или таа неспорно произлегува од околностите на случајот.

IV

Со член 15 став 2 од основниот текст на Законот за облигационите односи од 2001 година, законодавецот предвидел дека во облигационите односи се применуваат узансите ако учесниците во облигационите односи ја договориле нивната примена или ако од околностите произлегува дека ја сакале нивната примена.

Исто така, во основниот текст на овој закон, била содржана и норма која го уредува преодниот режим во однос на примената на узансите (член 1139) и тоа дека: (1) од денот на влегувањето во сила на овој закон, нема да се применува одредбата на општите или посебните узанси со која се утврдува претпоставката дека договорните страни се согласиле со примената на узансите, доколку не ги исклучиле со договорот (став 1 на овој член); (2) од денот на влегувањето во сила на овој закон, нема да се применуваат општите узанси за прометот со стоки во прашањата што се регулирани со истиот закон (став 2); ќе се применуваат одредбите од овој закон, ако општите или посебните узанси или другите трговски или деловни обичаи се спротивни со диспозитивните норми на овој закон, освен ако страните изречно договориле примена на узансите, односно на други трговски деловни обичаи (став 3 на истиот член).

Подоцна, со Законот за изменување и дополнување на Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 84/2008), изменета е содржината на член 15 на начин што се предвидени три нови става, а член 1139 од основниот текст е избришан.

Притоа, начинот на кој е уредена примената на узансите е изменет, така што според новиот став 3 на член 15, во облигационите односи се применуваат и узансите (општи и посебни), кога нивната примена е договорена или таа неспорно произлегува од околностите на случајот, при што член 15 од овој закон до денес не е изменет, дополнет или избришан.

Она што во конкретниот случај покренува сомнеж за уставноста и законитоста на оспорената одредба е прашањето дали доносителот на подзаконскиот акт уредил материја за која нема законско овластување, како и дали таквото уредување е спротивно на Законот како повисок правен акт, што резултира со постоење на двојно уредување на исто прашање.

Од наведеното произлегува дека прашањето за примената на узансите (општи и посебни) е законска материја и дека во моментот, во сила се одредби од Законот за облигационите односи коишто го уредуваат ова прашање.

Дополнително, овој закон не содржи никакво овластување за Владата со подзаконски акт да уредува прашања поврзани со примената на узансите.

Од друга страна, Владата ја донела Уредбата во која е содржана оспорената одредба, со која се предвидува престанување на примената на узансите и други правила на обичајното право, при што поименично се наведени актите на кои тоа се однесува. Притоа, оваа уредба до денес не престанала да важи и сè уште е во сила.

Последица на ваквата состојба е тоа што во правниот поредок во моментот егзистираат две различни правила кои се однесуваат на примената на узансите (општи и посебни): едното содржано во Законот за облигационите односи, според кое тие се применуваат под услов нивната примена да е договорена или неспорно да произлегува од околностите на случајот, и второто содржано во оспорената одредба од Уредбата, според кое тие не се применуваат. Ваквата состојба создава правна несигурност и нејасност во примената на правото.

Неспорно е дека во воведот на Уредбата, како правен основ се наведени член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија и член 36 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија.

Меѓутоа, одредбата од Уставот, којашто е содржана во воведот, се однесува на уставната надлежност на Владата да донесува уредби и други прописи за извршување на законите, додека другата законска одредба, ја дефинира правната природа на уредбите како акти со кои се уредува извршувањето на законите, се утврдуваат начела за внатрешна организација на министерствата и другите органи на државната управа и се уредуваат други односи во согласност со Уставот и со законите.

Ниту една од овие одредби не содржи изречно овластување за донесување уредба со содржина каква што има оспорената одредба, кое овластување, доколку постоело, требало да биде содржано во законот кој ја уредува конкретната материја.

Притоа, треба да се посочи дека во член 15 став 3 од Законот за облигационите односи, не се користи општ израз „узанси“, туку „узансите (општи и посебни)“, што значи дека законодавецот упатува на прописите коишто се содржани во оспорената одредба, а чија примена престанува.

Исто така, земено е предвид дека Уредбата е донесена и влегла во сила во време кога бил во важност член 15 став 2 од Законот за облигационите односи од неговиот основен текст. Сепак, и покрај ова, се поставува прашањето дали и во тој момент постоело соодветно законско овластување за донесување ваква одредба со уредба, како и дали нејзината содржина била во целосна согласност со тогаш важечките законски решенија.

Поради наведеното, според Судот, постојат основи за сомнеж за согласноста на член 3 од Уредбата за престанување на важење, односно на примена на прописите опфатени со проектот регулаторна гилотина со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 88 став 2 и член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Северна Македонија, како и со член 35 став 1 и член 36 став 2 од Законот за Владата на Република Северна Македонија.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски