
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.77/2025
Скопје, 25.02.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024) на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 53/2024).
2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Николче Мушаревски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во диспозитивот на ова решение.
Според наводите, оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Северна Македонија.
Во член 84 став 2 алинеја 3 од горенаведениот закон е нормирано дека одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува претставува дисциплинската неуредност. Во исто време во член 84 став 3 алинеја 4 е нормирано дека истото одбивање е дисциплински престап.
Се наведува дека согласно со член 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, сите лица се еднакви пред законот и имаат право на еднаква заштита од законот без никаква дискриминација. Во таа смисла законот мора да забрани било каква дискриминација и да обезбеди подеднаква и успешна заштита против секоја дискриминација на сите лица.
Понатаму, се цитира Протоколот бр.12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи согласно кој сите луѓе се еднакви пред законот и имаат право на еднаква правна заштита.
Покрај ова, во член 7 во Универзалната декларација за човековите права е определено дека сите луѓе се еднакви пред законот и на сите им припаѓа, без никаква дискриминација, еднаква заштита со закон. На сите им припаѓа еднаква заштита од каква и да е дискриминација, што е во спротивност на оваа Декларација и од какво и да е поттикнување на таква дискриминација.
Во иницијативата се наведува дека согласно со член 4 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2000) е пропишано дека органите на државната управа во рамките на својата надлежност се должни да им обезбедат на граѓаните ефикасно и законито остварување на нивните уставни слободи и права.
Согласно со член 72 став 1 алинеја 9 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/2014) е утврдено дека одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое административниот службеник се упатува претставува и дисциплинската неуредност.
Исто така, се наведува дека согласно со член 42 став 1 алинеја 5 од Законот за јавните службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 52/2010) е утврдено дека одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое административниот службеник се упатува претставува дисциплинската неуредност.
Според наводите, за повреда на прописите во една организација (во конкретниов случај органи на државната управа) со кои се регулираат правата и должностите на вработените, се пропишани дисциплински санкции.
Во македонскиот правен систем, според наводите, постои дисциплинската неуредност која претставува полесна незначителна повреда на работната дисциплина и работните задачи, односно полесна повреда на угледот на службата или угледот на административниот службеник и дисциплински престап којшто претставува потешка повреда.
Според наводите во иницијативата, неспорно е дека во нашата правна теорија, во сите горе наведени закони, одбивањето стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, претставува дисциплинска неуредност.
Ако се анализира членот 84 од Законот за вработените во Министерството за одбрана може да се утврди дека одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува претставува истовремено и дисциплинска неуредност и дисциплински престап. Ова значи дека според словото на овој закон, вработен во Министерството за одбрана поради одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое се упатува, ќе биде два пати казнет, односно истовремено може да му се изречат дисциплинска мерка за дисциплинска неуредност и за дисциплински престап.
Ваквата формулација содржана во член 84 од Законот според која одбивањето стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, којашто значи истовремено постоење на дисциплинска неуредност и дисциплински престап, е спротивна на Уставот и на цитираните меѓународни документи ратификувани од Собранието и се составен дел од нашиот правен поредок. На овој начин, оваа норма ги дискриминира вработените во Министерството за одбрана коишто не се еднакви пред Уставот и законот и со другите вработени во Републиката.
Исто така, во иницијативата се наведува дека ваквата формулација може да создаде забуна при примената, а нормите што се дел од правниот поредок треба да се јасни и применливи.
Одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува несомнено е дисциплинска неуредност, а не дисциплински престап. Уште помалку ваквата неуредност не може да биде истовремено и дисциплински престап.
Според наводите, само јасните и прецизните норми можат да претставуваат основа за законито постапување, во спротивно може да дојде до повреда на правата и слободите.
Поради изнесеното, се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработените во Министерството за одбрана и истата да ја укине или поништи.
II
На седницата Судот утврди дека член 84 став 3 алинеја 4 од Законот за вработените во Министерството за одбрана („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 53/2024), определува дека, меѓу другото, дисциплински престап претставува потешка повреда на службената должност, работната дисциплина, угледот на институцијата или угледот на вработен во Министерството со одбивање на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува
III
Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Со точка 1 став 1 на Амандман XX на Уставот, е пропишано дека за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.
Согласно со член 14 став 2 од Уставот, никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Со член 4 став 1 од Протоколот бр.7 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи е пропишано дека никој не може да биде изведен пред суд или повторно осуден во кривична постапка од суд на истата држава за дело за кое веќе бил конечно ослободен или осуден во согласност со законот и кривичната постапка на таа држава.
IV
Од уставно-судската анализа, произлегува дека со член 84 став 2 алинеја 3 од Законот за вработените во Министерството за одбрана, првин се нормира дека одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува претставува дисциплинска неуредност, додека потоа во став 3 алинеја 4 од истиот член е предвидено дека истото дејствие односно одбивањето на стручно оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, претставува дисциплински престап.
При немање на конкретни критериуми врз кои Министерството би го оценило видот на одговорност, пред Судот основано се постави прашањето дека ваквото повторување во облик на дисциплински престап е во спротивност со Уставот односно ја повредува правната сигурност и принципот на јасност и предвидливост на правните норми, којшто е составен дел на владеењето на правото. Ова од причина што граѓанинот (вработениот) не може однапред да знае дали неговото однесување ќе биде квалификувано како „полесна“ или „потешка“ повреда од една страна, и можноста за двојно санкционирање од друга страна што претставува повреда на принципот ne bis in idem.
Во претходна постапка беше прибавено мислење од Владата на Република Северна Македонија, во кое се наведува дека при изработката на предметното законско решение коешто се однесува на дисциплинската одговорност, за одбивање стручното оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, биле земени предвид постојните искуства, законската регулатива која го регулира ова прашање за персоналот на служба во Армијата и било утврдено дека поради честите прекршувања, ова решение немало воспитно влијание врз вработените, ниту имало намалување на вакви прекршувања, кои во Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија се квалификувани како дисциплинска неуредност.
Исто така, се наведува дека самото предложено законско решение упатува на карактерот и видот на дисциплинската одговорност, односно дали одбивањето на стручното оспособување и усовршување на кое вработениот се упатува, ќе се квалификува како дисциплинска неуредност или како дисциплински престап, што не се утврдува автоматски, туку се оценува врз основа на конкретни околности за секој поединечен случај.
Во даденото мислење Владата образложува дека Министерството за одбрана при утврдување на тоа за каков вид на одговорност се работи, односно дали се работи за дисциплинска неуредност или дисциплински престап ги има предвид критериумите како што се: обемот на финансиските импликации кои можат да произлезат за Министерството од непојавување на планираните активности, фактот дали одбивањето се повторува повеќе пати од страна на истото лице, степенот на нарушување на угледот на Министерството, влијанието врз соработката со домашните и меѓународните партнери и слично.
Сепак наспроти наведеното, е фактот дека тие критериуми не се предвидени во Законот за вработените во Министерството за одбрана, ниту во конкретен подзаконски акт, а со тоа преостанува можноста при определување на дисциплинска одговорност, министерството по свое дискреционо убедување да одлучи.
Имајќи предвид дека законодавецот едно исто дејствие го санкционирал два пати и тоа, во едниот случај како полесна, а во другиот како потешка повреда, со што им остава дискрециона оценка на дисциплинските органи да го квалификуваат однесувањето според субјективна проценка, укажува на постоење можна повреда на темелната вредност владеење на правото.
Според Судот, во конкретниот случај е прифатливо оценувањето за примена на принципот содржан во член 14 став 2 од Уставот и кај дисциплинската одговорност, бидејќи два пати се санкционира едно исто дејствие, поради што постои основан сомнеж за несогласност на оспорената одредба од Законот со оваа уставна одредба.
V
Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски