У.бр.156/2025

Уставен суд
на Република Северна Македонија
У.бр.156/2025
Скопје, 25.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски и д-р Ана Павловска-Данева, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 25 март 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 5 во делот „во согласност со закон“ од Законот за вештачење (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023).

2. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

О б р а з л о ж е н и е

I

Игорчо Точев од Скопје, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на делот од одредбата од Законот означен во точка 1 од диспозитивот на ова решение.

Според иницијативата, оспорениот дел од член 18 став 5 од Законот за вештачење (*) го повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Имено, истиот создава несигурност во правниот промет, бидејќи воспоставува однос lex generalis – lex specialis, со тоа што вториот би бил „другиот закон“ во кој треба да се содржани правилата за враќање на средствата, во случај да не се полага испитот за вештак.

При таква состојба, преку другиот закон се овозможува да се пропише начин и динамика на враќање на уплатените средства за полагање на испит за вештак. Ова значи дека би можело да се утврдат нереални рокови и норми коишто во правниот промет можат да доведат до арбитрарно постапување и примена на правото спротивно на владеењето на правото.

Кога веќе постои пропишана обврска каква што е во член 18 став 5 од Законот за вештачење, отсуството на посебен закон којшто би го уредувал враќањето на средствата уплатени на име на полагање на испит за вештак, создава нееднаквост во однос на лицето кое ја извршила уплатата, но поради одредени причини одлучило да не го полага испитот во рок од една година од уплатата.

Во врска со ова, се укажува дека во Предлог-законот за вештачење нема причини зошто е предвидено вакво уредување, особено што истото треба да е исклучиво предмет на овој закон.

II

На седницата Судот утврди дека според член 18 став 5 од Законот за вештачење (*) („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.154/2023), доколку кандидатот во рок од една година од денот на уплатата на средствата не го полага испитот, уплатените средства се враќаат во согласност со закон.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, додека според став 2 на овој член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Член 110 алинеја 1 од Уставот, утврдува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 1 од Законот за вештачење (*), со овој закон се уредува вршењето на вештачењето, условите и начинот на вршењето на вештачењето, субјектите што вршат вештачење, условите и постапката за полагање испит за вештак, услови за издавање, престанок или за одземање лиценца за вештачење, награда и надоместок на трошоците за извршеното вештачење, основањето, надлежноста, организацијата и работењето на Комората за вештаци и другите органи на управување, посебна постапка за стекнување со лиценца за вештачење како и други прашања од значење за судските вештачења и супервештачења.

Член 2 точка 4 од овој закон, дефинира дека „испит за вештак” е испит кој се спроведува заради оценување на потребното знаење за стекнување уверение за положен испит за вештак.

Според член 18 став 1 од истиот закон, трошоците за полагање на испитот се на товар на кандидатот, доколку институцијата каде што е вработен не ги плати.

Став 2 на овој член, уредува дека висината на трошоците за полагање на испитот од ставот 1 на овој член ја определува министерот за правда врз основа на реално направените трошоци за полагање на испитот, кои се неопходни за спроведување на првиот и на вториот дел на испитот, спроведувањето на писмениот тест, изработувањето материјали и покани и изработка на уверенија.

Согласно со став 3 на истиот член, трошоците за полагање на испитот се уплатуваат на сметката на сопствени приходи на Министерството за правда, додека според став 2, доколку трошоците не се уплатени на соодветната сметка на Министерството за правда најдоцна 15 дена пред денот определен за спроведување на испитот, на кандидатот не му се дозволува полагање на испитот.

IV

Од анализата на одредбата во која е содржан оспорениот дел, произлегува дека со истата е утврдена обврска за враќање на уплатени средства за полагање испит за вештак во случаите кога кандидатот во рок од една година од денот на уплатата не го полагал испитот, како и дека со истата е пропишан начинот на кој треба да се вратат средствата – во согласност со закон, при што се оспорува уставноста на делот кој го пропишува наведеното.

Притоа, од страна на Судот се утврди дека Законот за вештачење (*), не содржи одредби коишто го уредуваат ова прашање, вклучувајќи ги постапката и роковите за враќање на уплатените средства.

Во однос на номотехниката, а заради споредба со пристапот применет кај оспорениот дел, овој закон содржи други одредби со кои се упатува на закон, но тоа е сторено на начин што ова упатување се однесува на конкретен закон.

Така, во член 24 став 1 од Законот е предвидено дека трговец поединец – вештак, физичко лице – вештак, правно лице основано во согласност со одредбите од Законот за трговските друштва, орган на државната управа, високообразовна установа, научна установа и стручна установа може да се осигураат од одговорност на штета, која може да ја причинат при вршење на вештачењето кон нарачателот или кон трето лице.

Она што се проблематизира со иницијативата е дека преку вака пропишаниот начин за враќање на средствата, се создава можност за арбитрарност при повратот на средствата преку можноста за утврдување нереални рокови за таквото враќање.

Според Судот, формалното постоење на законска норма е еден од предусловите за да постои владеење на правото. Но, таквата норма мора да биде и јасна, прецизна и предвидлива, така што адресатите (на оние на кои се однесува) да можат однапред, со разумен степен на сигурност, да ги согледаат правните последици од нејзината примена.

При градењето на ставот во овој предмет, Судот ги имаше предвид аргументите дека законодавецот може да користи упатувачки норми и дека правниот поредок функционира како целина во која поединечните норми не можат да се толкуваат изолирано.

Во таа смисла, упатувањето на „во согласност со закон“, како што е случај со оспорениот дел, може да се разбере како системско упатување кон општи правила коишто се применуваат при враќање на парични средства, без потреба тие повторно да бидат нормирани во посебен закон.

Дополнително, беше земено предвид дека односот што се создава во врска со полагањето на испитот има примарно административно-правен карактер, поради што законодавецот оценил дека деталното уредување на враќањето на средствата не е нужно во истиот закон. Исто така, можноста за судска контрола на поединечните акти на надлежните органи е дополнителна гаранција против евентуална произволна примена.

Сепак, овие аргументи не се доволни за да се надмине проблемот на нормативната неодреденост што ја создава оспорената формулација. Со тоа што законодавецот упатува на закон без да го определи, ниту пак да утврди основни параметри за неговата примена, се создава ситуација во која не може однапред да се утврди кој правен режим е применлив.

Од самата законска одредба не произлегува дали враќањето на средствата се остварува според правилата на облигационото право, според посебна управна постапка или според некаков комбиниран модел, ниту, пак, кои се роковите, условите и процесните гаранции за остварување на тоа право.

Ваквата неопределеност не може да се надополни со толкување при примената, бидејќи правната сигурност подразбира можност за предвидување однапред, а не за ретроактивно разјаснување на правните последици.

Според Судот, од значење e тоа што, иако основниот однос произлегува од административна постапка, евентуалната обврска за враќање на уплатените средства има и имотноправни последици.

Токму во такви случаи, владеењето на правото бара засилен степен на јасност и прецизност на законската регулација. Недефинираното упатување на закон којшто не може да се идентификува, ја проширува дискрецијата на надлежните органи и отвора можност за различна примена во исти или слични фактички ситуации, што е спротивно на барањето за правна сигурност.

Како дополнителна аргументативна поткрепа, Судот ги имаше предвид и стандардите развиени во праксата на Европскиот суд за човекови права, според кои законот мора да поседува соодветен „квалитет“, односно да биде доволно јасен и предвидлив и да ја ограничува дискрецијата на органите за да се исклучи ризикот од произволност (The Sunday Times v. the United Kingdom, 26 април 1979 година – барање за достапност и предвидливост на законот).

Овие стандарди се особено нагласени кога станува збор за вмешување во имотната сфера на поединците, при што законската основа мора да обезбеди јасна и сигурна правна рамка.

При споредувањето на наведените аргументи, преовладувачки беше тоа што иако користењето на упатувачки норми во начело е дозволено, во конкретниот случај аргументите во прилог на уставноста, не можат да ја надминат тежината на уставноправните недостатоци на оспорената одредба.

Нормативната неопределеност во поглед на применливиот правен режим, во комбинација со непосредните имотноправни последици, резултира со повреда на правната сигурност како суштински елемент на владеењето на правото.

Притоа, нужно е да се укаже дека сомнежот за неуставност во конкретниот случај, не значи дека самата формулација „во согласност со закон“, односно „согласно друг закон“, по правило постои и во други исти случаи.

Законодавецот во својата пракса често користи упатувачки формулации од ваков вид, коишто во одредени законски контексти можат да бидат уставно прифатливи, доколку од целината на правната регулатива јасно и недвосмислено произлегува кој закон е применлив и под кои услови, а адресатите на кои се однесува нормата, можат однапред да ги предвидат правните последици од нејзината примена.

Меѓутоа, уставноправната оцена на ваквите формулации не може да биде апстрактна и универзална, туку мора да се врши од случај до случај, имајќи ги предвид природата на уредуваниот однос, степенот на влијание врз правата и обврските на граѓаните и дали законската одредба, во конкретниот нормативен контекст, обезбедува доволна јасност, прецизност и предвидливост.

Во конкретниот случај, токму поради непосредните имотноправни последици и отсуството на јасно определен правен режим за враќање на средствата, оспорената формулација не ги исполнува овие уставни барања.

Од страна на Судот беше анализирана можноста во случајот да се применат општите правила за стекнување без основ, како можен супсидијарен режим за враќање на уплатените средства, но на овој начин не може да се надмине недостатокот на јасна законска регулација во конкретниот случај.

Примената на овој институт не е вредносно и уставно неутрална, туку претпоставува претходно утврдување на моментот и причините поради кои основот за плаќањето отпаднал, како и на правниот карактер на односот што се создава помеѓу органот и лицето.

Со оглед на тоа дека станува збор за уплата што произлегува од административна постапка и е поврзана со остварување на јавно овластување, прашањето дали, кога и под кои услови настанува обврска за враќање на средствата и тоа не може да се препушти на општо граѓанскоправно толкување. Таквото препуштање би значело дека суштински елементи од имотноправниот режим се утврдуваат отпосле, преку управна практика, наместо преку однапред познати правила предвидени со закон.

Притоа, токму отсуството на јасна законска определба за моментот на отпаѓање на основот и за применливиот правен режим за враќање на средствата го прави оспорениот дел несогласен со барањата на владеењето на правото, бидејќи правната сигурност не може да се заснова на претпоставен, туку на изречно уреден правен основ.

Оттука, имајќи ги предвид наводите во иницијативата, како и аргументацијата изложена погоре, став на Судот е дека во однос на оспорениот дел „во согласност со закон“ од член 18 став 5 од Законот за вештачење (*), основано може да се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот.

V

Врз основа на претходно наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски