У.бр.36/2025

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.36/2025
Скопје, 28.01.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 28 јануари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 2 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/2024).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 1 од Законот означен во точка 1 од Решението.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Миа Ношпал Чорак, адвокат од Скопје и Друштвото за трговија и услуги „Локо трејд” доо – Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во диспозитивот на Решението.

Според наводите од иницијативата, со член 7 од Законот се оспорува правото на правните лица да вршат железнички превоз, односно да се стекнат со статус на железнички превозници, што е спротивно на владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот. Исто така, се повредува забраната за ретроактивното дејство на законите, од член 52 став 4 од Уставот, се ограничуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот спротивно на член 54 од Уставот, повредена е слободата на пазарот и претприемништвото и забраната за монополско однесување од член 55 од Уставот, како и членовите 57 и 69 од Уставот. Се наведува и дека оспорениот член од Законот е спротивен и на одредби од истиот закон, односно на член 2 став 1 точки 13 и 15 и член 9 став 1 од Законот за железнички систем.

Во иницијативата се наведува дека одредби со содржини како сега оспорените од член 7 од предметниот закон, за прв пат биле воведени во 2012 година со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија” бр. 80/2012), во кој бил содржан член 28 којшто бил предмет на оцена од страна на Уставниот суд. Притоа, со Одлуката У.бр.104/2012 од 16.01.2013 година, Судот го укинал став 2 на овој член, чијашто содржина е идентична со член 7 став 2 содржан во подоцнежните измени на Законот за железничкиот систем од 2024 година. Ставот 1 на членот 28 од тој закон, којшто има иста содржина со член 7 став 1 од предметниот закон, бил во сила сè до донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 253/2023), кога оваа одредба престанала да важи со денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со член 16 од тој закон. Меѓутоа, и покрај Одлуката на Уставниот суд и ставот којшто го зазел во однос на неговиот став 2, како и околноста што неговиот став 1, претходно престанал да важи, со оспорениот член 7 од предметниот закон, повторно се уредува содржината којашто ја имал член 28 од Законот.

Според наводите, уредувањето во член 7 став 1 од Законот, според кое приватно домашно или странско правно лице може да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно со одредбите од овој закон по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија, само по себе претставува ограничување на правото на правните субјекти да се стекнат со статус на железнички превозници, односно да вршат дејност железнички превоз, иако самиот закон и Уставот, на сите правни субјекти коишто ќе ги исполнат условите предвидени во Законот, им го гарантира тоа право. Се наведува и дека со оспорената одредба се овозможува монополска положба на јавното претпријатие Железници на Република Северна Македонија Транспорт АД – Скопје поради фактот дека ова јавно претпријатие е единствен превозник кој врши железнички превоз во Републиката, а на приватните правни лица им е оневозможен слободен пристап на пазарот и претприемништвото, што е груба повреда на член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот. Помеѓу другото, ваквото ограничување на слободниот пристап на пазарот, според подносителите е дискриминаторско бидејќи член 54 од Уставот предвидува дека ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба, а во конкретниот случај, приватните правни субјекти се дискриминирани во однос на јавните претпријатија кои вршат дејност железнички превоз.

Воедно, според наводите, одложувањето на вршење превоз на патници и стока до моментот кога Република Северна Македонија ќе стане членка на Европската Унија е неосновано и само по себе незаконито и противуставно. Се наведува дека со оспорената одредба се уредува стекнување идно право под одредени претпоставки (влезот во ЕУ), без да се прецизира кога, односно во кој временски период тоа би било возможно, што ги става заинтересираните граѓани во правна неизвесност. Ако се земе предвид фактот дека процесот за пристапување на Републиката кон Европската Унија постојано се одложува, како основано се поставува прашањето како правните лица кои се регистрирале за вршење дејност железнички превоз, воопшто би го оствариле ова право.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека одредбите од оспорениот член 7 од Законот дејствуваат ретроактивно и ја нарушуваат правната сигурност на правните лица бидејќи и покрај тоа што им се издадени дозволи за превоз и соодветни сертификати за што биле изложени на материјални трошоци, не можат да отпочнат со вршење на дејноста. Воедно, и правните субјекти кои имале намера да се занимаваат со јавен железнички превоз на патници и стока, трпат штета бидејќи спроведувале соодветни постапки за издавање дозвола за вршење дејност јавен железнички превоз и сертификати за сигурност за вршење на железнички превоз, со уверување дека ќе им бидат издадени штом се утврди дека ги исполнуваат потребните услови за што исто така се подготвувале бидејќи во моментот кога ги поднеле своите барања не постоело законско ограничување за издавањето на дозволите и сертификатите, како и законска одредба којашто го условувала отпочнувањето со вршење дејност.

Од погоре наведените причини со иницијативата се предлага Уставниот суд да го поништи оспорениот член 7 од предметниот закон.

II

На седницата Судот утврди дека според член 7 став 1 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/2024), приватно домашно или странско правно лице може да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно со одредбите од овој закон по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Судот, исто така, утврди дека според став 2 од истиот член, постапките за издавање на дозволи за вршење јавен железнички превоз на патници и стока и постапките за издавање сертификати за сигурност за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока согласно со Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2010, 23/2011, 80/2012, 155/2012, 163/2013, 42/2014, 130/2014, 152/2015, 31/2016, 178/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 302/2020 и 253/2023), започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон.

III

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Уставот со член 51 утврдува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија” бр. 48/2010, 23/2011, 80/2012, 155/2012, 163/2013, 42/2014, 130/2014, 152/2015, 31/2016, 178/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 302/2020, 253/2023 и 187/2024), со овој закон се уредуваат развојот на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура, организацијата на железничкиот систем, начинот и условите за извршување на железничкиот превоз и видовите превоз, управувањето, организирањето, заштитата на железничката инфраструктура и пристапот до железничката инфраструктура, наплата за пристап за користење на железничката инфраструктура, доделувањето на инфраструктурните капацитети, објавата на мрежа, основањето на независно и самостојно регулаторно тело, доделувањето и видовите на концесија, финансирањето на железничката инфраструктура и услугите од јавен интерес во железничкиот превоз на патници.

Со член 2 став 1 точка 1 од Законот, се уредува дека барател е железнички превозник и/или меѓународна групација на железнички превозници, кои поседуваат дозвола и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз, како и други правни субјекти што вршат јавна услуга или имаат комерцијален интерес за користење на инфраструктурен капацитет и превозници, шпедитери и оператори на комбиниран транспорт за извршување на железничка услуга.

Член 2 став 1 точка 10 од Законот, уредува дека дозвола за вршење на јавен железнички превоз е јавна исправа издадена од надлежен орган, со која на правното лице му се признава статусот на железнички превозник кој може да биде ограничен на обезбедување посебни видови услуги.

Согласно со член 2 став 1 точка 13 од Законот, железнички превозник е јавно или приватно, домашно или странско правно лице кое поседува дозвола и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз, каде што главно занимање е давање на превозни услуги на стока и/или патници по железница под услов превозникот да обезбеди влечно возило; вклучувајќи и превозници кои обезбедуваат само влеча.

Со член 2 став 1 точка 15 од Законот, се уредува дека железнички превоз е дејност што опфаќа превоз на патници и/или стока и/или влеча на возови.

Според член 2 став 1 точка 50 од Законот, сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз е јавна исправа издадена на железнички превозник од Управата за сигурност во железничкиот систем во согласност со овој закон.

Со член 4 став 2 од Законот, се уредува дека железничката инфраструктура како добро од општ интерес за Републиката е сопственост на Република Северна Македонија и на неа не може да се стекнува право на сопственост. Според став 3 од истиот член управувањето со изградбата, реконструкцијата, ремонтот, одржувањето, заштитата на железничката инфраструктура, организирањето и регулирањето на железничкиот сообраќај, раководењето со системите за регулирање и сигурност и доделување на инфрастуктурните капацитети како дејности од јавен интерес, ги врши Јавното претпријатие за железничка инфраструктура или друго правно лице на начин и под услови утврдени со овој закон (во натамошниот текст: управител на инфраструктура).

Според член 5 став 3 од Законот, превозникот може да врши услуги од јавен интерес во железничкиот превоз на патници врз основа на склучен договор за вршење на тие услуги со Владата на Република Северна Македонија или надлежен орган на општините, односно на Градот Скопје, за давање на јавна патничка услуга, согласно со овој закон.

Во член 9 од Законот за железничкиот систем, се содржани одредби за подобрување на финансиската состојба на железнички превозник и управител на инфраструктура во државна сопственост. Според став 1 од наведениот член, заради подобрување на финансиската состојба на превозникот во државна сопственост основачот може да му утврди соодветни механизми со кои ќе се намали задолженоста на превозникот до ниво кое ќе создаде услови за рентабилно финансиско работење и општо подобрување на финансиската состојба, при што превозникот во државна сопственост не смее да стекне монополска положба на пазарот. Согласно со став 6 од истиот член, заради подобрување на финансиската состојба на управителот на инфраструктура основачот може да утврди соодветни механизми со кои ќе се намали задолженоста на управителот на инфраструктура до ниво кое ќе создаде услови за рентабилно финансиско работење и општо подобрување на финансиската состојба.

Според член 10 од Законот, превозот на патници и/или стока во железничкиот сообраќај може да се врши како јавен превоз или превоз за сопствени потреби, под услови и на начин утврдени со овој закон.

Согласно со член 11 став 1 од Законот, железнички превоз може да биде организиран како: меѓународен железнички превоз на патници и/или на стока, внатрешен железнички превоз на патници и/или стока, меѓународен комбиниран превоз на стока и внатрешен комбиниран превоз на стока. Според став 2 од истиот член, превозот од став 1 на овој член се извршува според пазарни услови и врз основа на договор за превоз, освен ако со овој и друг закон поинаку не е определено.

Во делот V. Дозволи и сертификати на превозник и управител на инфраструктура од Законот, се содржани потточката 1. Дозвола за вршење на јавен железнички превоз (членови од 15 до 18) и потточката 2. Сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз (членови 19, 20, 20-а и 20-б).

Според член 15 став 1 од Законот, јавен превоз на патници и/или стока се врши врз основа на дозвола за вршење на јавен железнички превоз. Согласно со став 2 од истиот член, секое јавно или приватно, домашно или странско правно лице има право да поднесе барање за добивање на дозвола за вршење на јавен превоз, ако е регистриран за таа дејност. Според став 3 од истиот член, дозволата за вршење на јавен железнички превоз (во натамошниот текст: дозвола) на барање на јавно или приватно, домашно или странско правно лице ја издава Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор (во натамошниот текст: Агенцијата). Согласно со став 4 од истиот член, Агенцијата нема да издаде дозвола или да ја продолжи важноста на дозволата на правното лице од став 2 на овој член, доколку не ги исполнува условите пропишани со овој закон, а според став 5 од истиот член, на правното лице од став 2 на овој член кое ги исполнува условите од овој закон му се издава дозвола. Според став 9 од истиот член, покрај дозволата од став 1 на овој член превозникот за да има право на пристап на железничка инфраструктура потребно е да има и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз, а според став 10 од истиот член, за издавање на дозволата од ставот 1 на овој член се плаќа надоместок.

Во член 16 став 1 точки од 1) до 7) од Законот се предвидени условите коишто правното лице мора да ги исполни за добивање дозвола за вршење на јавен железнички превоз.

Според член 17 став 1 од Законот, дозволата е важечка додека превозникот ги исполнува условите утврдени во членот 16 став 1 од овoj закон, а според член 18 став 1 од Законот, на територијата на Република Северна Македонија се признаваат дозволите издадени на превозници од надлежни органи на други држави во согласност со законодавството на Европската унија.

Во дел VI. Железничка инфраструктура точка 2. Планирање, изградба, реконструкција, ремонт, одржување и заштита на железничка инфраструктура од Законот, е содржан член 26 којшто во став 1 уредува дека изградбата, реконструкцијата, ремонтот и одржувањето на постојаната или на нова железничка инфраструктура се утврдуваат со Национална програма за развој на железничка инфраструктура, која се донесува за период од пет години, којашто согласно со став 2 од истиот член, ја донесува Владата на Република Северна Македонија на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на железничкиот сообраќај и железничката инфраструктура по донесување на фискалната стратегија на Република Северна Македонија, најдоцна до 31 октомври во тековната година.

Во глава XII. Финансирање на железничка инфраструктура од Законот, е содржан членот 118 којшто во став 1 уредува дека средствата за финансирање на изградба на нова железничка инфраструктура се обезбедуваат од: 1) средства од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година; 2) кредити и заеми и 3) други извори. Според став 2 од истиот член, средствата за финансирање на постојната железничка инфраструктура се обезбедуваат од: 1) надоместок за користење железничка инфраструктура; 2) средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија за тековната година; 3) буџетите на единиците на локалната самоуправа за финансирање услуги од јавен интерес во железничката инфраструктура; 4) закупнина на движни и недвижни ствари; 5) продажба на неупотребливи движни ствари; 6) дел од вложување на домашни и на странски лица и 7) средства од други извори. Согласно со став 3 од истиот член, намената и начинот на користење на буџетските средства од ставовите 1 и 2 на овој член се утврдуваат со Годишната програма од членот 26 став 5 од овој закон.

IV

Од погоре наведените законски одредби произлегува дека Законот за железничкиот систем овозможува приватните субјекти (домашни и странски) да се јават како баратели со цел да се стекнат со дозвола и сертификат за вршење дејност јавен железнички превоз. Воедно, Законот ја уредува постапката и ја утврдува неопходната документација за добивање дозвола за вршење на јавен железнички превоз и сертификат за сигурност за вршење на јавен железнички превоз.

Меѓутоа, законодавецот со оспорениот член 7 став 1 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 187/2024), пропишал дека приватно домашно или странско правно лице може да врши јавен железнички превоз на патници и стока согласно со одредбите од овој закон по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Со иницијативата се бара Уставниот суд да утврди неуставност на одложниот услов од член 7 став 1 од Законот, по што истиот ќе го поништи, со цел да се овозможи и приватните субјекти да можат да вршат јавен железнички превоз на патници и стока, што во суштина значи барање Уставниот суд да се впушти во оцена на оправданоста, односно целисходноста на прашањето за одлагање на либерализацијата во сферата на железничкиот превоз, што е прашање од делокругот на надлежностите на законодавецот, кој во конкретниот случај, оценил за потребно да го уреди оспорениот член 7 став 1 од Законот со цел да се овозможи подобра реализација на Годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура, како и со цел финансиско зајакнување на двете државни компании Јавното претпријатие ЖРСМ Транспорт АД – Скопје и Јавното претпријатие ЖРСМ Инфраструктура – Скопје, во смисла на подобрување на состојбата на железничката инфраструктура.

Во контекст на погоре наведеното, легитимно право е на Собранието на Република Северна Македонија како носител на законодавната власт, со закон да ги уредува условите за вршење на одделни дејности посебно за оние коишто имаат своја специфичност, а се од јавен интерес.

Оттука, според Судот, законското решение утврдено со оспорениот член 7 став 1 од Законот, не може да се разгледува од аспект на неговата согласност со член 55 од Уставот, односно да се смета дека со истото се повредува уставната гаранција за слободата на пазарот и претприемништвото бидејќи прашање на законодавната политика е дали и кога пазарот во сферата на железничкиот превоз ќе биде отворен и за приватните субјекти.

Во однос на наводите дека оспореното законско решение од член 7 став 1 од Законот го фаворизира Јавното претпријатие ЖРСМ Транспорт АД – Скопје, треба да се има во предвид фактот дека станува збор за државно претпријатие основано од Владата, дека железничката инфраструктура е сопственост на Република Северна Македонија, и дека согласно со Законот за железничкиот систем, обврска на државата е да презема мерки и да обезбедува средства за нивно непречено функционирање.

Во иницијативата се повикуваат и на член 9 став 1 од Законот, којшто уредува дека заради подобрување на финансиската состојба на превозникот во државна сопственост основачот може да му утврди соодветни механизми со кои ќе се намали задолженоста на превозникот до ниво кое ќе создаде услови за рентабилно финансиско работење и општо подобрување на финансиската состојба, при што превозникот во државна сопственост не смее да стекне монополска положба на пазарот.

Меѓутоа, ваквата одредба се однесува пред сè кога на пазарот покрај државното претпријатие, јавен железнички превоз вршат и приватни субјекти, поточно во услови на отворен пазар во железничкиот превоз.

Воедно, во врска со содржината на оспорениот член 7 став 1 од предметниот закон, Уставниот суд веќе се произнел постапувајќи по иницијативата по предметот У.бр.104/2012 со која се оспорувал член 28 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија” бр. 80/2012) чијашто содржина е идентична како и сега оспорениот член 7 став 1 од предметниот закон. Имено, Судот не утврдил неуставност во определбата на законодавецот отварањето на пазарот за железничкиот превоз на патници и стока во Републиката, да отпочне по нејзиното пристапување во Европската Унија. Во образложението на Решението, помеѓу другото, е констатирано дека ваквата определба на законодавецот произлегла од анализите извршени пред донесувањето на измените на Законот со кои било констатирано дека поради светската криза и штрајковите во Грција и Солунското пристаниште, намален е железничкиот сообраќај, намалени се приходите на МЖ Транспорт АД – Скопје и зголемени се обврските на МЖ Транспорт АД – Скопје кон странски доверители создадени во минатото.

Имајќи го предвид наведеното, пред Судот, не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 7 став 1 од Законот, со одредбите на Уставот на кои се повикуваат подносителите со иницијативата.

Покрај став 1 од член 7 од Законот, законодавецот го пропишал став 2, според кој, постапките за издавање на дозволи за вршење јавен железнички превоз на патници и стока и постапките за издавање сертификати за сигурност за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока согласно со Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија“ бр. 48/2010, 23/2011, 80/2012, 155/2012, 163/2013, 42/2014, 130/2014, 152/2015, 31/2016, 178/2016 и 64/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 302/2020 и 253/2023), започнати пред влегувањето во сила на овој закон, ќе запрат со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Од содржината на оспорениот член 7 став 2 од Законот, произлегува дека станува збор за императивна норма со која по сила на закон, постапките коишто започнале пред влегувањето во сила на предметниот закон, со денот на неговото влегување во сила, се запираат. Законот е влезен во сила на 06.09.2024 година, што значи дека на овој датум, по автоматизам, започнатите постапки, веќе се запрени.

Анализирајќи ги одредбите од Законот за железничкиот систем, Судот утврди дека од истите не произлегува ограничување за издавање дозвола и сертификат за вршење јавен железнички превоз, напротив Законот им дава право на приватните субјекти (домашни и странски) да се јават како баратели во постапки со цел да се стекнат со потребната дозвола и сертификат за вршење јавен железнички превоз. Според Законот, дозволата за вршење на јавен железнички превоз е јавна исправа издадена од надлежен орган, со која на правното лице му се признава статусот на железнички превозник, и истата е важечка додека превозникот ги исполнува условите утврдени во член 16 став 1 од овoj закон.

Имајќи го предвид наведеното, според Судот, запирањето на започнатите постапки, не е во согласност со владеењето на правото како темелна вредност на Уставот и принципот на правна сигурност на граѓаните како нејзин составен дел, кои како баратели во постапка за издавање на дозволи и сертификати за вршење на јавен железнички превоз на патници и стока имале легитимни очекувања дека ќе се стекнат со потребната документација доколку ги исполнуваат условите согласно со Законот, при што не е јасна правната судбина на започнатите постапки коишто со денот на влегувањето во сила на Законот се запираат.

Воедно, според Судот, оспорената одредба од член 7 став 2 од Законот, создава нееднаквост помеѓу правните лица – баратели во постапките, бидејќи оние баратели кои ги завршиле постапките, се стекнале со дозвола со која им се признава статусот на железнички превозник, додека другите поради запирањето на постапките, нема да добијат статус на железнички превозник, што е спротивно на член 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Дополнително, Уставниот суд веќе се произнел за истото прашање со Одлуката У.бр.104/2012 од 16.01.2013 година, со која го укинал член 28 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Македонија” бр. 80/2012).

Тргнувајќи од погоре изнесеното, Судот оцени дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 7 став 2 од Законот за изменување на Законот за железничкиот систем („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 187/2024) со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 став 2 од Уставот, а во однос на оспорениот член 7 став 1 од Законот, Судот оцени дека истиот не е во спротивност со одредбите на Уставот на кои се повикуваат подносителите во иницијативата од аспект на нивните наводи.

V

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на ова решение, при што Решението под точка 2 се донесе со мнозинство гласови.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски