Студенти од прва година на правните студии при Правниот факултет „Јустинијан Први“- Скопје го посетија Уставниот суд, во рамки на склучениот Меморандум за соработка, како дел од континуираните активности со академската заедница.
Во текот на посетата, студентите беа запознаени со историскиот развој на Судот, со посебен акцент на неговите надлежности – уставно-судската контрола на законите, другите прописи и колективните договори, како и постапката по барања за заштита на слободите и правата.
Преку практични примери, студентите се запознаа со начинот на работа на Судот, а им беше презентирана и веб-страницата со насоки за пребарување на одлуки и решенија, следење на седниците во живо и можностите за електронско поднесување иницијативи.
Станува збор за втора група студенти која го посети Судот во рок од 10 дена, што ја потврдува зголемената заинтересираност за уставното судство.

Советниците на Судот, Магдалена Паункова-Спасова, Мајлинда Исмаили и Лариса Милевска им ги презентираа информациите за Уставниот суд. Со овие активности, Судот продолжува да придонесува кон унапредување на правната едукација, отвореноста и транспарентноста.



