Денеска во Уставниот суд се одржа Отворен ден за граѓаните, по втор пат, во рамки на иницијативата за поголема транспарентност и директна комуникација со јавноста. Претседателот на Судот, д-р Дарко Костадиновски, оствари средби со десетици граѓани кои пројавија интерес за работата и надлежностите на институцијата.
Граѓаните се интересираа и бараа информации во врска со предмети од јавен интерес, како и појаснувања за текот на постапките пред Судот и начинот на одлучување. Во разговорите беа отворени теми поврзани со заштитата на човековите права и можностите што им стојат на располагање на граѓаните пред Уставниот суд.

На Отворениот ден присуствуваше и група студенти од Правниот факултет во Скопје, кои покажаа особен интерес за уставно-судската заштита, надлежностите на Судот и практичните аспекти на одлучувањето. Тие имаа можност непосредно да се запознаат со улогата на Судот во правниот систем и значењето на уставно-судската контрола.
Со ваквите средби, Уставниот суд продолжува да ја унапредува својата отвореност и пристапност, овозможувајќи им на граѓаните директен увид во своето работење и јакнејќи ја довербата во институцијата.

Сите заинтересирани граѓани за средби со претседателот Костадиновски може да се пријават на gragjani@ustavensud.mk или на телефонскиот број на телефонскиот број +389 2 322 3626 или 070 332 139. Доколку се појават дополнителни прашања, граѓаните да се обратат и до портпаролот на Судот, Христина Беловска на телефонскиот број 077 540 656.

