Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд Африм Фидани и претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски остварија работна средба со Михалис Пикраменос, претседател на Државниот совет на Република Грција, институција со сродни надлежности на Уставниот суд во областа на уставно-судската контрола.
На средбата беа разменети мислења и искуства за конкретните надлежности со посебен акцент на оценувањето на уставноста на актите што ги донесуваат државните органи, претседателот, Владата и Парламентот.
Соговорниците дискутираа и за начинот на работа и организацијата на Државниот совет, при што беа разгледани спецификите, сличностите и разликите меѓу двата система на уставна контрола.
Во разговорот беше истакнато дека довербата во судството претставува клучен предуслов за стабилноста на демократските процеси. „Креирањето на перцепција за недостаток на доверба во судството директно ја погодува демократијата“, се согласија соговорниците.
Претседателот Костадиновски упати отворена покана за возвратна посета на Уставниот суд на Република Северна Македонија, со цел натамошно продлабочување на соработката, како и покана за учество на Балканскиот форум на уставни судови, како платформа за регионална размена на искуства и зајакнување на уставно-судската пракса.

