УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025


Уставен суд
на Република Северна Македонија
УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025
Скопје, 25.02.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 72 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 25 февруари 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ПОНИШТУВААТ:

– Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029 („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.9 од 22.08.2025 година) и

– Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028 („Службен гласник на Општина Гостивар“ бр.9 од 22.08.2025 година).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Министерството за транспорт, со Решение УЗ.бр.60/2025 и УЗ.бр.61/2025 од 11 декември 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точка 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинeја 3 и член 51 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр. 5/2002) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), по предлог на градоначалникот на Општина Гостивар, Советот на Општина Гостивар на 49-та седница одржана на ден 22.08.2025 година, донел Одлука за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029.

Според член 1 од Одлуката, се усвојува Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029 кој опфаќа од северна страна со магистрален пат Гостивар – Скопје и дел од магистрална улица „Илинденска“, од источна страна со магистрална улица „Илинденска“ од јужна страна со новопроектирана сервисна улица „18“ и од западна страна со новопроектирана сервисна улица „8“.

Член 2 од Одлуката предвидува дека Деталниот урбанистички план се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ кој претставува составен дел на Одлуката.

Според член 3, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Гостивар”.

Одлуката е со број 08-1964/1 од 22.08.2025 година и објавена е во „Службен гласник на Општина Гостивар” бр.9 од 22.08.2025 година.

Судот, исто така, утврди дека Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот 26.088 Ха, за плански период 2023-2028 е донесена врз основа на член 22 став 1 точка 1 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002) и во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” бр. 199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), по предлог на градоначалникот на Општина Гостивар, од страна на Советот на Општина Гостивар на 49-та седница одржана на ден 22.08.2025 година.

Според член 1 од Одлуката, се усвојува Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот 26.088 Ха, за плански период 2023-2028 со граници – од северна страна со магистрална улица „М1-М1“, јужна страна со ново проектирана сервисна улица „6“, источна страна со ново проектирана сервисна улица „8“ и од западна страна со магистрална улица „Браќа Ѓиноски“.

Согласно со член 2 од Одлуката, Деталниот урбанистички план се прикажува во текстуалниот и графичкиот приказ кој претставува составен дел на Одлуката.

Според член 3, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Гостивар”.

Одлуката е со број 08-1976/1 од 22.08.2025 година и објавена во „Службен гласник на Општина Гостивар” бр.9 од 22.08.2025 година.

III

Согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Член 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Член 20 со наслов „Годишна програма на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје“ од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016, 163/2016, 64/2018 и 168/2018), во став 1 пропишува дека за изработување на урбанистичките планови од членот 7 став 1 точка 2 на овој закон, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна доку¬мента¬ција, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје задолжително донесуваат годишна програма, најдоцна до 31 јануари за тековната година.

Член 28 од Законот со наслов „Стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето“, во став 2 уредува дека донесувачот на урбанистичките планови и урбанистичко-планската документација од став 1 на овој член е должен по донесување на годишната програма од член 20 став 1 на овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето односно неспроведувањето на оценката, на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Член 35 од овој закон е со наслов „Јавна презентација и јавна анкета“. Во став 10 на овој член е пропишано дека за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината односно општината на градот Скопје, која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Согласно со став 11 на истиот член, извештајот се изработува најдоцна во рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета и истиот е составен дел на предлогот на планот, а се прикачува и во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам.

Според став 12 на овој член, врз основа на извештајот, комисијата е должна, во рок од пет работни дена од изготвувањето на извештајот да го извести секој субјект и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози, при што лицата кои поднеле анкетен лист во електронска форма се известуваат електронски преку информациски систем еурбанизам, а лицата кои поднеле анкетен лист во хартиена форма се известуваат писмено.

Член 36 со наслов „Мислење на конечен предлог на урбанистички план“ во став 5 од истиот закон, предвидува дека доколку во постапката за донесување на урбанистичкиот план се спроведени две јавни анкети, конечниот предлог на урбанистичкиот план се доставува и до надлежната комисија за урбанизам од член 23 на овој закон која е должна да достави стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план, со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на истиот, во рокот утврден во став 4 на овој член, а во спротивно ќе се смета дека нема забелешки и дека е дадено позитивно мислење.

Член 38 од Законот со наслов „Согласност на урбанистички план“ во став 3 уредува дека органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при повторно разгледување на урбанистички план за кој претходно било издадено известување за недостатоци согласно став 2 на овој член, не може да наведе нови недостатоци кои претходно не биле наведени во известувањето за недостатоци, освен доколку повторно е спроведена јавна анкета, или кога постојат нови податоци кои не биле приложени со барањето за добивање согласност на урбанистичкиот план за кој претходно било издадено известување за недостатоци.

Член 65 од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ бр.53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015, 39/2016 и 99/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2022, 171/2022, 3/2025 и 124/2025) е сместен во глава X со наслов „Оцена на влијанието на определени стратегии, планови и програми врз животната средина“ и во став 10 уредува дека органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став 8 од овој закон.

IV

Во врска со наводите во иницијативите, како и други прашања коишто беа покренати во рамки на претходната постапка, Судот, врз основа на доставената документација и одговори од Општина Гостивар, ја утврди фактичката состојба како што е изложено понатаму во текстот.

По однос на Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 Ха, за плански период 2019-2029, во текот на постапката произлезе следната фактичка состојба:

Пред донесување на Одлуката, Советот на Општина Гостивар, до Министерството за транспорт доставил допис бр.18-253/48 од 28.04.2025 година, со барање за согласност на Конечен предлог- детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со тех.бр.14/19 од март 2025 година, изработен од Пологпроект-про доо Гостивар.

Без да биде издадена согласност од страна на Министерството за транспорт, а врз основа на Заклучок бр.18-253/49 од 06.08.2025 година на Комисијата за урбанизам на Општина Гостивар, и Известување бр.253/50 од 06.08.2025 година доставено од градоначалникот на Општина Гостивар, Советот на Општина Гостивар констатирал дека постапката може да продолжи и го усвоил урбанистичкиот план спротивно на член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Согласно со член 65 став 6 од Законот за животна средина, Општина Гостивар донела Одлука за неспроведување на стратегиска оцена бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година. Одлуката е донесена по донесувањето на годишната програма за изработка, измена и дополна како и донесување на урбанистички планови во Општина Гостивар во 2024 година.

Годишната програма е донесена од страна на Советот на Општина Гостивар со бр.08-2898/01 од 27.12.2023 година, во согласност со член 28 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, но истата спротивно на член 65 став 10 од Законот за животната средина не е објавена на веб-страницата на Општина Гостивар во законски пропишаниот рок од пет дена од денот на донесувањето (одлуката е објавена на 25.11.2024 година што е видно од веб-страницата).

Во постапката за спроведување на јавна презентација и јавна анкета, јавноста била соодветно информирана и вклучена во процесот на донесување на планот. Имено, донесувачот на оспорената одлука во одговор на наводите од иницијативата до Судот достави докази и тоа: Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета бр.18-253/34 од 24.10.2024 година, соопштение за организирање на јавна презентација и јавна анкета со бр.18-253/35 од 24.10.2024 година, Известување за учество и јавна анкета согласно со член 35 став 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, објава на соопштение во весниците „Нова Македонија“ и „Коха“, листа на присутни на јавна презентација и известувања до три учесници на јавна анкета со фотокопија од доставници за уредна достава.

Јавната презентација и јавната анкета биле закажани во просториите на Општина Гостивар на 31.10.2024 година, со известување дека јавната анкета ќе трае од 31.10.2024 година до 13.11.2024 година, во периодот од 08:00 до 16:00 часот.

По завршувањето на постапка за спроведување јавна презентација и јавна анкета изготвен е Извештај бр.18-253/43 од 25.11.2024 година по истекот на рокот од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета, предвиден со член 35 став 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Со Решение бр.18-253/37 од 25.10.2024 година, градона-чалникот на Општина Гостивар, формирал комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета составена од три члена во состав: Сефедин Билали – вработен во општинска администација, Беким Алиу – вработен во општинска администрација и Валентина Попоска – надворешен член – претставник на изработувачот на планот.

Согласно со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручната комисија формирана од градоначалникот на општината, треба да е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Општина Гостивар во однос на ова појасни дека во составот на комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета, еден член е претставник на изработувачот на планот, додека од другите два члена, еден е претставник на администрација што ја водел постапката, додека другиот е вработен во општинската администрација и не учествувал во постапката за донесување на планот и бил член на комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета како стручен работник.

Видно од Решението бр.18-253/37 од 25.10.2024 година и одговорот на Општината, градоначалникот на Општина Гостивар при формирањето на составот на стручната комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета не постапил во согласност со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

По однос на оспорувањето дека во изготвувањето на стручната ревизија на Деталниот урбанистички план за блок 25, УС VI, VII и VIII зона, Општина Гостивар, конечниот предлог-план бил изработен од „НИМАЕР“ дооел-Струга-д.е. Скопје, при што ревидентите се повикале на Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање, а истата била изработена во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Општината во својот одговор појасни дека по однос на овие наводи, станува збор за техничка грешка на ревидентот што во текстот е наведен новиот Закон и Правилник за урбанистичко планирање со нивните измени, поради што постапката за донесување на ДУП за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, во информатичкиот систем е-урбанизам се водела според постапките од 2014-2019 година, додека сите други урбанистички планови, сега во информацискиот систем е-урбанизам се водат според постапките од 2020 година и Законот за урбанистичко планирање и Правилникот за урбанистичко планирање.

По однос на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028, во текот на постапката произлезе следната фактичка состојба:

Пред донесување на Одлуката, Советот на Општина Гостивар, до Министерството за транспорт доставил допис бр.23-1628/148 од 26.05.2025 година, со барање за согласност на Деталниот урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот 26.088 ха, за плански период 2023-2028, изработен од дооел Нимаер Струга, д.е. Скопје.

Иако од страна на Министерството за транспорт не била издадена согласност, Советот на Општина Гостивар констатирал дека постапката може да продолжи и го усвоил урбанистичкиот план спротивно на член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а врз основа на Заклучок бр.23-1628/149 од 05.08.2025 година, на Комисијата за урбанизам на Општина Гостивар и Известување бр.23-1628/150 од 06.08.2025 година на градоначалникот на Општина Гостивар.

Една од причините за оспорување на оваа одлука е тоа што нема доказ за објавување на Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година на веб-страницата на Општината, како и тоа дека оваа одлука не била донесена по донесувањето на Годишната програма за изработка на урбанистичките планови од страна на донесувачот.

Во одговорот на доносителот на оспорената одлука, се наведува дека Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и врз здравјето на луѓето бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година, заедно со формуларите е објавена на веб-страницата на Општината, за што во прилог достави доказ од објавувањето на веб-страницата.

Исто така, во овој допис се појаснува дека Општина Гостивар има донесено Годишна програма за изработка на урбанистичките планови бр.08-2702/1 од 29.12.2022 година, којашто била доставена до Министерст-вото за транспорт и врски, во системот е-урбанизам и истата беше доставена во прилог.
Во одговор на наводите за нетранспарентна и неинклузивна процедура, Општина Гостивар достави доказ за известување на субјекти и физички лица кои поднеле анкетен лист. Во прилог на ваквото тврдење до Судот беа доставени четири известувања до граѓани со фотокопија од доставници за прием.

По завршувањето на постапката за спроведување на јавна презентација и јавна анкета за донесување детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028, изготвен е Извештај бр.23-1628/128 од 22.06.2023 година, (јавна анкета спроведена од 01.06.2023 – 07.06.2023) што значи, спротивно на член 35 став 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извештајот не е изготвен во законски предвидениот рок од пет работни дена од денот на завршување на јавната анкета.

Притоа, Судот утврди дека по спроведувањето на две јавни анкети, од страна на надлежната комисија за урбанизам не е доставено стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план, што е спротивно на член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Доносителот на актот во одговор на наводите појасни дека Комисијата за урбанизам го донела Заклучокот бр.23-1628/116 од 18.04.2023 година, којшто бил доставен до Министерството за транспорт.

Анализата на овој акт, укажува на тоа дека истиот е донесен по добиеното Известување за констатирани недостатоци бр.21-5035/2 од 28 октомври 2022 година, од страна на Министерството за транспорт и врски.

Со допис бр.23-1628/144 од 19.07.2024 година, Општина Гостивар преку информацискиот систем е-урбанизам (постапка бр.8096), до Министерството за транспорт доставила барање за согласност на Конечен предлог-план за измена и дополнување на Детален урбанистички план за блок 24 КО Гостивар 1, Општина Гостивар.

По разгледувањето на Конечниот предлог-план и документација, Министерството за транспорт со известување за констатирани недостатоци бр.21-817/1 од 23.07.2024 година, не ја дало бараната согласност поради забелешки коишто таксативно се наведени во 10 точки во известувањето за констатирани недостатоци. На крајот од известувањето е дадена напомена дека по постапување по забелешките, деталниот урбанистички план треба да се достави на согласност до Министерството за транспорт со ново барање, со што ќе продолжи постапката за негово донесување.
Општина Гостивар во одговор на наводите, до Судот не достави доказ дека ги отстранила констатираните недостатоци утврдени од страна на Министерството за транспорт.

Согласно со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручна комисија формирана од градоначалникот на општината треба да е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Видно од составот на комисијата, со Решението бр.23-1628/121 од 25.05.2023 година и одговорот на Општината, градоначалникот на Општина Гостивар не формирал стручна комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета во согласност со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно, освен надворшниот член – изработувач на планот, останатите два члена се вработени лица во општинската администрација.

Донесувачот на актот во одговор на наводите, појасни дека од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа, за овој урбанистички план, Општината имала вонреден инспекциски надзор за што достави копија од записник бр.20-968 од 19.09.2025 година, за извршен инспекциски надзор во прилог на доказите.

V

Начелото на уставност и законитост се неделиво поврзани и произлегуваат од статусот на Уставот како највисок правен акт во хиерархијата на правните акти. Ваквата положба на Уставот во однос на другите правни акти произлегува од член 51 од Уставот, како клучна уставна одредба во утврдувањето на уставноста како правен принцип и тоа како принцип на супремација и приоритет на Уставот. Од овие уставни одредби произлегува и хиерархијата на правните акти, во смисла што сите закони мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи мораат да бидат во согласност со Уставот и со законот.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање е пропишана прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Како дел од постапката за донесување на плановите во зависност од просторот којшто е предмет на планирање, е добивање потребната согласност на планот изработен во форма на предлог-план и изготвен позитивен извештај за стручна ревизија, согласно со член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Оваа согласност ја дава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека истиот е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Постапката за донесување на урбанистичките планови е од посебно значење за уредувањето и користењето на просторот, која што мора да ги содржат сите елементи утврдени во Законот. Од наведената законска одредба, произлегува дека согласноста што ја издава Министерството надлежно за работите од областа на уредувањето на просторот, во конкретниот случај, Министерството за транспорт, претставува составен дел, односно фаза од постапката за донесување на деталните урбанистички планови. Со оглед дека дадената согласност подразбира дека урбанистичкиот план е изработен во согласност со одредбите од Законот, планот на кој не е дадена согласност, не може да се спроведува и да произведува правно дејство. Тоа, со други зборови значи дека во самиот Закон за просторно и урбанистичко планирање при донесување на урбанистичките планови е утврдена поделена надлежност меѓу органите на единиците на локалната самоуправа и Министерството за транспорт, како еден од органите на извршната власт.

При анализата на доставените докази од страна на доносителот на оспорените акти наспроти наводите во иницијативите по однос на оспорените одлуки донесени од страна на Советот на Општина Гостивар и тоа Одлука за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот од 15.176 ха, за плански период 2019-2029 и Одлука за усвојување на конечен Детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, со површина на опфатот (26.088 ха), за плански период 2023-2028, Судот утврди дека двете оспорени одлуки се донесени без претходно добиена согласност од страна на Министерството за транспорт како орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај Министерството за транспорт не издало согласност за двете оспорени одлуки за донесување детален урабнистички план, неспорно произлегува дека доносителот на оспорените акти постапил спротивно на уредувањето во член 38 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што ги пречекорил своите законски овластувања, и притоа сериозно ја нарушил правната сигурност на граѓаните, што не е во согласност со темелната вредност на уставниот поредок, владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на видовите на планови од член 7 од овој закон, во конкретниот случај урбанистичките планови, постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на Детален урабнистички план, да донесе Одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена. Притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно со член 65 од Законот за животната средина, на што упатуваат и одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Во конкретниот случај, в.д. градоначалникот на Општина Гостивар, по однос на постапката за донесување Конечен предлог- детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, на 04.11.2024 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година во која во точката 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страницата на Општина Гостивар www.gostivari.gov.mk.

Оваа одлука е објавена на веб-страницата на Општината на 25.11.2024 година.

При вака утврдена фактичка и правна состојба, произлегува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (бр.18-2416/1 од 04.11.2024 година) не била објавена на веб-страницата на Општина Гостивар, како што пропишува Законот за животната средина, односно, не е објавена во законски пропишаниот рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката.

Во однос на постапката за донесување на Одлуката за усвојување на конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, по однос на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена бр.24-1746/1 од 02.10.2023 година, на која се повикува доносителот на актот, се утврди дека истата е објавена на веб-страницата на Општината.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлука за спроведување или за неспроведување на стратегиска оцена на веб- страницата на општината е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот којшто го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката на веб-страницата на општината е значаен дел од постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Оттука, необјавувањето на двете оспорени одлуки, односно непочитување на законски пропишаниот рок за објавување на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина, значи дека во двете оспорени одлуки, не е во целост запазена постапката за донесување на Детален урбанистички план, што значи повреда на постапката за донесување на Детален урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.

Спроведување на јавната презентација и јавна анкета, на предлог на детален урбанистички план е исто една од фазите за донесување Детален Урбанистички план.

Од анализата на донесените решенија од страна на градоначалникот на Општина Гостивар по двете оспорени одлуки, Судот утврди дека во постапката за донесување Одлука за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, градоначалникот донел Решение бр.18-253/37 од 25.10.2024 година, додека во постапката за донесување на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, Градоначалникот на Општина Гостивар, донел Решение бр.23-1628/121 од 25.05.2023 година.
Видно од составот на членовите на Комисијата, во двете решенија, како и видно од одговорот на Општината, градоначалникот на Општина Гостивар не формирал стручна комисија за спроведување на јавна презентација и јавна анкета во согласност со член 35 став 10 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно, освен надворешниот член – изработувач на планот, останатите два члена се вработени лица во општинската администрација. Тоа значи, во двете комисии не членуваат стручни лица согласно со Законот, во однос на членовите кои треба да се назначени од општинската администрација, односно, вработено лице кое е надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.

Покрај тоа, членовите во двете комисии формирани со две одделни решенија, по завршување на постапка за спроведување на јавна презентација и јавна анкета по однос на Одлуката за усвојување на Конечен предлог-детален урбанистички план за блок 25, урбана единица VI, VII и VIII зона, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар изготвиле Извештај бр.18-253/43 од 25.11.2024 година, а по однос на постапката за донесување на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, изготвиле Извештај бр.23-1628/128 од 22.06.2023 година, (јавна анкета спроведена од 01.06.2023–07.06.2023). Од извршениот увид во доставената документа¬ција, произлегува дека, спротивно на член 35 став 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во двата извештаи, комисиите не го запазиле законски предвидениот рок од пет работни дена за изготвување на извештаите од денот на завршување на јавната анкета.

По однос на оспорувањето за повреда на член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање при донесувањето на Одлуката за усвојување на Конечен детален урбанистички план за блок 24, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, од прибавената документација произлегува дека, по спроведените две јавни анкети, не е доставено стручно мислење за согледување на степенот на усогласеноста на конечниот предлог на урбанистичкиот план од страна на надлежната Комисија за урбанизам. Имено, донесен е Заклучок бр.23-1628/116 од 18.04.2023 година којшто бил доставен до Министерството за транспорт.

Овој заклучок е донесен по добиеното Известување за констатирани недостатоци бр.21-5035/2 од 28 октомври 2022 година, од страна на Министерството за транспорт и врски, Сектор за уредување на просторот – Скопје.

Општина Гостивар преку информацискиот систем е-урбанизам (постапка бр.8096), со допис бр.23-1628/144 од 19.07.2024 година до Министерството за транспорт, доставила барање за согласност на Конечен предлог-план за измена и дополнување на деталниот урбанистички план за блок 24 КО Гостивар 1, Општина Гостивар.

По разгледувањето на Конечниот предлог-план и документација, Министерството за транспорт, до Општина Гостивар доставило известување за констатирани недостатоци бр.21-817/1 од 23.07.2024 година, со констатирани недостатоци таксативно наведени во 10 точки од известувањето. На крајот од известувањето е дадена напомена дека по постапување по забелешките, Деталниот урбанистички план треба да се достави до Министерството за транспорт со ново барање за согласност, со што ќе продолжи постапката за негово донесување.

И покрај истакнатите забелешки, Советот на Општина Гостивар, по Заклучокот на Комисијата за урбанизам бр.23-2628/149 од 05.08.2025 година и Известувањето од градоначалникот на Општина Гостивар бр.23-1628/150 од 06.08.2025 година, констатирал дека постапката може да продолжи по што го усвоила урбанистичкиот план без потребната согласност од страна на Министерството за транспорт.

Во однос на законскиот услов, добивање согласност од страна на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, од прибавената документација произлегува дека Советот на Општина Гостивар ги донел двете оспорени одлуки за Деталниот урбанистички план за блок 25 и Деталниот урбанистички план за блок 24, без добиена согласност спротивно на член 38 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

При утврдување на фактичката состојба, Судот ги имаше предвид сите доставени докази во претходна постапка, од кои произлегува дека има отстапки во постапката за донесување на оспорените одлуки коишто претставуваат повреда на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и на член 51 од Уставот којшто предвидува дека сите учесници вклучени во постапката за урбанистичко планирање, а особено локалната самоуправа како носител на процесот на урбанистичко планирање, треба да го обезбеди системот на урбанистичко планирање преку континуиран процес на изработување, донесување, спроведување и следење на спроведува¬њето на плановите. Ова од причина што, тоа е единствениот начин преку кој може да се обезбеди правната сигурност на граѓаните во важењето и спроведувањето на донесените акти коишто мора да бидат во согласност со Уставот и со закон, што се операционализира и остварува на начин и постапка утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во однос на наводите на Министерството за транспорт, како подносител на иницијативите дека оспорените одлуки не се во согласност со член 35 ставови 10 и 11 и член 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, член 93 од Законот за урбанистичко планирање, член 65 став 10 од Законот за животната средина, а по однос на втората оспорена одлука и член 36 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а имајќи го предвид и фактот дека во конкретниот случај, од страна на Советот на Општина Гостивар, не се доставени докази дека е испочитувана и спроведена постапката за донесување на оспорените одлуки во согласност со одредбите од наведените закони, Судот утврди дека при донесувањето на оспорените детални урбанистички планови, не се испочитувани основните фази на постапката за донесување на детален урбанистички план, предвидени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на владеењето на правото како темелна вредност и на член 51 од Уставот.

VI

Врз основа на наведеното, Судот, одлучи како во диспозитивот на овaа одлука.

VII

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски