УЗ.бр.12/2025


Уставен суд на
Република Северна Македонија
УЗ.бр.12/2025
Скопје, 18.02.2026 година

 

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 73 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.115/2024), на седницата одржана на 18 февруари 2026 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 97 ставови 6, 7, 8, 9 и 10 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи, бр.01-4228/1 од 12.07.2023 година и бр.0102-4/1 од 21.07.2023 година.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 98 од Колективниот договор означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Образложение

I

Управата за јавни приходи, преку директорката м-р Елена Петрова, поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од актот означен во точката 1 од диспозитивот на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби од Колективниот договор на Управата за јавни приходи се спротивни на владеењето на правото утврдено во член 8 став 1 алинеја 3, како и на членовите 32 и 51 од Уставот.

Уредувањето во член 97 ставови 6, 7, 8, 9 и 10 од овој колективен договор е спротивно и на член 5 став 3 од Законот за Управата за јавни приходи во кој јасно е прецизирана можноста за намена на средствата коишто се сопствени приходи на Управата, но, не е предвидено дека средствата може да се искористат за финансиска поддршка на активностите на синдикалната организација „Солидарност“. Воедно, во член 4 од овој Закон е предвидено дека Управата за јавни приходи, покрај другите надлежности, спроведува и даночна контрола на законитоста на работењето на даночните обврзници во однос на примената на прописи коишто се во нејзината надлежност. Така, во конкретниот случај, синдикатот „Солидарност“ како приватно-правен субјект упишан во трговскиот регистар и регистар на други правни лица при Централниот регистар на Република Северна Македонија и регистриран даночен обврзник во даночниот регистар на Управата за јавни приходи се става во повластена позиција.

Во контекст на изнесеното се наведува дека работодавачите не смеат да имаат надзор над дејствувањето на синдикатите, ниту со цел на таков надзор смеат да ги финансираат или на друг начин потпомагаат синдикатите, од каде произлегува дека оспорениот член 97 од Колективниот договор е спротивен на член 195 од Законот за работните односи.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека примената на оспорените одредби од член 97 од Колективниот договор предизвикала фискални импликации, бидејќи синдикалната организација во неколку наврати до работодавачот поднела барање за исплата на финансиска поддршка којашто била одобрена и исплатена.

Исто така, овој член од Колективниот договор е спротивен на член 54 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, според кој секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени и се забранува средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење.

Со член 98 од Колективниот договор, според наводите, се врши дискриминација на вработените кои не се членови на синдикалната организација „Солидарност“ бидејќи предвидува поповолен статус на вработените кои се членови на истата, во однос на вработените кои се членови во другите две синдикални организации или пак не се членови во ниту една синдикална организација, што е спротивно на уставните и законските одредби коишто се однесуваат на забрана за дискриминација и нееднаков третман во институцијата. Така, оспорениот член 98 од Колективниот договор е спротивен на забраната за дискриминација поради членување во синдикатите предвидена со член 6, член 7 став 4 точка 6 и член 185 став 2 од Законот за работните односи.

Понатаму, се наведува дека овој член е спротивен и со одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација и во оваа смисла се цитираат член 6 од Законот, којшто дефинира што претставува дискриминација, и член 8 став 1 од овој закон што се однесува на директната дискриминација.

Со иницијативата се достави Мислење од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заведено под бр.08-107/13 од 23.05.2024 година, со кое се утврдува директна дискриминција врз основа на членство во синдикална организација во областа на работата и работните односи сторена од договорните страни кон вработените во Управата за јавни приходи кои не се членови на Синдикатот „Солидарност“, а се членови на другите синдикални организации во Управата за јавни приходи.

Врз основа на изнесеното, со иницијативата се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на оспорените одредби, да го поништи член 97 и да го запре извршувањето од причина што со примената на оваа одредба можат да настанат тешко отстранливи последици, како и да го укине член 98 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи.

II

На седницата Судот утврди дека член 97 ставовите 6, 7, 8, 9 и 10 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи, се со следната содржина:

„(6) Работодавачот финансиски ги подржува активностите на синдикалната организација од сопствените приходи на Управата.

(7) Финансиската подршка е во износ од 1.5% на годишно ниво и се пресметува врз основа на остварените сопствени приходи на Управата во текот на претходната година.

(8) Дел од овие средства во износ од 0.5% се исплаќаат еднократно во првот квартал на сметката на Солидарниот фонд на синдикалната организација и истите се користат согласно одредбите на Правилникот на Солидарниот фонд на Синдикалната организација.

(9) Преостанатиот дел од средствата во износ од 1.0% се користат врз основа на поднесено барање за износот и намената до работодавачот на квартално ниво, а синдикалата организација има обврска да доставува квартални финансиски извештаи до работодавачот за нивно наменско користење. На крајот на календарската година, доколку дел од исплатените финансиски средства останат неискористени, како салдо се префрлаат во наредната година и се засметуваат во износот од 1.0% кои ги исплатува работодавачот на синдикалната организација на годишно ниво.

(10) Добиените средства во износ од 1.0% се користат за исплата на трошоци за организирање на настани за едукации и обуки, учество на културни манифестации, спортски игри и средби кои ги организира Синдикатот/синдикалната организација, соработка со синдикатите на други земји, меѓународни синдикални организации, како и за други синдикални активности.”

Судот на седницата, исто така, утврди дека член 98 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи е со следната содржина:

„(1) Синдикалниот претставник (претседател на синдикална организација, претседател на синдикална подружница и членови на органи на синдикални организации и синдикатот) има право на посебна заштита утврдена со Законот за работните односи и колективните договори.

(2) Претседателот на Синдикалната организација, неговиот заменик и поверениците за време на нивниот мандат не може да добијат отказ од деловни причини и без нивна согласност не може да бидат распоредени на друго работно место.

(3) Претседателот на Синдикалната организација управува независно со синдикалните активностите, а заради ефикасно вршење на синдикалните активности му се овозможува ослободување од редовни работни обврски.

(4) На синдикалните претставници во Управата за јавни приходи им се овозможува ослободување од работа заради ефикасно вршење на функциите во Синдикатот, за учества на синдикални состаноци, семинари, советувања, конгреси и конференции, учество на спортски натпревари и други видови на синдикални активности согласно Статутот на Синдикатот и Програмата за работа, месечно во часови и тоа:
– за потпретседателот до 40 часа;
– за членови на синдикални органи и тела до 24 часа;
– по предлог на Синдикалната организација и други лица членови на синдикална организација додека трае потребата од нивно ангажирање, но не подолго од часа 16;
– во посебни случаи на непрекинат престој, по предлог на Синдикалната организација, во времетраење на синдикалната активност и
– во други случаи, за членови на Синдикатот врз основа на известување на претседателот на синдикалната организација до непосредно претпоставениот раководител на годишно ниво до 8 часа.”

(5) Ослободувањето од работа, за други членови на синдикалната организација, додека трае потребата од нивното ангажирање се врши во договор со раководителот на организациската единица во која синдикалните претставници се распоредени со цел несметано и координирано вршење на работите на работното место.”

III

Владеењето на правото е темелнa вредност на уставниот поредок на државата, согласно со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите, согласно со член 51 од Уставот.

Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, согласно со член 110 алинеја 2 од Уставот.

Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.110/2019, 267/2020, 151/2021, 288/2021, 111/2023, 39/2025, 74/2025 и 124/2025), во член 6 став 1 уредува дека работодавачот не смее работникот да го става во нееднаква положба, меѓу другото и заради членување во синдикатите.

Член 7 став 4 точка 6 од Законот забранува дискриминација кај работодавачот во однос на правата на членовите и дејствувањето во здруженијата на работниците, вклучувајќи ги и повластиците кои произлегуваат од тоа членство.

Согласно со член 12 став 2 од од истиот закон, со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон.

Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси, како што произлегува од член 184 став 2 од Законот.

Работникот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, според член 185 став 1 од Законот, а според став 2 од истиот член, никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Согласно со член 195 од Законот, работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво, ниту со цел на таков надзор смеат да ги финансираат или на друг начин потпомагаат синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво.

Член 198 од Законот забранува нееднакво постапување поради синдикално членство или активности, особено не е допуштено работникот да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради негово членство во синдикатот или учество во синдикални активности надвор од работното време, а со согласност на работодавачот и за време на работното време, според став 1 точка 2 од овој член.

Во член 199 ставови 1 и 2 од Законот е уредено дека синдикатите самостојно одлучуваат за начинот на нивното застапување кај работодавачот, синдикатите кои имаат членови вработени кај одреден работодавач можат да именуваат или изберат еден или повеќе синдикални претставници кои ќе ги застапуваат кај тој работодавач. Синдикалните претставници имаат право кај работодавачот да ги штитат и промовираат правата и интересите на членовите на синдикатот, според став 3 од овој член, коешто право го остваруваат во време и на начин согласно со колективен договор, според став 5 од овој член.

Работодавачот е должен на најбројниот репрезентативен синдикат да му обезбеди просторни услови за вршење на дејноста, според став 4 од истиот член, а според став 5, работодавачот е должен на синдикатите и нивните претставници да им овозможи навремено и успешно остварување на правата.

Согласно со член 208 став 3 од Законот, поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор.

Член 210 став 1 од Законот, уредува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот и кои плаќаат членарина, согласно со член 212 став 5 од Законот.

Со член 219 став 1 од Законот, се определени страните за склучување на поединечниот колективен договор, а тоа се: репрезентативниот синдикат кај работодавачот и овластенето лице од работодавачот.

Во член 5 став 2 од Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014, 61/2003, 58/2015, 27/2016, 35/2018, 83/2018 и 7/2019 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 87/2023 и 3/2025) е определено дека Управата за јавни приходи остварува средства во висина од 25% од приходите од откриени и наплатени даноци, како и од наплатените камати за ненавремено платени даноци и средства наплатени во постапка за присилна наплата за еднократна посебна такса во висина од 5% од износот што треба да биде наплатен во присилната наплата согласно со Законот за даночна постапка. Според став 3 од истиот член, средствата од ставот 2 на овој член се користат за осовременување, унапредување и опремување на работата на Управата за јавни приходи, како и за стимулирање на работата на вработените.

Во член 67 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр. 12/2019), е уредено дека како работи од јавен интерес, покрај дејностите што се со закон определени како работи од јавен интерес, се сметаат и активностите што се вршат во рамките на дејствувањето на политичките партии, синдикатите, здруженијата и фондациите.

IV

Одлучувањето за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите е надлежност на Уставниот суд, утврдена во член 110 алинеја 2 од Уставот.

Во конкретниот случај, Уставниот суд ги цени оспорените одредби од Колективниот договор на Управата за јавни приходи од аспект на нивната соглaсност со член 8 став 1 алинеја 3, членовите 32 и 51 од Уставот, како и согласноста со горенаведените одредби од Законот за работните односи.

Од член 32 став 5 од Уставот, произлегува дека правата и положбата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Со колективните договори се доуредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите коишто мора да бидат во согласност со Уставот и законите.

Со иницијативата се оспорува член 97 ставовите 6, 7, 8, 9 и 10 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи, со кои се уредува дека работодавачот во определен износ финансиски ги поддржува активностите на синдикалната организација од сопствените приходи на Управата за јавни приходи. Понатаму, се уредува начинот на кој ќе се исплаќаaт средствата, така што дел се исплаќаат на сметката на Солидарниот фонд на синдикалната организација, а дел се користат врз основа на поднесено барање за износот и намената до работодавачот и ќе се користат за исплата на трошоци за организирање на настани за едукации и обуки, учество на културни манифестации, спортски игри и средби коишто ги организира синдикатот, односно синдикалната организација, соработка со синдикатите на други земји, меѓународни синдикални организации, како и за други синдикални активности.

Член 98, којшто исто така се оспорува со иницијативата, ги уредува прашањата коишто се однесуваат на заштита на правата на синдикалните претставници и ослободување од работа на синдикалните претставници поради синдикални активности.

Од анализата на оспорените одредби од колективниот договор од аспект на наводите изнесени во иницијативата, Судот утврди дека во Законот за работните односи, во главата XIX „Колективни договори” (членови 209 до 235), уредени се видовите на колективни договори, примената и важноста на колективниот договор, предметот на колективното договарање, обврската за колективното договарање, лицата кои ги обврзува колективниот договор, обликот на колективниот договор, учесниците во склучувањето на колективниот договор, прашањето за репрезентативност на синдикатот и на здружението на работодавачи, условите за определување на репрезентативност на синдикатот, односно постапката за утврдување на репрезентативност, судската заштита на правата од колективен договор и други прашања кои произлегуваат од колективното договарање.

Можноста за склучување колективен договор, во случајов, на ниво на работодавач, произлегува од членот 32 од Уставот и Законот за работните односи, во чии одделни одредби подетално се разработуваат овие прашања.

Во оваа смисла е склучен колективен договор на ниво на работодавач, помеѓу Управата за јавни приходи и синдикалната организација на овој орган по овластување на Синдикатот на вработените во органите на државната управа, локалната самоуправа, фондови, агенции и институции основани согласно со закон на Република Северна Македонија – „Солидарност“ Скопје. Истиот е склучен врз основа на одредби од Законот за работните односи, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници, коишто се однесуваат на општите права и должности на вработените во јавниот сектор и административните службеници што произлегуваат од работниот однос за кои се применуваат Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници, како и Законот за Управата за јавни приходи, во однос на правата, обврските и одговорностите од работен однос за даночните службеници и другите вработени.

Согласно со член 1, предмет на уредување на овој колективен договор е уредување на правата и обврските од работен однос на вработените во Управата за јавни приходи, како и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос.

Со член 3 од Колективниот договор, е определено дека работодавач во смисла на овој колективен договор е Управата за јавни приходи, претставувана од директорот, а синдикат во смисла на колективниот договор е репрезентативниот синдикат на ниво на работодавачот, синдикатот на вработените во органите на државната управа, локалната самоуправа, фондови, агенции и институции основани согласно со закон на Република Северна Македонија – „Солидарност“, Скопје, синдикална организација на Управата за јавни приходи.

Имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби, според кои колективен договор на ниво на работодавач склучуваат репрезентативниот синдикат на вработените и работодавачот, а во конкретниот случај станува збор за таков вид колективен договор, страни потписнички на склучениот колективен договор на Управата за јавни приходи се токму субјектите коишто според Законот за работните односи, се определени како легитимни страни за склучување на колективен договор на ниво на работодавач.

Со конкретниот колективен договор, се доуредени правата и обврските од работен однос на вработените во Управата за јавни приходи, од една страна и Управата за јавни приходи како работодавач, од друга страна.

Меѓу другото, со оспорениот член 97 ставовите 6, 7, 8 9 и 10 се уредува финансирање на синдикалните активности на синдикалната организација „Солидарност“ од сопствените приходи на работодавачот.

Според наводите во иницијативата, оспореното уредување со член 97 од Колективниот договор нема законски основ за исплаќање на предвидената финансиска подршка имајќи ја во предвид намената на сопствените приходи на Управата за јавни приходи којашто е уредена со Законот за Управата за јавни приходи. Со иницијативата се оспорува доделувањето на финансиски средства на репрезента­тивниот синдикат како приватно-правен субјект и регистриран даночен обврзник во даночниот регистар на Управата за јавни приходи којашто спроведува и даночна контрола на законитоста на работењето на даночните обврзници, а со тоа и надзор над нив.

Анализирајќи ги оспорените одредби од аспект на наводите во иницијативата, Судот смета дека, нивната содржина, не имплицира селективност и фаворизирање на вработените кои се членови на репрезентативниот синдикат како синдикат со најголем број членови, наспроти останатите вработени кои не се негови членови. Прашањето за нееднаквост од аспект на оспорувањето на одредбите, според Судот, не е правно проблематично.

Имено, правото на синдикално здружување на работниците во синдикати произлегува од Уставот, а воедно и во член 184 од Законот за работните односи е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и истиот може да се основа без претходно одобрување. Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која тие доброволно се здружуваат, а обврските на работодавачот за обезбедување услови за синдикално дејствување се утврдуваат со закон. Работодавачот е должен на најбројниот репрезентативен синдикат да му обезбеди просторни услови за вршење на дејноста.

Пред Судот, како спорно се постави прашањето дали финансирањето на синдикалните активности воопшто може да биде предмет на колективниот договор и дали постои законски основ за утврдување на вакво право на финансирање од сопствените приходи на Управата за јавни приходи, особено ако експлицитно не е предвидено со закон.

Во однос на овој аспект на оспорување, беа анализирани одредбите од Законот за Управата за јавни приходи во кој се утврдени надлежностите на Управата, како орган на државната управа во состав на Министерството за финансии.

Од член 5 ставови 2 и 3 од овој закон, произлегува дека Управата за јавни приходи остварува средства од наплатени даноци, камати и други јавни давачки коишто се користат за осовременување, унапредување и опремување на работата на Управата за јавни приходи, како и за стимулирање на работата на вработените. Тоа значи дека со овие одредби јасно е прецизирана намената на сопствените приходи на Управата и не е предвидено тие средства да се користат за финансирање на синдикални активности.

Предвидувањето исплата од сопствените средства на Управата за јавни приходи, како што е уредено во оспорениот член 97 ставови 1 и 2 од Колективниот договор, во случаите кога за тоа нема законски основ, е спротивно на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок од член 8 став 1 алинеја 3 и на член 51 од Уставот.

Со оспорените одредби од Колективниот договор се утврдува право во смисла на обезбедување финансиски средства за реализација на предвидените синдикални активности, кое, како такво неможе да се оправда од уставно-правен аспект. Утврдувањето на ваквото право не само што нема уставна, туку нема ни законска основа.

Од друга страна, законодавецот забранува користење на државни средства за приватни цели или нивно давање на користење на друго лице, согласно со член 54 реченица втора од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, што е применливо и во случајот, ако се има предвид карактерот на синдикатите како организации коишто застапуваат интереси на работници како приватни лица.

Со можноста да се финансира синдикална организација, како што предвидуваат оспорените одредби, индиректно се повредува претходно цитираната законска одредба, бидејќи е правен основ за располагање со средствата на Управата за јавни приходи, коешто Законот не го предвидува, поради што основано може да се постави прашањето за нивната законитост, а следствено на тоа и нивната уставност.

Синдикатот како облик на организирање на работниците, како и неговото учество во колективното договарање е предмет на уредување на Законот за работните односи.

Според Судот, член 195 од Законот за работните односи, според кој работодавачите и нивните здруженија не смеат да имаат надзор над основањето и дејствувањето на синдикатите, односно нивните здруженија на повисоко ниво, се однесува и на неможност за финансирање, коешто може да се толкува како спротивно на забраната од овој член од Законот.

Врз основа на претходно изнесеното, според Судот може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 97 ставови 6, 7, 8, 9 и 10 од Колективниот договор на Управата за јавни приходи со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, како и со член 195 од Законот за работните односи.

Во однос на оспорувањето на член 98 од Колективниот договор, Судот утврди дека оваа одредба којашто упатува на синдикалната организација со која е склучен Колективниот договор на Управата за јавни приходи, ги уредува прашањата што се однесуваат на заштита на правата на синдикалните претставници уредени со Законот за работните односи. Со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, што произлегува од член 12 став 2 од Законот за работните односи.

Според изнесените одредби од Законот за работните односи во насока на заштита на работниците поради нивното синдикално здружување заради делување и членување во синдикати, вработените кои се членови на репрезентативниот синдикат кој е потписник на Колективниот договор имаат одредени права и не се во иста положба со вработените кои не се членови на тој синдикат. Својството на репрезентативност се стекнува согласно со Законот за работните односи, со исполнување на услови предвидени со истиот закон.

Предвиденото право на ослободување од работа со оспорениот член 98 се однесува на права на членовите на синдикалната организација „Солидарност“, поврзани со синдикални активности коишто произлегуваат од членството и не можат да им бидат ускратени, ниту пак може да ги дискриминира вработените кои не се членови на синдикалната организација.

Ослободување од работа предвидено во член 98 од Колективниот договор, и тоа додека трае потребата од ангажирање на членови на синдикалната организација во синдикалните активности, е во согласност со член 198 од Законот за работните односи којшто ја уредува забраната за нееднакво постапување поради синдикално членство или активности и според кој, особено не е допуштено работникот да биде ставен во понеповолна положба од другите работници поради негово членство во синдикатот или учество во синдикални активности надвор од работното време, а со согласност на работодавачот и за време на работното време.

Имајќи го предвид наведното, Судот оцени дека оспорениот член 98 од Колективниот договор е во согласност со членовите 32 и 51 од Уставот, како и со член 7 став 4 точка 6 и членовите 185, 198 и 199 од Законот за работните односи.

V

Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во диспозитивот на ова решение.

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски