У.бр.267/2024

Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.267/2024
Скопје, 04.03.2026 година

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 72, член 79 став 1 и член 82 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 115/2024), на седницата одржана на 4 март 2026 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВААТ член 37 став 4 реченица втора „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” и член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” и став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.173/2022 и 47/2025).

2. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија”.

Образложение

I

Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Новица Наков од Скопје и по сопствена иницијатива врз основа на член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, го донесе Решението У.бр.267/2024 од 16 април 2025 година, со кое поведе постапка за оценување на уставноста на член 37 став 4 во делот „Во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител” и став 8 точка 4) во делот „и одземање на уверение” и член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” и став 2 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 173/2022 и 47/2025), затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

II

На седницата Судот утврди дека според член 37 став 4 реченица втора од Законот за вршење на сметководствени работи (*) („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.173/2022 и 47/2025) во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител, а според став 8 точка 4) од истиот член, дисциплинската комисија за дисциплинска повреда може да изрече дисциплинска мерка бришење од соодветниот регистар на Институтот и одземање на уверение на сметководител, односно овластен сметководител.

Судот утврди и дека согласно со воведната реченица на став 1 на член 41 од Законот, дисциплинската мерка – бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител односно овластен сметководител се изрекува во случаите предвидени во точки 1) до 6) на овој став.

Според став 2 од истиот член, сметководител, односно овластен сметководител, може да поднесе барање за полагање на испит за стекнување на статус на сметководител, односно овластен сметководител по истекот на две години од денот на бришењето од соодветниот регистар.

III

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно со член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 1 од Законот за вршење на сметководствени работи (*), со овој закон се уредуваат условите на вршење на сметководствени работи, субјектите кои вршат сметководствени работи, условите за стекнување со статус на сметководител и овластен сметководител, организацијата и работењето на Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија, основањето и надлежностите на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија на Република Северна Македонија, како и други прашања коишто се однесуваат на вршењето на сметководствени работи.

Согласно со член 2 точка 9 од Законот, испит за стекнување статус на сметководител и/или овластен сметководител, е испит што го организира и спроведува Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија согласно со одредбите од овој закон, а според точка 23 од истиот член, уверение за сметководител односно за овластен сметководител, е документ издаден од Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Северна Македонија на лицата кои го положиле испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител.

Во глава VIII. Дисциплинска постапка од Законот, се содржани членовите од 37 до 44, со кои е уредена дисциплинската постапка против сметководител односно овластен сметководител и мерките коишто може да ги изрече дисциплинската комисија на Институтот за сторена дисциплинска повреда.

Според член 37 став 4 реченица втора од овој закон, во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител”, а според став 8 точка 4) од истиот член, дисциплинската комисија за дисциплинска повреда може да изрече дисциплинска мерка бришење од соодветниот регистар на Институтот и одземање на уверение на сметководител, односно овластен сметководител.

Во член 41 став 1 точки 1-6 од Законот, се утврдени случаите поради кои се изрекува дисциплинската мерка – бришење од соодветниот регистар и одземање на уверението на сметководител односно овластен сметководител, а според став 2 од истиот член, сметководител, односно овластен сметководител, може да поднесе барање за полагање на испит за стекнување на статус на сметководител, односно овластен сметководител по истекот на две години од денот на бришењето од соодветниот регистар.

IV

Според Судот, имајќи предвид дека уверение за сметководител односно за овластен сметководител е документ којшто се издава на лице кое го положило испитот за стекнување статус на сметководител, односно овластен сметководител, одземањето на уверението значи негирање на претходно потврден факт – положен испит, за што се издава уверение, па оттука, според Судот, член 41 став 1 во делот „и одземање на уверението” од Законот, како и став 2 од истиот член којшто е во врска со пропишаната мерка одземање на уверението од став 1 на истиот член од Законот, којшто уредува дека сметководител, односно овластен сметководител, може да поднесе барање за полагање испит за стекнување на статус на сметководител, односно овластен сметководител по истекот на две години од денот на бришењето од соодветниот регистар, не се во согласност со темелната вредност владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Воедно, имајќи предвид дека дисциплинската мерка – одземање на уверението од член 41 став 1 од Законот, се заснова на член 37 став 4 реченица втора според која во случај на изрекување дисциплинска мерка – бришење од соодветниот регистар се одзема уверението на сметководителот, односно на овластениот сметководител, како и делот „и одземање на уверение” содржан во став 8 точка 4) на истиот член од Законот, Судот и во однос на наведените делови од законските одредби оцени дека не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

V

Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.

VI

Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски