
Уставен суд на
Република Северна Македонија
У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025
Скопје, 11.03.2026 година
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав д-р Дарко Костадиновски, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Осман Кадриу, Добрила Кацарска, д-р Гоце Наумовски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 23 став 4, член 39 алинеја 1, член 73 алинеи 1 и 2 и член 79 став 2 од Актот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.115/2024), на седницата одржана на 11 март 2026 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026).
2. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024).
3. Ова решение ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесените иницијативи од Ерол Абдулаи, Александра Палашевска и Здружението на судиите на Република Северна Македонија, сите од Скопје, со Решението У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 24 декември 2025 година, поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија.
Решението У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 24 декември 2025 година, на 23 јануари 2026 година беше доставено до Собранието и до Владата на Република Северна Македонија од кои беше побарано да се произнесат по наводите содржани во истото. Во рокот за произнесување од 30 дена, којшто истече на 27 февруари 2026 година, не беше доставен одговор од двата органи.
На 25 февруари 2026 година, Собранието на Република Северна Македонија го донесе Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026) со кој одново ги намали коефициентите за платите на судиите.
II
На седницата Судот утврди дека Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) е со следната содржина:
„Член 1
Во Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” број 110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/10, 97/10, 135/11, 231/15 и 248/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 51/24), членот 7 се менува и гласи:
„(1) Коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 2,15 до 2,84.
(2) Коефициентите од ставот (1) на овој член се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон:
а) во првата група од членот 6 став (2) алинеја 1 коефициентот изнесува за:
– судија 2,15 и
– претседател на судот 2,30;
б) во втората група од членот 6 став (2) алинеја 2 коефициентот изнесува за:
– судија 2,23 и
– претседател на судот 2,46;
в) во третата група од членот 6 став (2) алинеја 3 коефициентот изнесува за:
– судија 2,46 и
– претседател на судот 2,69;
г) во четвртата група од членот 6 став (2) алинеја 4 коефициентот изнесува за:
– судија 2,53 и
– претседател на судот 2,76;
д) во петтата група од членот 6 став (2) алинеја 5 коефициентот изнесува за:
– судија 2,58 и
– претседател на судот 2,80 и
ѓ) во шестата група од членот 6 став (2) алинеја 6 коефициентот изнесува за:
– судија 2,61 и
– претседател на судот 2,84.
(3) На претседател на суд во кој има над 50 судии коефициентот на плата изнесува 2,61.
(4) На претседател на оддел и одделение, утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,2.
(5) На претседател на совет утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,1.“
Член 2
Основица за пресметување на платата за месец јануари 2025 година е просечната исплатена месечна плата по вработен во Републиката за 2023 година, според податоците на Државниот завод за статистика.
Член 3
Коефициентите од членот 1 од овој закон ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2025 година.
Член 4
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.“
На седницата Судот, исто така, утврди дека Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 25 февруари 2026 година го донело Законот за изменување на Законот за платите на судиите којшто е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026 од 25.02.2026 и истиот влегол во сила со денот на објавување. Овој закон ја има следната содржина:
„Член 1
Во Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” број 110/2007, 103/2008,161/2008, 153/2009, 67/10, 97/10, 135/11, 231/15 и 248/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 51/24 и 272/24), членот 7 се менува и гласи:
„(1) Коефициентот за утврдување на платата на судиите изнесува од 1,97 до 2,60.
(2) Коефициентите од ставот (1) на овој член се определуваат според видот на судот во кој судијата работи и според сложеноста на задачите и овластувањата за извршување на дополнителните работи утврдени врз основа на закон:
а) во првата група од членот 6 став (2) алинеја 1 коефициентот изнесува за:
– судија 1,97 и
– претседател на судот 2,11;
б) во втората група од членот 6 став (2) алинеја 2 коефициентот изнесува за:
– судија 2,04 и
– претседател на судот 2,25;
в) во третата група од членот 6 став (2) алинеја 3 коефициентот изнесува за:
– судија 2,25 и
– претседател на судот 2,46;
г) во четвртата група од членот 6 став (2) алинеја 4 коефициентот изнесува за:
– судија 2,32 и
– претседател на судот 2,53;
д) во петтата група од членот 6 став (2) алинеја 5 коефициентот изнесува за:
– судија 2,36 и
– претседател на судот 2,56 и
ѓ) во шестата група од членот 6 став (2) алинеја 6 коефициентот изнесува за:
– судија 2,39 и
– претседател на судот 2,60.
(3) На претседател на суд во кој има над 50 судии коефициентот на плата изнесува 2,39.
(4) На претседател на оддел и одделение, утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,2.
(5) На претседател на совет утврдениот коефициент во ставот (2) на овој член се зголемува за 0,1.“
Член 2
Коефициентите од членот 1 од овој закон ќе започнат да се применуваат со исплата на платата за месец февруари 2026 година.
Член 3
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
III
Согласно со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Според член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Во член 54 од Уставот е предвидено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Согласно со точка 1 став 2 реченица прва од Амандманот XXV на Уставот судовите се самостојни и независни. Оваа уставна определба е понатаму конкретизирана во неколку уставни одредби коишто претставуваат уставни гаранции за самостојноста и независноста на судската власт: член 99 ставови 1 и 2, според кои судијата се избира без ограничување на траењето на мандатот и забраната за преместување спротивно на волјата на судијата; Амандман XVI, којшто ги утврдува на основите за престанок и разрешување од судиската функција; Амандман XXVII, којшто го регулира имунитетот на судиите и неспојливоста на судиската функција; забраната на политичко организирање и дејствување во судството; Амандманот XXVIII, којшто го регулира статусот и надлежностите на Судскиот совет.
Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Во член 112 став 3 од Уставот е предвидено дека одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни.
Согласно со член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд може по сопствена иницијатива да одлучи да оформи предмет за оценување уставност на закон.
Според член 39 алинеја 1 од Актот на Судот Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност односно уставност и законитост во време на важењето.
Во член 73 алинеи 1 и 2 од овој акт е предвидено дека Уставниот суд донесува решение за поведување постапка за оценување на уставност на закон (алинеја 1), како и за запирање на постапката (алинеја 2).
Во врска со прашањето за платите на судиите, релевантни се следните меѓународни документи, коишто иако претставуваат незадолжително право (soft-law) се значајни за анализата бидејќи содржат основни принципи и препораки од коишто треба да се водат државите при законското уредување на платите на судиите.
Препораката (94)12 на Комитетот на министри на Советот на Европа предвидува дека „платата на судиите треба да биде гарантирана со закон“ (Принцип 1.2б.2) и да „одговара на дигнитетот на нивната професија и товарот на одговорностите“ (Принцип III,1.b).
Член 13 од Универзалната повелба за судиите предвидува дека судијата мора да добие доволен надоместок (плата) за да обезбеди вистинска економска независност. Платата не смее да зависи од резултатите од работата на судиите и не смее да биде намалена за време на неговата/нејзината судиска служба.
Иста одредба е содржана и во Европската повелба за статусот на судиите според која „судските плати мора да бидат адекватни, за да се обезбеди вистинска економска независност и тие не смеат да бидат намалени за време на нивниот мандат“. Во глава 6 oд истата, судиите што ја вршат судската функција професионално имаат право на плата чијашто висина е утврдена така за да ги заштити од притисоци кои имаат за цел влијание врз нивните одлуки со што се загрозува нивната независност и непристрасност.
Во Препораката ЦМ/РЕЦ(2010)12 од 17 ноември 2010 за независноста, ефикасноста и одговорностите на судиите, Комитетот на министри на Советот на Европа укажал дека најважните правила за системот на плати на професионалните судии треба да бидат утврдени со закон; цека платите на судиите треба да одговараат на нивната професија и одговорностите и да бидат доволни за да ги заштити од притисоци заради влијание врз нивните одлуки; и дека треба да се воведат посебни правни правила за заштита од намалување на платите на судиите.
Консултативниот совет на европските судии при Советот на Европа во своето Мислење бр.1 укажува: „особено важно за новите демократии е да постои посебна правна одредба со која ќе бидат гарантирани судските плати од намалување и за да се обезбеди de facto зголемување на платите согласно трошоците на животот“ (став 62).
Слично и Комитетот за човекови права на ООН укажал дека државите треба да преземат посебни мерки со кои ќе се гарантира независноста на судиите и нивна заштита од секоја форма на политичко влијание при одлучувањето, меѓу другото, и со нивните плати (Меѓународен пакт за граѓански и политички права, член 14, Општ коментар бр.32 став 19).
Уставниот принцип за независност на судството е понатаму операционализиран во Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008, 150/2010, 83/2018 и 198/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019), којшто предвидува и определени гаранции поврзани со материјалната положба на судиите и нивните плати.
Член 59 од Законот за судовите предвидува дека судиите ги уживаат сите права од работен однос што им припаѓаат според закон.
Со член 60 од Законот за судовите се предвидува дека висината на платата на судијата се утврдува во зависност од: видот на судот, специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува), внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет), судискиот стаж, научно-стручните звања и специјализација и постигнатите резултати во вршењето на судиската функција. Согласно со став 2 на овој член од Законот, судиската плата во време на траење на судиската функција не смее да се намали, освен во случаи определени со закон. Во став 3 на истиот член, е определено дека висината на судиската плата се определува на начин што на судијата му обезбедува заштита од притисоци и влијанија при неговото постапување и одлучување, а во став 4 е предвидено дека платите и другите надоместоци на судиите се уредуваат со закон.
Прашањето за платите на судиите е уредено со посебен закон (lex specialis) – Закон за платите на судиите („Службен весник на Република Македонија” бр.110/2007, 103/2008, 161/2008, 153/2009, 67/2010, 97/2010, 135/2011, 231/2015, 248/2018, 51/2024, 272/2024, 39/2026), којшто го уредува системот на плати, надоместоци на плата, други надоместоци и примања на судиите (член 1).
Во член 2 од Законот е определено дека судијата има право на плата соодветна на значењето и угледот на судската функција што ја врши, тежината на работата и неговата одговорност. Платата на судиите утврдена според одредбите на овој закон, не може да биде намалена со закон или одлука на државен орган. Платата на судијата може да се намали само при утврдена дисциплинска одговорност согласно со закон.
Според член 3 од Законот, средствата за плата, другите надоместоци и примања на судиите утврдени со овој закон се обезбедуваат од Судскиот буџет на Република Македонија. Платите на судиите се пресметуваат во бруто износ, а се исплатуваат во нето паричен износ еднаш месечно во тековниот месец за претходниот месец, а најдоцна до 15 во тековниот месец.
Член 4 алинеи 1 – 6 од Законот предвидува дека висината на платата на судијата се утврдува во зависност од: видот на судот; специјализираниот судски оддел (видот на предмети по кои постапува); внатрешните должности во судот (претседател на: суд, оддел, одделение и совет); судскиот стаж; научно-стручните звања и специјализацијата; и постигнатите резултати во вршењето на судиската функција.
Согласно со член 5 од Законот, платата се пресметува на начин што се множи основицата со коефициентот за утврдување на платата. Основицата за пресметување на платата на судиите е основицата за пресметување на платата за избрани и именувани лица утврдена согласно со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија.
Според член 6 алинеи 1 – 6 од Законот, платите на судиите се распоредени во шест групи изразени во коефициенти. Распоредувањето на платите се врши според видот на судот во кој судијата работи, и тоа: првата група ги опфаќа судиите и претседателите на судовите со основна надлежност; втората група ги опфаќа судиите и претседателите на судови со проширена надлежност; третата група ги опфаќа судиите и претседателите на апелационите судови, и судиите во специјализираното судско одделение во Основниот суд Скопје 1 Скопје надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција за целата територија на Република Македонија; четвртата група ги опфаќа судиите и претседателот на Управниот суд; петтата група ги опфаќа судиите и претседателот на Вишиот управен суд; и шестата група ги опфаќа судиите и претседателот на Врховниот суд на Република Македонија.
Коефициентите за пресметување на платите на судиите се определени во член 7 од Законот за платите на судиите и тие, согласно со последните измени на Законот донесени во февруари 2026 година, се движат во распон од 1,97 до 2,60.
IV
Од фактичката и правната состојба изложена во точките II и III oд образложението на ова решение, произлегува дека во периодот од февруари 2024 година до февруари 2026 година, законодавецот во три наврати ги намалил коефициентите на платите на судиите. Првиот пат тоа е направено со Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.51/2024) со кој е изменет членот 7 од основниот текст на Законот за платите на судиите и коефициентите за утврдување на платата на судиите беа утврдени во распон од 2,43 до 3,21. Потоа, во декември 2024 година е второто намалување на коефициентите за платите на судиите согласно со Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) со кој коефициентите за утврдување на платите на судиите беа утврдени во распон од 2,15 до 2,84. И последното, трето намалување на коефициентите на платите на судиите е во февруари 2026 година со Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026), така што тие сега изнесуваат од 1,97 до 2,60.
Со донесувањето на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од февруари 2026 година, претходно донесениот Закон за изменување на платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) во однос на кој Уставниот суд со Решение У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 24 декември 2025 година поведе постапка за оценување на неговата уставност, беше дерогиран, така што престана да важи по поведувањето на постапката и веќе не е во правниот поредок.
Поради наведеното, а имајќи го предвид член 39 алинеја 1 од Актот на Уставниот суд, Уставниот суд оцени дека се исполнети условите за запирање на постапката за оценување на уставноста на овој закон.
Истовремено, со оглед на тоа што со новиот Закон за изменување на Законот за платите на судиите од февруари 2026 година повторно се намалени коефициентите на платите на судиите, Уставниот суд одлучи врз основа на член 23 став 4 од Актот на Уставниот суд по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на наведениот закон објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026.
При поведувањето постапка по сопствена иницијатива за Уставниот суд појдовни беа наведените уставни одредби од кои произлегува дека владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се темелни вредности на уставниот поредок коишто се нераскинливо поврзани со принципот на самостојност и независност на судството. Принципот на независност на судството всушност се темели и произлегува од принципот на поделбата на власта, којшто подразбира таква организација на државната власт во која трите власти – законодавната, извршната и судската се независни една од друга, при што постојат контролни механизми што не допуштаат доминација на едната власт врз другите две.
Со други зборови, принципот на независност и самостојност на судството значи дека судиите ја остваруваат судската власт самостојно и без мешање на законодавната и извршната власт, што пак е претпоставка за остварување на начелото на владеењето на правото. Toa начело има многу елементи и аспекти, но посебно значаен елемент е дека законите треба да важат и да се применуваат подеднакво спрема сите субјекти, без какви и да било привилегии за одделни поединци или групи. За да се оствари тоа, основна претпоставка претставува самостојното и независното судство, бидејќи само судии што се независни, можат да претставуваат гаранција за непристрасно и објективно правораздавање, со почитување на правата на странките независно од тоа на која општествена група припаѓаат. Иако Уставот на Република Северна Македонија не содржи посебни одредби за финансирањето на судството и за платите на судиите, за Судот е неспорно дека општиот принцип на самостојност и независност на судството ја опфаќа во себе и материјалната независност на судиите како значаен аспект на независноста на судството, така што прашањето за платите и другите надоместоци со кои се обезбедува нивната материјална независност, претставуваат составен елемент на индивидуалната независност на судиите.
Поаѓајќи од овие основни принципи, Судот во Решението У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 24.12.2025 изрази основано сомневање дека Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во декември 2024 година, не е во согласност со наведените уставни одредби. Во ова решение Судот укажа дека „правото на плата на судиите претставува законска материја и дека законодавецот има право да ги определува платите во јавниот сектор, вклучително и платите на носителите на јавните функции во кои спаѓаат и носителите на судската функција“ и потсети на претходната уставно-судска практика – Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15.05.2024 година, во кое има искажано став дека законодавецот нема апсолутна слобода во тоа до кој обем може да интервенира во висината на платата на носителите на судската функција преку измена, односно намалување на коефициентите.
Судот во наведените решенија укажа дека при уредување на ова прашање, а особено во случај на интервенции во висината на платите, законодавецот е посебно врзан со принципот на независност и самостојност на судството кој е гарантиран со Уставот, така што тој мора да ја земе предвид посебната улога и функција на судовите и нивното значење за остварувањето и заштитата на правата на граѓаните и да обезбеди, меѓу другите гаранции за положбата и статусот на судиите, и соодветни материјални основи за да можат судиите да ја остваруваат судиската функција самостојно и независно. Тоа значи дека при секоја измена на одредбите кои се однесуваат на коефициентите на платите на судиите, особено во случај на нивно намалување, мора да се води сметка платата и понатаму да ја гарантира и обезбедува материјалната сигурност на носителите на судиската функција и со својот износ да претставува „брана“ од можни надворешни притисоци и влијанија и заштита од корупција.
Имајќи го предвид наведеното, Судот констатира дека Собранието на Република Северна Македонија при уредувањето на коефициентите за плати на судиите постапил спротивно на наведените ставови на Уставниот суд, бидејќи на 25 февруари 2026 година по трет пат ги намали коефициентите на судиските плати. Според оценката на Судот, законодавецот притоа не ги земал предвид факторите од кои зависи платата на судиите, како што се нивната општествена улога и значење и потребата тие да бидат заштитени од надворешни притисоци и влијанија и од корупција со плати, чијашто висина ќе им обезбеди материјална сигурност и особено фактот што функцијата судија е неспојлива со вршење на друга јавна функција или професија, со што судиите трајно се оневозможени да заработуваат средства за живот на друг начин и со дополнителна работа.
Повторното намалување на коефициентите на платите на судиите, според мислењето на Судот, исто така, не е во согласност со прифатените меѓународни стандарди во оваа област, посебно со Европската повелба за статусот на судиите според која „судските плати мора да бидат адекватни, за да се обезбеди вистинска економска независност и тие не смеат да бидат намалени за време на нивниот мандат“ и дека висината на платата на судијата треба да биде така утврдена за да ги заштити од притисоци коишто имаат за цел влијание врз нивните одлуки со што се загрозува нивната независност и непристрасност, како и со Препораката ЦМ/РЕЦ(2010)12 од 17 ноември 2010 година за независноста, ефикасноста и одговорностите на судиите, во која Комитетот на министри на Советот на Европа укажал дека платите на судиите треба да одговараат на нивната професија и одговорностите и да бидат доволни за да ги заштитат од притисоци заради влијание врз нивните одлуки; и дека треба да се воведат посебни правни правила за заштита од намалување на платите на судиите. Понатаму, Консултативниот совет на европските судии при Советот на Европа во своето Мислење бр.1 укажува дека „особено важно за новите демократии е да постои посебна правна одредба со која ќе бидат гарантирани судските плати од намалување и за да се обезбеди de facto зголемување на платите согласно трошоците на животот“.
Неспорно е дека во 2024 и 2025 година трошоците на животот беа зголемени, поради што беше забележан пораст на платите речиси во сите сектори и дејности, освен платите на носителите на јавните функции, односно избраните и именуваните лица, вклучувајќи ги судиите. Фактот што коефициентите за утврдување на платите на судиите беа намалени два пати во 2024 година и повторно во февруари 2026, според Судот, укажува на тоа дека постои тенденција на намалување на реалниот износ на судиските плати, што создава опасност за загрозување на нивната материјална положба, а со тоа и загрозување на независноста и самостојноста на судството. Оттука, Судот смета дека по првичното намалување на коефициентите за пресметка на платите на судиите во февруари 2024 година, просторот за натамошни интервенции на законодавецот во судиските плати е стеснет, бидејќи секое ново намалување на коефициентите значи намалување на реалниот износ на судиските плати, а со тоа и директно загрозување на самостојноста и независноста на судството и противуставно навлегување на законодавната и извршната власт во судската власт. Од претходно наведените меѓународни стандарди, произлегува дека платите на судиите се статусно нераскинливо поврзани со нивните утврдени прерогативи на независност и самостојност. Токму затоа, меѓународните стандарди коишто налагаат заштитни механизми против намалување на платите на судиите се во функција на заштита на овие прерогативи, самостојноста и независноста.
Уставниот суд со Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15.05.2024 година го оцени првичното намалување на коефициентите на платите на судиите како мерка од темпорален карактер, но, имајќи ги предвид двете последователни намалувања на коефициентите што следеа за период од две години, произлегува дека не станува збор за привремена мерка, туку се работи за очигледна тенденција на намалување на коефициентите што треба да доведе и до намалување на износите на судиските плати, што не може да се оправда од гледна точка на уставно загарантираната самостојност и независност на судската власт, владеењето на правото и правната сигурност како негов составен елемент.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот што по поведувањето постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.272/2024) Собранието наместо да постапи согласно ставовите на Уставниот суд изразени во Решението за поведување постапка од 24 декември 2025 година, изврши ново намалување на коефициентите на платите на судиите, Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.39/2026) поради постоење сомнеж за несогласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, членовите 51 и 54 и Амандманот XXV на Уставот на Република Северна Македонија.
При одлучувањето за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на судиите од февруари 2026 година по сопствена иницијатива, за Уставниот суд решавачки аргументи беа значењето на финансиската независност и самостојност на судството како елемент на уставно загарантираната самостојност и независност на судската власт, темелните вредности на уставниот поредок – владеењето на правото и поделбата на власта.
Исто така, од влијание беше фактот дека поради намалувањето на коефициентите на судиските плати, за што Уставниот суд изрази сомнеж за неговата согласност со Уставот, е спречен порастот на платите, со што директно е загрозена материјалната положба и сигурност и правата што произлегуваат од вршењето на судиската функција. Ова особено што оваа противуставна состојба трае подолг временски период, со очигледна тенденција да продолжи и во иднина поради непостапувањето на законодавецот во согласност со ставовите на Уставниот суд изразени во Решението У.бр.21/2025 и У.бр.52/2025 од 24 декември 2025 година и Решението У.бр.122/2024 и У.бр.123/2024 од 15 мај 2024 година и погоре наведените меѓународни стандарди.
V
Врз основа на сето наведено, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на ова решение.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија,
д-р Дарко Костадиновски