Цаца Николовска: Наместо чекање, можни се решенија преку Европскиот суд за човекови права за уставната заштита

На 24.03.2026 година, во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Во рамки на настанот, свое излагање имаше и поранешна судијка  во Европскиот суд за човекови права, Маргарита, Цаца-Николовска, која е ангажирана на ЕУ проектот. Николовска изјави:

Цела плејада на луѓе ни укажаа за потребата од воведување на уставна жалба и евидентно е дека станува збор за нешто што е во сферата на политиката и дегутантно е ние да го дискутираме од тој аспект. Очигледно е дека политичка волја не постои и затоа треба да се разговара повторно кога ќе има јасна политичка волја. 

Меѓутоа јас би сакала да укажам на неколку работи за правната заштита, којашто сметам дека апсолутно не е иста како и заштитата пред редовните судови. За жал, има многу различни  мислења и сметам дека нема да можеме да дојдеме до единствен став, како треба уставно-правната заштита да се остварува. Јас би укажала на неколку можности, на нешто што веќе постои и колку ние тоа прашање можеме да го елаборираме. ЕСЧП сеуште се нема произнесено по барањето дали заштита на човековите права преку Уставниот суд е задолжително, односно на странката да се остави кој правен лек да го избере. Второ е мислењето на Венецијанската комисија, трето е вонредните правни средства, кои всушност не се повеќе вонредни правни средства, така како што е наведено во Актот, за дел од нив Европскиот суд за човекови права се има произнесено. ЕСЧП сеуште го има писмото на поранешниот претседател на овој суд, Јордан Арсов кој укажува дека Уставниот суд е на некој начин супсидијарен орган кој може, но и не мора да одлучува по однос на заштитата на човековите права. 

Размислувам кое би било решението без да чекаме на некој начин да дојде до промена на Уставот. Нашата држава е потписник на Протоколот со кој постои можност да се бараат советодавни мислења од страна на Европскиот суд за човекови права и мислам дека ова правно средство, токму вие како Уставен суд да го употребите, бидејќи највисоките уставно-правни прашања кога се нерасчистени и има повеќе мислења за нив, а имајќи ја предвид досегашната пракса но и фактот дека се остава на странката да одлучи кој правен лек ќе го искористеи. Сметам дека може да побарате од нив мислења во насока на уставно-правната заштита.