Судија Павловска-Данева: Уставната тужба не треба да се копира, туку внимателно да се моделира

На 24.03.2026 година, во Уставниот суд се одржа тркалезна маса на тема „Воведување на уставна жалба?“, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Во рамки на настанот, свое излагање имаше и судијката, проф. д-р  Ана Павловска-Данева, која истакна:

Во македонската научна мисла преовладува ставот дека уставната тужба треба да се воведува во нашиот правен систем селективно и многу внимателно по еден рестриктивен пат, да не биде тоа копирано од соседите или од сите други европски држави што ги спомнуваме. Рамката на обемот на слободи и права чија заштита ќе потпадне под уставна тужба и жалба не ја има никој точно утврдено, бидејќи се уште не станува збор за отворање на Уставот, слушнавме и денес од овој премиер а и од претходните…тоа е навистина сензитивно прашање и ќе видиме кога можеме тоа да го очекуваме, лично  сметам дека воведување на уставна тужба/жалба најголем дел од нас во овој состав нема да го дочекаат. Некогаш тоа секако ќе се случи, но во овој момент зборуваме за обемот, за димензионирањето на овие права.  

 Рамка од страна на научната мисла не е дадена, но акцентот се става на политичките права, најмалку се зборува за економските права. Тука немаме ние едногласие ни како судии, научници или став од стручната тема.

Добро е што слушнавме дека не се помислува да се води некаква расправа за воведување на уставна тужба без ⅔ закон, без менување на Уставот, затоа што имаше мислења дека може да се воведе такво нешто без да се смени Уставот и добро е што го слушнавме тоа и од претставници на власта дека на таков чекор нема да се оди, што значи дека најпрво ќе треба да се смени Уставот, да се донесе двотретински закон, па да се подготви Уставниот суд, како во поглед на судиите и стручната служба, бидејќи апсолутно не станува збор дека Судот има капацитет да одлучува по уставни жалби.